Оваа политика на приватност дава општи информации за начинот на кој Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ги користи Вашите лични податоци кога присуствувате на настан организиран од НБРСМ.
1. Цел и законска основа за собирање и обработка на личните податоци.
Целта на обработката на личните податоци е организирање и управување со настаните на НБРСМ (состаноци, обуки, конференции и други настани) во смисла на извршување на нејзините задачи, како и:
- Пријавување лица заинтересирани за учество на настанот;
- Управување со списоците на покани и учесници;
- Управување со превозот за учесниците (на пр. од/до аеродром до/од местото на настанот);
- Управување со контролата на пристапот до местото на настанот;
- Доставување информации, извештаи, публикации и други документи за настанот до поканетите и до пријавените учесници;
- Организирање активности по завршувањето на настанот;
- Споделување содржини за настанот (на пр. аудиовизуелно снимање или пренос во живо) преку канали за комуникација (на пр. социјални медиуми и веб-страници) и внатрешни платформи за вршење пренос.
Поконкретно, личните податоци се обработуваат согласно со одредбите од Законот за заштита на личните податоци, особено член 10 став (1) алинеја 1 со кој се регулира согласноста на лицето за обработка на неговите лични податоци.
2. Кои лични податоци ги собираме?
Информациите што се бараат од Вас служат исклучиво за обработка на Вашата пријава за конференции и настани организирани од НБРСМ и се наменети за администрацијата на НБРСМ.
Пред и за време на овие настани, НБРСМ може да обработува:
- Информации за контакт на учесниците пријавени на настанот: име и презиме, работно место, организација, е-пошта, телефонски број и други информации релевантни за организацијата на настанот;
- Податоци за евентуален посебен режим на исхрана и специјална помош, обработени на безбеден начин со единствена цел да се задоволат посебните потреби или барања за посебен режим на исхрана;
- Фотографии, аудио или видеоснимање и веб-пренос на говорниците, учесниците или организаторите, како и писмена кореспонденција меѓу учесниците на состаноците (функција за разговор за време на видеоконференција).
3. Кој има пристап до Вашите лични податоци?
Обработката на личните податоци ја вршат овластени работници во НБРСМ.
Пристап до Вашите лични податоци имаат само НБРСМ, нејзините агенти задолжени за организирање на настаните и хотелите со кои соработува.
НБРСМ може да ги користи фотографиите, аудио или видеоснимките од настаните за информирање на јавноста, како и за нивно објавување на веб-страницата на НБРСМ.
4. Време на чување на собраните лични податоци.
Личните податоци се обработуваат во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци. Податоците коишто ги собираме се чуваат во согласност со закон, односно 2 години по одржувањето на настанот. По оцена на Библиотеката и архивот на НБРСМ, некои податоци може да се чуваат подолг период исклучиво за целите на архивирање од јавен интерес, за научни или за историско-истражувачки цели согласно со член 86 став (1) од Законот за заштита на личните податоци.
5. Кои се Вашите права?
Народната банка ќе ги обработува Вашите лични податоци, фотографии и аудио или видеоснимки само со Ваша согласност.
Доколку имате дадено согласност на НБРСМ за обработка на Вашите лични податоци, имате право за повлекување на согласноста во секое време, без тоа да влијае врз законитоста на обработката којашто била заснована на согласноста пред да биде повлечена.
6. Кој е контролор на податоците и како да ги остварите Вашите права?
НБРСМ е контролор на личните податоци. За дополнителни информации и/или остварување на Вашите права за заштита на личните податоци, можете да контактирате со нашите офицери за заштита на личните податоци.