Заради остварување на ценовната стабилност, како примарна цел на монетарната политика, Народната банка располага со различни инструменти за монетарно регулирање.

Имајќи предвид дека помеѓу инструментите и крајната цел на монетарната политика постои сложена и индиректна поврзаност со временско задоцнување, Народната банка го следи движењето на одредени економски варијабли - оперативни и посредни цели. Оперативните цели полесно се контролираат, но се подалечни од крајната цел, додека посредните цели потешко се контролираат, но се поблиски до крајната цел. Преку управувањето со нивото на каматните стапки, а со тоа и нивото на ликвидните средства во банкарскиот систем, како оперативна цел, Народната банка настојува да влијае врз нивото на девизниот курс, како посредна цел на монетарната политика.

Од инструментите на Народната банка, најфлексибилни се операциите на отворениот пазар, коишто зависно од ликвидносната состојба во вкупниот банкарски систем, можат да се спроведуваат преку емисија на хартии од вредност на Народната банка - аукции на благајнички записи, или преку купување или продажба на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа. Стандарден инструмент претставува задолжителната резерва преку која Народната банка директно влијае врз понудата на пари и кредити. За надминување на краткорочниот ликвидносен недостиг кај банките на крајот на денот, Народната банка одобрува расположлив кредит преку ноќ. Во услови на краткорочен вишок на ликвидност, банките можат да пласираат средства кај Народната банка во расположливи депозити преку ноќ и на седум дена.

Инструменти на монетарната политика:

Ликвидносна состојба на банкарскиот систем  

Индикативен календар за редовни монетарни операции за 2025 година