Листа на дозволи и согласности коишто ги издава Народната банка на Република Северна Македонија, во согласност со Законот за банките
1. Дозвола за основање и работење на банка;
2. Дозвола за статусни промени кај банка;
3. Дозвола за отворање и работење на филијала на странска банка;
4. Согласност за измена и/или дополнување на статут на банка;
5. Согласност за почнување со вршење на активностите од членот 7 став (1) точки 5, 8, 9, 13, 14, 15, 16, 17, 18 и 23 од Законот за банките;
6. Согласност за именување членови на надзорен одбор;
7. Согласност за именување членови на управен одбор;
8. Согласност за основање подружница, филијала или претставништво во странство или стекнување капитални делови во банка;
9. Согласност за основање или стекнување капитални делови коишто изнесуваат повеќе од 10% од сопствените средства на банката, директно или индиректно, во небанкарска финансиска институција или во нефинансиска институција;
10. Согласност за отворање претставништво на странска банка;
11. Согласност за промена на име и седиште на банка;
12. Согласност за стекнување акции во банка чиј вкупен кумулативен номинален износ изнесува или надминува 5%, 10%, 20%, 33%, 50% и 75% од вкупниот број акции, односно од вкупниот број издадени акции со право на глас во банката, директно или индиректно, постапно или одеднаш, без оглед на тоа дали акциите ги стекнува едно, или повеќе поврзани лица. (Подетални информации за документите, податоците и информациите кои се доставуваат кон барањето за стекнување квалификувано учество во банка, начинот на нивното доставување, како и начинот и постапката за нивното оценување од Народната банка се достапни ТУКА.)
Постапките за издавање дозволи или претходни согласности за коишто е надлежна Народната банка вклучуваат поднесување барање и соодветна документација, којашто понатаму е предмет на проверка, анализа и оцена за исполнетоста на условите за издавање на предметната дозвола или согласност од страна на Народната банка.
Видот на документацијата, начинот на нејзиното доставување, начинот и постапката за оценување на документацијата, како и условите и постапката за издавање дозвола или претходна согласност се предвидени со Законот за банките (https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-zakon-za-bankite.nspx) и подзаконската регулатива, и тоа: за дозволите од точките под бр. 1, 2 и 3 со Одлуката за издавање дозволи (https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka_dozvoli.nspx), а за согласностите од точките под бр. 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12 со Одлуката за издавање согласности (https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka_soghlasnosti.nspx ).
Начин на вршење на супервизија и надзор:
Народната банка врши супервизија на работењето на банките на коишто им издала дозвола за основање и работење. Преку супервизијата, Народната банка ја оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банката со прописите.
Супервизорската функција Народната банка ја остварува преку:
1) перманентно вонтеренско следење на работењето на банката со прибирање и анализи на извештаите и податоците кои ги доставува банката;
2) непосредна, целосна или делумна теренска контрола во самата банка;
3) одржување контакти со членовите на органите на банката и со друштвото за ревизија и
4) соработка и размена на податоци и информации со други супервизорски органи.
Начинот на кој Народната банка ја врши супервизија е подетално пропишан во подзаконскиот акт – Одлука за начинот на вршење супервизија и надзор, која е достапна на следната врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka_supiervizija_i_nadzor.nspx
Мерки коишто може да ги преземе Народната банка
Во согласност со Законот за банките, мерки се дејствијата преземени од страна на Народната банка за отстранување на неправилностите, неусогласеностите и незаконитостите во работењето на банката.
Народната банка презема мерки и определува рокови за нивно спроведување, доколку банката, банкарската група, акционерите или органите на банката не ги почитуваат прописите со кои е уредено работењето на банките или нивните интерни процедури, или доколку е тоа потребно заради одржување на сигурноста и стабилноста на банката или на банкарскиот систем во целина.
При одлучувањето за мерките што ќе ги преземе, Народната банка се раководи од: видот и сериозноста на незаконитоста и/или неправилноста; влијанието или потенцијалното влијание на мерката врз банката или врз нејзините депоненти заради спречување натамошно влошување на состојбата во банката; потребата за одржување на сигурноста и стабилноста на банката или на банкарскиот систем во целина; дали незаконитоста, односно неправилноста била намерна и/или се повторува и подготвеноста на органите на банката за отстранување на утврдените незаконитости и неправилности.
Мерки што ги презема Народната банка се:
1) редовни мерки коишто може да бидат изречени со: препорака, писмено предупредување или меморандум;
2) дополнителни мерки;
3) воведување администрација;
4) повлекување согласност и
5) одземање дозвола.
Одредбите од Законот за банките коишто се однесуваат на изрекување редовни мерки, дополнителни мерки, повлекување согласност и одземање дозвола соодветно се применуваат и за штедилниците.