Советот на Народна банка на Република Македонија денес одржа седница на која ги разгледа и усвои Годишниот извештај за 2004 година и Извештајот за управување и ракување со девизните резерви на Република Македонија.
Скопје, 28.04.2005 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија денес одржа седница на која ги разгледа и усвои Годишниот извештај за 2004 година и Извештајот за управување и ракување со девизните резерви на Република Македонија.
Советот констатираше дека во 2004 година монетарната политика влијаеше во правец на одржување на ценовната стабилност, што комбинирано со намалената цена на кредитите на банките креираше поволен амбиент за пораст на економската активност. Така, во 2004 година беше остварен реален пораст на БДП од 2,9%. Истовремено, регистрирана е негативна просечна промена на трошоците на живот од 0,4%, што во најголема мерка се должи на влијанието на немонетарни фактори. Меѓутоа, проценетата просечна базична стапка на инфлација, која го исклучува влијанието на трошоците за исхрана и енергија е позитивна и во просек изнесува 1,19%.
Во 2004 година НБРМ продолжи да ја имплементира монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс, одржувајќи ја стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Истовремено, за да ја одржи ценовната стабилност како нејзина примарна законска цел, НБРМ соодветно ги употребуваше монетарните инструменти, зголемувајќи ги каматните стапки на благајничките записи и обврската за издвојување на задолжителна резерва. Во 2004 година беше регистрирано натамошно интензивирање на динамиката на монетарен раст, при што монетарните агрегати М2-денарски дел и М4 забележаа годишен пораст од 12,1% и 16,2%, соодветно. Проширувањето на депозитната база на банките, зголемената атрактивност на кредитите преку диверзификација на кредитните услови, позитивните поместувања во каматната политика на банките и зголемената конкуренција во банкарскиот сектор резултираа со висока стапка на годишен пораст на вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор од 23,7%. Од аспект на каматната политика на банките, во 2004 година активните и пасивните каматни стапки на банките, во просек беа пониски на годишно ниво за 3,5 процентни поени и за 1,4 процентни поени, соодветно.
Во екстерниот сектор, либерализацијата на надворешната трговија по влезот во Светската трговска организација, порастот на цените на нафтата на светските берзи, како и рестартирањето на еден од поголемите металургиски капацитети резултираа со проширување на трговскиот дефицит, што делумно беше неутрализирано со високите девизни приливи врз основа на тековни трансфери. Притоа, дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања изнесуваше 7,7% од БДП. Бруто девизните резерви на крајот од 2004 година изнесуваа 985,7 милиони САД долари, односно на годишна основа забележаа пораст од 82,3 милиони САД долари (пред се како резултат на позитивните курсни разлики и приливите од камата). Притоа, во управувањето со девизните резерви НБРМ се придржуваше на принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност. Показателите на степенот на екстерна задолженост на Република Македонија укажуваат на умерена задолженост и според нив во 2004 година во споредба со претходната година степенот на екстерна задолженост бележи намалување.
Советот на Народна банка разгледа и усвои и неколку одлуки и информации од доменот на нејзиното работење.
Кабинет на гувернерот