Почитуван г. Орав, амбасадор на ЕУ во Република Македонија
почитуван г. Мос, генерален директор на Генералниот директорат за меѓународни и европски односи при ЕЦБ, дами и господа, почитувани гости, претставници на медиумите,
Ми претставува посебно задоволство и чест што денес можам да ве поздравам во НБРМ на јавното претставување на Проектот за анализа на потребите на Народната банка на Република Македонија во процесот на пристапување кон Европскиот систем на централни банки и Евросистемот.
Најпрво, би сакал да ѝ се заблагодарам на ЕУ за обезбедената финансиска помош и да изразам посебна благодарност до Делегацијата на ЕУ во нашата земја за укажаната поддршка во остварувањето на Проектот. Воедно, би сакал да изразам голема благодарност до ЕЦБ за заложбите и подготвеноста за спроведување на Проектот со НБРМ, како и до националните централни банки од Евросистемот, вклучени во Проектот, за нивниот придонес во неговото остварување.
Имајќи ја предвид стратешката определба на нашата земја за членство во ЕУ, пред неколку години, НБРМ го иницира овој проект за соработка со ЕЦБ со цел да се утврдат неопходните промени во националната регулатива, организацијата и човечките ресурси во НБРМ потребни за постигнување на стандардите за работа на централните банки од ЕУ. Со остварувањето на Проектот, како и со последователниот проект за спроведување на препораките што ќе произлезат од овој проект, што се надевам ќе се случи, би се овозможило НБРМ полесно и ефикасно да го спроведе процесот на приклучување во Европскиот систем на централни банки, а подоцна и во Евросистемот, штом Република Македонија ќе ги исполни критериумите за пристапување во ЕУ.
Во текот на изминатите три месеци, експертите од ЕЦБ и националните централни банки вклучени во Проектот, во соработка со експертите од НБРМ, ги спроведоа активностите планирани со првата фаза за поставување одредници за работењето на НБРМ според европските стандарди за работа и најдобри практики, во десет области: монетарна политика и политиката на девизниот курс, економска анализа и истражување, статистика, платни системи, банкноти, сметководство, правни услуги, внатрешна ревизија, информатичка технологија и човечки ресурси. Како резултат на добрата соработка на експертите, нивното залагање и посветеност во работата на Проектот, Управниот одбор на денешниот прв состанок ги усвои одредниците во сите планирани области, со што, со задоволство можам да кажам дека, првата фаза од Проектот е успешно завршена.
Во периодот што следи, експертите од Евросистемот треба да ги проценат состојбите во правната рамка и практиката во работењето на НБРМ во овие области и да ги утврдат „јазовите“ во однос на договорените одредници, на што НБРМ е целосно посветена и е подготвена за отворена соработка. Препораките и насоките што ќе ги добиеме во вид на извештај во третата и последна фаза, ќе претставуваат основа за поставувањето на стратешките насоки за јакнење на институционалниот капацитет на НБРМ во наредниот период.
Почитувани, спроведувањето на европските стандарди и најдобри практики во работењето на НБРМ е од особено значење, бидејќи не само што ќе го овозможи процесот на пристапување на НБРМ во ЕСЦБ, туку ќе придонесе и за обезбедувањето на ценовната стабилност и стабилноста и ефикасноста на финансискиот систем во земјата, воопшто, што е и предуслов за членство во ЕУ.
Дозволете да ве уверам дека раководството и вработените на Народната банка професионално ќе одговорат на предизвикот и ќе го искористат овој проект за натамошно подигнување на капацитетот и кредибилитетот на нашата институција.
На крајот, дозволете ми на сите учесници во Проектот да им посакам успех и натамошна добра соработка во работата што им претстои, верувајќи дека соработката со ЕЦБ и националните централни банки од ЕСЦБ во иднина ќе се продлабочи. Уште еднаш да му се заблагодарам на ДЕУ што го овозможи остварувањето на овој проект, со надеж за натамошна поддршка во обезбедувањето последователен проект за спроведување на препораките, а на останатите гости да им се заблагодарам за присуството.