Скопје, 27 април 2025 година
„Членството на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) е потврда за успешните регулативни реформи предводени од Народната банка и следствено високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошното поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржувањето на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност. Светската банка (СБ) и натаму ќе ги поддржува активностите на Народната банка за ефективно приклучување на нашите финансиски институции кон европските платежни системи, како и за приклучување кон регионалниот проект за инстант плаќања.“ Ова беше истакнато на средбите на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, со високите претставници на Светската банка, односно заменик-претседателката на СБ за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан, Шијаочинг Ју, директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка. На состаноците учествуваа и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами.
Во однос на понатамошната интеграција на финансискиот систем и унапредувањето на квалитетот на услугите за граѓаните и стопанството, Ангеловска-Бежоска информира за постигнатиот успех, поточно за приклучувањето кон СЕПА. Таа истакна дека овој чекор е резултат на големиот напор во изминатиот период за реформирање на законската и регулативната рамка и нејзиното усогласување со европските стандарди. Оваа стратегиска определба не само што ќе овозможи поефикасни и поевтини прекугранични плаќања, туку и ќе го поддржи процесот на европска интеграција.
„Членството во СЕПА е стратегиско достигнување, но и основа за предизвиците коишто претстојат. Народната банка со поддршка на Светската банка продолжува со усогласувањето на националното законодавство со законодавство на Европската Унија. Народната банка веќе ги донесе дополнителните промени во регулативната рамка за извршување на плаќањата со странство, коишто ќе започнат да се применуваат од 5 октомври годинава, кога давателите на платежни услуги ќе може за првпат да се приклучат кон платните системи во СЕПА. Следната година акцентот ќе биде ставен на инстант плаќањата. Овие активности ја потврдуваат посветеноста на Народната банка на целосна финансиска интеграција во ЕУ“, истакна гувернерката во своето обраќање на тркалезната маса посветена на СЕПА, при што посочи дека домашните банки во соработка со Народната банка напорно работат за да можат во следните неколку месеци целосно да се интегрираат во европскиот екосистем за плаќања, нудејќи им на своите клиенти услуги еднакви со оние коишто се нудат во ЕУ.
На средбите со високите претставници на Светската банка позитивно беа оценети и политиките на Народната банка за одржување на финансиската стабилност, при што акцентот беше ставен на техничката помош од Светската банка, со којашто преку повеќе проекти дополнително се јакнат капацитетите на земјата и централната банка во неколку области поврзани со банкарскиот систем. Тие се однесуваат на унапредувањето на макропрудентната рамка, како и на заокружувањето на подзаконските акти на Законот за решавање банки.
„Народната банка донесе 12 одлуки коишто ја заокружуваат регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, којашто ги подвлече проектите коишто Народната банка ги оствари со поддршка од Светската банка и во доменот на климатските ризици, како што е развивањето на методологијата за стрес-тестирање на деловните банки.