Воведно обраќање на гувернерот м-р Петар Гошев по повод доделување на годишната награда на НБРМ и 18-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување, организиран во Скопје, 26.04.2010 година
Почитувани,
Драги пријатели,
Дозволете ми во свое име и во името на сите вработени во Народната банка на Република Македонија, најтопло да ве поздравам и да ја изразам мојата огромна благодарност до сите Вас што одвоивте време, денес, на овој важен ден, да бидеме овде заедно.
Ден на кој точно пред 18 години започна да се гради монетарната историја на самостојна Република Македонија. Тогаш, всушност, Собранието на Република Македонија ги усвои често спомнуваните закони: „Законот за Народната банка на Република Македонија", „Законот за паричната единица на Република Македонија", „Законот за употребата на паричната единица на Република Македонија". Со нив беше положена основната правна рамка за работа на македонската банка на банките, ентитет што го има секоја држава. Тоа беше всушност почетокот на почетокот. За време на тој почеток јас бев член на првиот плуралистички парламент на самостојна Република Македонија. Значи, бев во улога на законодавец. Се разбира, тоа беа возбудливи и незаборавни мигови.
Но сигурен сум, не помалку возбудлива била задачата за сите што требаше да ја почнат нивната примена. Имено, предизвиците на штотуку етаблираната монетарна власт беа огромни. Од амбиент на хиперинфлација и огромна неизвесност требаше да се создаде амбиент на ниски стабилни цени, а со тоа и амбиент на прифатлива, продуктивна неизвесност. И работата започнува. Тогашните вработени, добар дел од нив се и денешни, успешно ги поставија оперативните основи на монетарната политика, којашто ќе може континуирано да испорачува ценовна стабилност, се разбира, со нужниот придонес на другите политики што не се во надлежност на НБРМ.
Истовремено, интензивно започнува и работата на градење стабилен банкарски систем, здрава финансиска инфраструктура, како клучен услов за ефикасна, со прифатливи ризици на одвивање на таканаречена рочна трансформација на домашното и позајменото штедење на патот до инвентивните инвеститори. Всушност, започнува долгиот, трнлив процес на градење на банкарската супервизија; на континуираното зајакнување на нејзиниот капацитет, на развивањето и примената на подзаконската регулатива која ќе испорачува, повторно нагласувам, во содејство со други незаменливи важни политики, стабилен, здрав, модерен, финансиски амбиент.
И што може да се каже по 18 изминати години?
Без непотребни скромности, можам да кажам дека Народната банка денес е институција којашто има јасно дефинирани цели, функционален сет на пазарно поставени инструменти и завидно успешно досие на остварување на поставените цели. Историјата на ниска и стабилна инфлација, на стабилна вредност на домашната валута, на отпорен и стабилен банкарски систем е карактеристика којашто на Народната банка ѝ дава квалификатив на квалитетна и успешна независна институција со заслужен завиден кредибилитет. Последната криза, веќе „опеана" како една од најдолгите и најдлабоките светски рецесии, е тест којшто може да кажеме успешно го минуваме. Оваа криза покажа дека имаме капацитет соодветно да ги цениме ризиците, навреме да преземаме мерки за отстранување на пречките во остварувањето на нашите основни цели, и адекватно да влијаеме врз очекувањата на домашните економски субјекти. Во оваа криза, со корени во финансискиот систем, факт е дека довербата во нашиот банкарски систем не беше нарушена, дека системот се покажа доволно цврст и стабилен и дека за кратко време се враќа на патеките на умерен, но постојан раст.
Почитувани, добри резултати, особено во вакви области, не се остваруваат преку ноќ. Ниту пак има резултати коишто се доволно добри што не треба да бидат подобри. Досегашните остварувања се плод на континуирана работа и на индивидуално и на тимско ниво, плод на продуктивната конфронтација на ставовите и мислењата на вработените во Банката, плод на континуирани учења и обуки во и најмногу надвор од земјата.
Тоа континуирано учење и обучување постојано се вградува во одлуките на Народната банка коишто имаат директни импликации врз економијата. Но, непотребно е да се нагласува дека просторот за унапредување на постојната и аналитичката инфраструктура секогаш ќе биде недоволно пополнет. И токму затоа што е тоа така, и токму затоа што кризите и натаму се составен дел на нашето дејствување, грубо но некогаш и сурово предупредувајќи н? дека знаењето во светот е далеку од потребното, процесот на континуирано учење и позитивна селекција за влез во централната банка и во иднина ќе продолжи да биде исклучително важна преокупација, како процес на централната банка кој никогаш не завршува.
