Макропрудентната политика на Народната банка

Макропрудентната политика на Народната банка е првенствено насочена кон банкарскиот сектор, како најголем сегмент од финансискиот сектор и клучен за одржувањето на финансиската стабилност. Исто така, во согласност со законските овластувања да воспоставува, да регистрира и да врши надзор над сигурноста, стабилноста и ефикасноста на системите за плаќање, порамнување и клиринг, Народната банка ги следи ризиците и презема мерки за одржување сигурна и стабилна инфраструктура на финансиските пазари.

Преку спроведувањето на макропрудентната политика, Народната банка цели да ги спречи, да ги намали или да ги отстрани системските ризици и да ја зајакне отпорноста на банкарскиот сектор на шокови.

Закони што го уредуваат макропрудентниот мандат на Народната банка и ги дефинираат макропрудентните инструменти се:  Законот за Народната банка, Законот за финансиска стабилност и Законот за банките.

Во согласност со Законот за Народната банка, утврдувањето и начинот на примената на макропрудентните инструменти е во надлежност на Советот на Народната банка во насока на извршување на неговата надлежност за спроведување на макропрудентната политика. Преземањето на макропрудентните мерки (односно определувањето на висината на макропрудентните инструменти)  е во надлежност на Извршниот одбор на Народната банка. Анализите и оцените за потребите на воведување, менување или укинување на макропрудентните мерки се вршат во Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика. Подетално за можните макропрудентни инструменти на Народната банка види во Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија.

Закон за Народната банка

Закон за финансиската стабилност

Закон за банките