На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика, одржана вчера на 8.10.2013 година, беа разгледани најновите макроекономски и пазарни показатели, во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика
Скопје, 9.10.2013 година
Соопштение од Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ
На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика, одржана вчера на 8.10.2013 година, беа разгледани најновите макроекономски и пазарни показатели, во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика.
Најновите движења не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика во однос на претходните оцени, дадени во септември. Така, годишниот раст на инфлацијата сѐ уште забавува и во септември изнесуваше 1,6%. Инфлациските остварувања се во рамките на проекциите целосно, а последните оцени и понатаму укажуваат на врамнотежени ризици околу проектираната просечна инфлација од 2,8% за 2013 година. По високиот раст на БДП во вториот квартал од 3,9%, се очекува дека растот ќе се задржи, но дека ќе биде умерено понизок, во согласност со показателите за економската активност, како што се градежништвото и индустријата. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Последните податоци за девизните резерви заклучно со септември покажуваат нивен постојан раст од почетокот на јули наваму, при што Народната банка во текот на овој период изврши нето-откуп на девизи, согласно со вообичаените сезонски движења. Показателите за адекватност на резервите и понатаму се во сигурната зона и укажуваат на ниво на девизни резерви што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови. Според првичните податоци за кредитните текови, во септември има мал месечен раст на кредитната активност, при пад на кредитирањето на корпоративниот сектор и понатамошен раст на кредитната поддршка на секторот „население“. Ризиците околу проекцијата на кредитите и понатаму се оценуваат како претежно надолни и се поврзани со натамошните согледувања на банките за присуство на ризици, како и со конзервативните стратегии применувани од големите банкарски групации во македонскиот банкарски систем. Сепак, се очекува дека претходно извршеното намалување на основната каматна стапка, како и останатите мерки преземени досега од страна на Народната банка ќе имаат стимулативни ефекти врз подготвеноста на банките за кредитирање во следниот период. Месечниот раст на депозитите во банкарскиот систем забрза во септември, но тој и понатаму се зголемува побавно од очекувањата.
Во септември, ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија се зголеми под влијание на автономните фактори, во најголем дел заради сезонскиот пад на готовите пари во оптек. Банките активно ги користеа монетарните инструменти за надминување на ликвидносните флуктуации, а на пазарот на депозити, меѓубанкарските трансакции беа со рочност до еден месец.
Најновите макроекономски показатели за евро-зоната, којашто во вториот квартал излезе од рецесија, укажуваат на натамошно економско закрепнување. Имајќи ги предвид ризиците коишто влијаат врз динамиката и интензитетот на закрепнување на економијата (висока невработеност, намалено кредитирање, фискална консолидација), Европската централна банка продолжи да спроведува стимулативна монетарна политика. Во САД, и покрај очекувањата за отпочнување со постепено повлекување на креираната ликвидност, на состанокот на ФЕД беше одлучено да не се започне со намалување на месечниот откуп на државни и хипотекарни хартии од вредност. Исто така, економските агенти се соочуваат и со висока неизвесност во однос на постигнувањето политички компромис за фискалните прашања (буџетот за фискалната 2014 година и подигнување на горната граница на јавниот долг).
И покрај релативно поволните движења гледано од монетарен аспект, ризици сепак постојат. Ова во голема мера се однесува на надворешното окружување, коешто и понатаму создава ризици за надворешната позиција на македонската економија. Исто така, иако се оценува дека вкупната инфлација ќе остане во рамки на проекцијата и во прифатливи рамки, базичната инфлација и понатаму е релативно повисока, укажувајќи на присутни пренесени ефекти.
Во вакви услови на стабилни движења, но сѐ уште присутни ризици, а имајќи ги предвид и очекуваните ефекти од мерките преземени претходно од страна на Народната банка, беше одлучено основната каматна стапка на Народната банка да биде задржана на постојното ниво од 3,25%, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари). Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.
Кабинет на гувернерот