Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 27.04.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот ги разгледа и усвои Годишниот извештај за 2006 година и Месечната информација за февруари 2007 година, со последните макроекономски движења во македонската економија.
Во Годишниот извештај на Народната Банка на Република Македонија презентирани се клучните макроекономски движења во 2006 година. Извештајот констатира умерено интензивирање на инфлацијата со просечна годишна стапка од 3,2%. Во услови на водење на прудентен макроекономски менаџмент, инфлацијата во 2006 година беше условена пред сi од влијанието на факторите на понудата.
Стабилните цени, во комбинација со значајното интензивирање на кредитната активност на банките креираа поволен амбиент за пораст на вкупната економска активност. Во услови на стеснувањето на дефицитот во тековната сметка од билансот на плаќања, намалувањето на степенот на задолженост на земјата, како и приливите на странски директни инвестиции врз основа на приватизација е остварен реален пораст на БДП од 3,1%.
Во 2006 година, Република Македонија оствари историски најнизок дефицит во тековната сметка од 0,4% од БДП, детерминирано главно од зголемениот прилив на приватни трансфери, подобрување на салдото на услугите, како и од нереализираните девизни одливи поврзани со капитални вложувања (нереализирана исплата на дивиденда на странски инвеститори). Ваквите движења во екстерниот сектор придонесоа за значителен пораст на официјалните девизни резерви, чие ниво во 2006 година обезбедува 4,6 месеци од проектираниот увоз на стоки и услуги за наредната година.
И во текот на 2006 година, НБРМ водеше политика на de facto фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото, во функција на одржување на ниска и стабилна стапка на инфлација и стабилни инфлациски очекувања. Амбиентот во кој се спроведуваше монетарната политика во 2006 година беше со карактеристики слични на оние од 2005 година. Позитивните остварувања во екстерниот сектор, прудентната фискална политика (при буџетски дефицит од 0,6% од БДП) и стабилниот банкарски систем во 2006 година создадоа предуслови за намалување на каматните стапки на НБРМ на историски најниско ниво (во декември 2006 година каматната стапка на благајничките записи изнесуваше 5,74%), што соодветно се рефлектираше врз движењето на каматните стапки на финансиските пазари и во банкарскиот систем. Растот на депозитите во банките и кредитниот раст продолжија и во 2006 година со забрзано темпо (годишен пораст на вкупните депозити и кредити од 27,9% и 30,5%, соодветно), што ја забрзува конвергенцијата кон поразвиените економии во доменот на финансиската интермедијација.
Советот ги разгледа и најновите макроекономски движења во 2007 година. Просечната стапка на инфлација во периодот јануари-март 2007 година изнесува 0,7%, при регистриран пораст на цените на стоките за лична потрошувачка и пад на цените на услугите. Цените на производителите на индустриски производи во периодот јануари-март 2007 година во однос на истиот период од претходната година остварија просечен пораст од 1%, главно како одраз на повисоките цени на производителите во енергетскиот сектор. Во јануари 2007 година беше регистриран низок дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања од 2,5 милиони евра (намалување за 13,8 милиони евра на годишна основа), што во главно произлегува од зголемените нето приливи врз основа на приватни трансфери.
Во рамки на банкарскиот сектор, продолжува трендот на високи годишни стапки на пораст на вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор. Така, во март 2007 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на банките се повисоки за 27,7%, при истовремен пораст на вкупните пласмани на банките одобрени на приватниот сектор од 32%.
Советот на Народна Банка на Република Македонија ги разгледа и усвои Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2006 година, изготвени во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување и Извештајот на независниот ревизор Прајсвотерхаускуперс дооел Скопје за Финансиските извештаи на Народна банка на Република Македонија. Според мислењето на независниот ревизор финансиските извештаи на Народна банка на Република Македонија даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба, финансиската успешност и паричните текови за 2006 година.
Советот го усвои и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2006 година.
Кабинет на гувернерот