Скопје, 31.07.2008 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница, на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го усвои Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во првиот квартал од 2008 година.
На 31.03.2008 година, банкарскиот систем на Република Македонија го сочинуваат 18 банки и 11 штедилници. Во првиот квартал од 2008 година, бројот на штедилниците се намали за една штедилница, а од друга страна, пак, се зголеми бројот на банките во доминантна сопственост на странски акционери, за една банка. И во овој квартал се задржаа главните обележја и карактеристики на банкарскиот систем: релативно висока концентрација во одредени сегменти на финансиските активности, доминација на групата големи банки, послаба активност на малите банки, високо учество на девизната компоненета во билансите на банките, висок кредитен растеж. И во анализираниот квартал продолжува ширењето на банките од групата средни банки што е особено забележливо во доменот на кредитирањето.
Кредитниот ризик остана доминантен ризик на кој е изложен банкарскиот систем. Сите анализирани показатели за квалитетот на изложеноста на кредитниот ризик бележат подобрување. Квалитетот на изложеноста на кредитен ризик кон населението остана на истото ниво како и во претходниот квартал. Но, квалитетот на одделни категории од изложеноста кон населението, како изложеноста врз основа на кредитни картички и потрошувачки кредити бележи извесно влошување.
На 31.03.2008 година, вкупните бруто-кредити на нефинансиските лица изнесуваат 137.020 милиони денари, што претставува квартален пораст од 9,7%, во однос на крајот на 2007 година. Стапката на квартален раст на кредитите на населението изнесува 10,8%, додека кварталниот пораст на кредитите на претпријатијата изнесува 9,3%.
На 31.03.2008 година, вкупните депозити кај банкарскиот систем изнесуваат 165.519 милиони денари. Тие бележат поумерена стапка на раст во споредба со кредитите, којашто изнесува 3,3% на квартално ниво, односно 26,7% на годишно ниво.
Ликвидносната позиција на банкарскиот систем е на задоволително ниво. Стапката на адекватност на капиталот е двојно поголема од законскиот минимум и изнесува 15,9%. Стапките на поврат на активата и капиталот изнесуваат 1,7% и 14,7%, соодветно.
Советот на НБРМ го разгледа Кварталниот извештај, а воедно беа дискутирани и најновите макроекономски движења. Во вториот квартал од 2008 година е забележано одредено смирување на инфлацијата, што се согледува главно преку месечните промени на инфлацијата (прилагодени за сезонските влијанија), коишто во просек. се на нивото од истиот квартал од претходната година. Воедно, базичната инфлација во првата половина од годината се одржува на релативно стабилно ниво. Монетарната политика, со преземените мерки, настојува да го спречи пренесувањето на првичните ефекти од повисоките цени на храната и енергијата врз инфлацијата на среден и долг рок. Неизвесноста околу натамошното движење на цените на храната на светски берзи и цените на енергентите останува главен ризик во поглед на инфлацијата. Девизните резерви бележат пораст во однос на крајот на претходната година, достигнувајќи 1.547 милиони евра на 11.07.2008 година. Ваквите движења се одраз на поволните текови во капитално-финансиската сметка од платниот биланс, во услови на постојано влошување на дефицитот на тековната сметка. Во јуни 2008 година, во споредба со истиот месец од претходната година, најшироката парична маса М4 е повисока за 21,4%, а вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор се повисоки за 42,1%.
Кабинет на гувернерот