Скопје, 2.4.2014 година
СООПШТЕНИЕ ЗА РАБОТНАТА СРЕДБА ОДРЖАНА ПОМЕЃУ НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, БАНКИТЕ, КЛИРИНШКИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
На 2. април 2014 година, во просториите на Народната банка на Република Македонија, се одржа работна средба на која присуствуваа претставници од банките, клириншките институции и Централниот регистар на Република Македонија. Состанокот го отвори вицегувернерката м-р Маја Кадиевска-Војновиќ, која ги претстави развојните планови на Народната банка во делот на унапредувањето на платежната статистика и нејзиното усогласување со рамката за платежна статистика на Европската централна банка. На средбата беа презентирани новата квартална информација за движењата во платниот промет, којашто Народната банка ќе започне да ја објавува во текот на 2014 година, и Споредбената анализа на платежната статистика на Народната банка со платежната статистика на Европската централна банка, со осврт на идните активности за приближување кон статистиката на Европската централна банка.
На состанокот, во отворена и конструктивна атмосфера, беа договорени конкретните активности за подобрување на квалитетот на податоците коишто банките и правните лица што се вклучени во работењето на платен систем или вршат други услуги поврзани со плаќања ги доставуваат до Народната банка. За таа цел, во текот на 2014 година ќе биде изработена методологија за платежната статистика којашто ќе биде предмет на дискусии и консултации со банкарскиот сектор. Методологијата за платежната статистика ќе биде вградена во подзаконската регулатива на Народната банка, при што ќе биде унапреден и електронскиот систем за доставување на податоците за платежна статистика.
Материјали коишто беа презентирани на работната средба:
Квартална информација за движењата во платниот промет во 4. квартал од 2013 година
Споредбена анализа на платежната статистика на Народната банка со платежната статистика на Европската централна банка
|