Всушност, денес кога сите ги сумираме последиците од светската финансиска и економска криза, кога ги бараме грешките во структурата на системите и во чекорите на политиките, кога се трудиме да ги идентификуваме главните лекции од кризата, повторно разбираме дека нашето знаење и нашите вештини не биле доволни за да не заштитат од идни вакви потреси. Вилијам Вајт, поранешен главен економист на БИС во својот напис „Модерната макроекономија е на погрешен колосек" (Modern macroeconomics is on the wrong track) ги изложува причините, зошто, иако предупредувања за кризата постоеја, сепак носителите на политиките останаа глуви на нив. Како едно од објаснувањата коишто тој ги нуди е проблемот на постојната макроекономска парадигма, којашто не остава простор за криза, од таков вид од каков што неодамна искусивме. Но, едноставното унапредување на постојната макроекономска аналитичка рамка, според него, нема да биде доволно за да се избегнат идните кризи. Тој вели дека е потребно нејзино редизајнирање. Имено, последната криза покажа дека моделите со претпоставка за рационални очекувања потфрлија, но исто така потфрлија и кејнзијанските модели, коишто не можат да ги оценат пресвртните точки во економијата, бидејќи иднината, пред с? ја оценуваат преку минатото. Кризата, исто така, покажа дека занемарувањето на финансиската компонента (како што се преголемото задолжување на корпоративниот сектор, населението и на финансискиот сектор) може да биде фатално, потенцирајќи ја истовремено потребата од подлабока истражувачка работа на полето на функционирањето на финансискиот систем. Бланшард, главниот економист на ММФ, во своите видувања за лекциите од кризата во однос на макроекономските политики укажува на тоа дека „Кризата не е предизвикана првенствено од макроекономската политика. Но таа ги покажа недостатоците на предкризната рамка на политиките, присилувајќи ги носителите да изнајдуваат нови политики за време на кризата и присилувајќи не нас да размислуваме за архитектурата на посткризната макроекономска политика" . Накратко, според него иако крајните цели и натаму остануваат стабилниот јаз во БДП и стабилната инфлација, сепак на мапата на носителите на политиките треба да постојат и дополнителни цели (структурата на БДП, цените на недвижностите и на финансиската актива и задолжувањето на економските субјекти). Исто така, според него кризата упати на можноста за користење поголем број расположливи инструменти за исполнување на целите од оние користени досега, а комбинираната употреба на традиционалните монетарни инструменти со регулаторните мерки и подоброто функционирање на автоматските стабилизатори на фискалната политика се едни од најчесто споменуваните. Жан-Клод Трише, гувернерот на ЕЦБ, лекциите од кризата ги гледа во усовршување и проширување на надгледувањето на врската помеѓу финансиските пазари и макроекономијата. Тој вели, „Потребно е подобро да бидат идентификувани финансиските ризици и растечкиот потенцијал овие ризици да се пренесат и добијат системски димензии".
Некои обиди за конкретизација и поедноставувања за замена на некои од постојните со нови парадигми, како резултат на лекциите од кризата систематизираат, на пример, на овој начин:
„Наместо монетарна политика фокусирана само на стабилноста на цените, ни треба монетарна политика фокусирана на инфлацијата, но исто така насочена и против финансиските дисбаланси".
„Наместо микропрудентна политика фокусирана врз индивидуални банки, ни треба микропрудентна политика венчана со макропрудентен фокус врз системскиот ризик".
„Наместо потпирањето само врз внатрешното управување со ризикот, саморегулирањето и пазарната дисциплина, досегашен постоечки фокус, нужно е фокусирање кон повисок банкарски капитал, подобро управување и продолжен периметар на регулирањето".
„Наместо фискална политика којашто не се грижи доволно за финансиската стабилност, потребна е јасна контрациклична политика којашто вклучува фискални амортизери".
„Наместо само фокусирање врз домашните таргети, потребна е поголема глобална координација“.
И евидентно, не е доволно секој да си го уредува само својот дом. Поврзаноста на светот е драматично зголемена.
Всушност, ова говори дека финансиската стабилност има потреба од монетарната политика. Но, притоа, не е прашањето дали монетарната политика треба да ги таргетира цените на акциите, недвижностите и основните суровини. Прашањето е како монетарната политика може да биде посиметрична и насочена против ѕидањето финансиски дисбаланси. Прудентните политики, дури и двете заедно, микро и макропрудентни, не се доволни за одржување на финансиската стабилност. Без учество на монетарната политика, регулативата би била пренатрупана, преоптоварена, како што кризата покажа, без нужниот ефект.
Дали централните банки се екипирани, опремени за новата улога - улогата поддржувачи на финансиската стабилност?
Некои да, некои не. Тие што имаат во себе супервизорска функција се во една состојба, со одлична основа за извршување и на ваков дополнителен мандат. Другите се во потешка состојба и треба да бараат други патишта за свој придонес на тоа поле.
Ние како централна банка во последните години работиме на ова прашање и во нашите одлуки компонентата придонес за одржување на финансиска стабилност е присутна од поодамна. Но, во секој случај ова прашање отвора редица важни прашања за мандатите на централните банки, експертизата (стручниот капацитет), алатките, имунитетите и управувачките структури.
