Институционална поставеност

Во Република Северна Македонија, задолжени за спроведување на макропрудентната политика се сите регулатори на финансискиот систем за сегментот од финансискиот систем кој што е во нивна надлежностa, а меѓусебната соработка и координација на активностите се остварува преку Комитетот за финансиска стабилност.

Надлежни регулатори на финансискиот систем се:

  • Народната банка, за банките, штедилниците и другите финансиски институции на кои им издала дозвола;
  • Министерството за финансии за финансиските друштва и друштвата за финансиски лизинг;
  • Aгенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за пензиските фондови;
  • Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) за друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурителните брокери, застапниците во осигурувањето и националното биро за осигурување; и
  • Комисијата за надзор на пазарот на капитал за пазарот на капитал и учесниците на него.

Комитетот за финансиска стабилност претставува меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во Република Северна Македонија и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем, при преземањето макропрудентни мерки и при подготовката и управувањето со финансиска криза. Основан е со Законот за финансиска стабилност од 2022 година, а во неговиот состав членуваат претставници од сите регулатори на финансискиот систем и тоа: гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), претседателот на Комисијата за надзор на пазарот на капитал, пет претставници од Народната банка именувани од гувернерот и три претставници од Министерството именувани од министерот за финансии.

Најважни задачи на Комитетот за финансиска стабилност се да го следи спроведувањето на макропрудентната политика во земјата,  да ги согледува состојбите во финансискиот систем и анализира системските ризици, да ги разгледува макропрудентните мерки и обезбедува соработка и координација помеѓу надлежните регулатори. Комитетот може да дава укажувања и изрекува препораки заради спречување или намалување на системските ризици и одржување на финансиската стабилност.

Во рамките на Комитетот функционираат два поткомитета, како помошни тела за поддршка на активностите на Комитетот, и тоа: Поткомитетот за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитетот за подготовка за управување со финансиска криза.

Закон за финансиската стабилност

Улогата на Народната банка

Народната банка има законска обврска да придонесува кон постигнување и одржување на финансиската стабилност, а тоа го остварува преку спроведување на макропрудентната политика и вршење на други задачи и активности согласно со Закон.

Законот за Народната банка го утврдува придонесот кон постигнувањето и одржувањето на финансиската стабилност како друга цел на Народната банка, која е подредена на основната цел, а тоа е постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност.

Заради остварувањето на оваа цел Народната банка спроведува макропрудентна политика и презема макропрудентни мерки кон банките, штедилниците и другите финансиски институции на кои им издала дозвола. Воедно, врши и други задачи и активности заради одржување на финансиската стабилност, вклучително и учество во работата на Комитетот за финансиска стабилност и соодветните поткомитети, изработка на макропрудентната стратегија, следење и идентификување на системските ризици во банкарскиот систем и пошироко во финансискиот сектор, изработка на годишен извештај за финансиката стабилност, соработка со други институции и тела и слично.