Упатство за начинот на пристап на субјектите до личните податоци
Доставување информации за обработка на личните податоци
1. Субјектот на личните податоци може да побара од Народната банка на Република Македонија (во натамошниот текст: Народната банка) да го информира:
-
дали се врши обработка на неговите лични податоци;
-
за целите и правната основа на обработката на личните податоци;
-
корисниците или категориите на корисници на кои им се откриваат личните податоци;
-
за личните податоци во врска со субјектот на личните податоци и изворот на податоци; и
-
за логиката на автоматизирана обработка, во случај на одлука донесена врз автоматска обработка, која има влијание врз субјектот на личните податоци.
Изменување, дополнување, бришење или сопирање на користењето на личните податоци
2. Субјектот на личните податоци може да побара од Народната банка да ги измени, да ги дополни или да ги избрише неговите лични податоци.
По барање на субјектот на личните податоци, Народната банка е должна да ги дополни, да ги измени или да ги избрише личните податоци на субјектот, ако податоците се нецелосни или неточни.
Кога Народната банка ќе утврди дека личните податоци се нецелосни, неточни или неажурирани, должна е да ги дополни, да ги измени или да ги избрише, независно од тоа дали субјектот на личните податоци има поднесено барање за дополнување или изменување на личните податоци.
За извршеното дополнување, измена или бришење на личните податоци, Народната банка е должна најдоцна писмено да ги извести субјектот на личните податоци, корисниците на личните податоци или третите лица на кои им се откриени личните податоци, освен ако тоа не е возможно или ако тоа бара несразмерен напор или трошок, во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.
Запирање на обработката на личните податоци
3. Субјектот на личните податоци има право да побара запирање на обработката на неговите лични податоци кога личните податоци се обработуваат за:
-
извршување работи од јавен интерес или на службено овластување на Народната банка или на трето лице на кое му се откриени податоците; или
-
исполнување на легитимните интереси на Народната банка, трето лице или лице на кое податоците му се откриени, освен ако слободите и правата на субјектот на личните податоци не преовладуваат над таквите интереси.
Ако барањето е основано, Народната банка е должна да ја запре натамошната обработка на личните податоци.
Постапка за остварување на правата на субјектот на личните податоци
4. За остварување на правата од точките 1 и 2 од ова упатство, субјектот на личните податоци до Народната банка поднесува писмено барање за пристап и исправка на личните податоци, дадено во прилогот 1 на ова упатство, објавено на интернет-страницата на Народната банка.
За остварување на правото од точката 3 од ова упатство, субјектот на личните податоци до Народната банка поднесува писмено барање за запирање на обработката на личните податоци, дадено во прилогот 2 на ова упатство, објавено на интернет-страницата на Народната банка.
По исклучок на ставовите 1 и 2 од оваа точка, барањата за пристап до личните податоци од Регистарот на податоци за изложеноста на кредитниот ризик на правните и физичките лица спрема банките и штедилниците (Кредитен регистар) се поднесуваат согласно со Процедурата објавена на веб-страницата на Народната банка во делот со наслов „Кредитен регистар“.
Субјектот на личните податоци гo доставува писменото барање, запечатено во плик со назнака „Барање за пристап до лични податоци од збирката: ____________“[1], во писарницата на Народната банка, бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр.1, Скопје.
Барањата се проследуваат до офицерот за заштита на личните податоци, а во случај на негово отсуство, до одговорното лице за збирката лични податоци која е наведена во назнаката од ставот 4 на оваа точка. Офицерот за заштита на личните податоци, односно одговорното лице за збирката лични податоци, ги собира потребните информации и доставува одговор на барањето.
Народната банка е должна да одговори на субјектот на лични податоци во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето.
Кога Народната банка одговорила на барањето на субјектот на личните податоци, нема обврска повторно да одговори на исто или слично барање на тој субјект, ако во меѓувреме нема промени во неговите лични податоци, освен ако изминале шест месеци од денот на доставувањето на претходното барање.
Ограничувања на правата на субјектот на лични податоци
5. Правата на субјектот на личните податоци се ограничени во случаи кога со нивното практикување ќе се загрози остварувањето на законските цели на Народната банка и тоа:
-
за заштита на безбедноста и одбраната на државата;
-
за обезбедување непрекинатост во работењето на Народната банка;
-
заради откривање и гонење на сторители на кривични дела;
-
заради заштита од повреда на етичките правила на одредена професија;
-
заради заштита на важни економски или финансиски интереси на државата;
-
заради заштита на важни економски или финансиски интереси на Европската Унија; и
-
заради заштита на правата и слободите на субјектот на лични податоци или правата на другите физички лица.
Народната банка нема да постапи по барањето на субјектот на личните податоци кога е овластена согласно со закон и ако личните податоци се обработуваат исклучиво во научно истражување или ако се собрани исклучиво за утврдени статистички цели и се чуваат за период што не го надминува периодот потребен за единствената цел за создавање на статистички податоци.
--------------------------------------------------------------------------------
[1] Се наведува називот на збирката лични податоци. За називите на збирките лични податоци коишто се обработуваат во Народната банка субјектот се информира преку веб-страницата на Дирекцијата за заштита на личните податоци на следнава адреса:
(http://80.77.148.154/PublicCollectionsData?ControllerId=193).