На пример: Што е основата на мандатот на централните банки да се грижат за финансиската стабилност? Има ли доволна законска основа, има ли доволно јавно разбирање за одговорноста да се обезбедува финансиската стабилност? Дали централните банки имаат потребен стручен капацитет и извори за таа цел?
Ги имаат ли централните банки потребните алатки? Треба ли дополнителна административна и законска основа? Дали постојната независност на централните банки е адекватна за такви нови одговорности? Какви нови аранжмани во управувачката структура ѝ се потребни на една централна банка за успех на тоа поле, итн.?
Почитувани, всушност, со оваа криза се покажа дека неретко однесувањето на субјектите излегува од рамките на постојните теории, па така нужно се наметнува барање за промени во дизајнот и спроведувањето на политиките, за вложување дополнителна енергија за проучување на тоа однесување и моделирање нови рамки. Како и досега и сега се покажува дека знаењето и разбирањето на појавите во економијата се динамични категории, коишто мора постојано да се доградуваат и унапредуваат. Глобализацијата, наспроти сиот свој придонес за развојот на човештвото, тестира и негира многу од постојните парадигми. Отвори нови канали за трансмисија и за растот и за ризиците врз растот. Имено, с? поголемата интегрираност на нашата економија во глобалната економија нe прави високо изложени на глобалните шокови и на промените во макрополитиките на другите земји. Нивното разбирање, оцената на нивните ефекти врз домашната економија, следењето на идните правци бараат да инвестираме во тоа. Без препознавање на каналите на пренос на кризата, без оцена на нивниот интензитет, како носители на монетарната политика не би можеле да конципираме соодветни макроекономски сценарија, не би можеле да оцениме кога и какви промени треба да преземеме во монетарната политика и во прудентната регулатива.
Затоа континуирано работиме на унапредување на аналитичките и истражувачките способности на луѓето при што секогаш и за себе и за другите се прашувам дали доволно, дали тоа го правиме на вистинскиот начин? Но како и да е, воведувањето на „Годишната награда на Народната банка за млад истражувач за најдобар труд од областа на макроекономијата“ што го направивме пред четири години го направивме со тие мотиви. И по четири години, може да кажеме дека не згрешивме. Се запознавме со повеќе млади талентирани истражувачи, добивме вредни трудови, отворивме канал за дисперзија на знаењето, а некои од нив го збогатија стручниот капацитет на Народната банка. Ова кратко искуство вели, продолжете. И, се разбира, така ќе постапиме.
Како и претходните три години, и оваа година огласот за конкурсот за Годишна награда на Народната банка за млад истражувач од областа на макроекономијата беше објавен во неколку дневни весници и стручни списанија, како и на интернет-страницата на НБРМ, во согласност со претходно донесената Одлука од страна на Советот на Народната банка за начинот и постапката за доделување на оваа награда. Согласно со оваа одлука, пристигнатите трудови на конкурсот ги прегледуваше Одборот за евалуација, во состав: д-р Сашо Арсов - вонреден професор на Економскиот факултет во Скопје и надворешен член на Советот на НБРМ, воедно претседател на Одборот, м-р Анита Ангеловска - Бежоска, главен економист во Народната банка и м-р Ана Митреска, заменик-директор на Дирекцијата за истражување во Народната банка. Од извештајот на Одборот може да се види дека оваа година се пристигнати единаесет трудови, при што во потесна конкуренција се влезени четири труда. Општиот заклучок на членовите на Одборот е дека сите трудови коишто влегоа во потесната конкуренција поседуваат висок квалитет, при што разликите помеѓу нив, од аспект на одделните критериуми, во некои случаи се сведуваат на нијанси. По извршеното оценување, Одборот донесе едногласен заклучок дека трудот на авторката Благица Николоска, под наслов „Анализа на улогата на банкарскиот систем во економскиот раст: случајот на Македонија", како целина, земајќи ги предвид сите критериуми, може да се оцени како најдобар на овогодишниот конкурс и треба да биде предложен за доделување на првата награда на конкурсот.
Затоа на Благица Николоска ѝ го честитам добивањето на наградата, без дилема дека авторот на наградениот труд, но и авторите на сите останати пријавени трудови, нема да застанат овде, туку ќе продолжат активно да работат на полето на макроекономските истражувања. Секако, би сакал да им се заблагодарам на сите учесници на конкурсот за вложениот труд, како и на Одборот за евалуација на трудовите на кандидатите за награда. Завршувајќи, уште еднаш ви благодарам за присуството на овој настан со кој воедно го одбележуваме и Денот на монетарното осамостојување и ја доделуваме Годишната награда. Задоволство ми е да го поканам господинот Сашо Арсов од кого ќе го слушнеме Извештајот на Одборот за евалуација, после што ќе следи презентацијата на трудот на авторот, добитник на Годишната награда на НБРМ за 2010 година.
Благодарам.
м-р Петар Гошев
гувернер