Платежни картички

Платежните картички се користат од страна на нивните носители при плаќање за купените стоки и услуги на местото на продажба или пак преку интернет, и за повлекување готовина од банкомат.

Најчесто користени платежни картички се дебитните и кредитните картички:

  • Дебитните картички се поврзани со банкарска сметка и му овозможуваат на носителот да повлекува готовина од неа со посредство на банкомат или да врши плаќање на купените стоки и услуги. Како резултат на тоа, секоја од претходно споментатите активности доведува до задолжување на банкарската сметка со која е поврзана дебитната картичка. Задолжувањето на банкарската сметка може да биде без одложување или со утврдено временско одложување. Дебитните картички се најраспространетиот вид платежни картички во Република Северна Македонија.
  • Кредитните картички му обезбедуваат на носителот кредитна линија и можност за одложено плаќање. Големината и траењето на кредитна линија е предмет на договор меѓу сопственикот на кредитната картичка и издавачот на кредитната картичката. Во Република Северна Македонија употребата на кредитните картички е релативно помала во однос на употребата на дебитните картички.