Стратегија
Стрaтегискиот план на Народната банка за периодот 2022-2024 година е поставен под мотото „Централна банка којашто со флексибилни, соодветно осмислени и навремени одлуки, во време на брзи промени и дигитална трансформација, придонесува за повисок животен стандард на граѓаните преку создавање амбиент на одржлив и инклузивен економски развој“.
Стратегискиот план на Народната банка на Република Северна Македонија се утврдува врз основа на мисијата, визијата и организациските вредности на Народната банка, во зависност од макроекономското окружување и клучните предизвици и ги содржи основните стратегиски цели за наредниот тригодишен период.
МИСИЈА
Со исполнувањето на својот мандат и надлежности придонесува кон одржување на ценовната и финансиската стабилност за одржлив и инклузивен економски развој и повисок животен стандард на граѓаните. Придонесува кон одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем отпорен и флексибилен на брзите промени од окружувањето, којшто функционира во најдобар интерес за потрошувачите и целокупната економија.
ВИЗИЈА
Визијата на Народната банка е да биде препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.
ВРЕДНОСТИ
Народната банка работи согласно со следниве принципи и вредности: квалитет, интегритет, лојалност, транспарентност, лидерство, иновативност, флексибилност, професионализам и тимски дух.
Остварувањето на својата визија и мисија во рамките на својот мандат и надлежности во наредниот тригодишен период ќе биде насочено преку следниве стратегиски цели:
СЦ1 |
Унапредување на инфраструктурата за водење на монетарната политика |
СЦ2 |
Задржување и натамошно јакнење на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем |
СЦ3 |
Поддршка на населението и корпоративниот сектор преку развивање сигурни, иновативни и ефикасни платни системи |
СЦ4 |
Унапредување на инвестициската политика и обезбедување оптимален поврат на девизните резерви согласно со принципите на сигурност и ликвидност |
СЦ5 |
Приспособување кон стандардите на Европскиот систем на централни банки |
СЦ6 |
Зголемена транспарентност и отчетност |
СЦ7 |
Финансиска едукација и инклузија |
СЦ8 |
Зголемена свесност за климатските промени и придонес за зелена одржлива економија |
СЦ9 |
Зајакнување на управувањето со ризиците на ниво на Народната банка |
Преку деветте стратегиски цели, Народната банка и понатаму ќе биде посветена на унапредувањето на спроведувањето на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, управувањето со девизните резерви, а во крајна линија заради обезбедување на услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги. Истовремено, со оглед дека живееме во време на забрзани промени на глобалната сцена, како резултат на процесите на глобализација, дигитализација, иновација, климатски промени и глобална здравствена пандемија, Народната банка стави акцент и на овие нови трендови во овие области.