Советот на НБРМ ја одржа својата 72 седница
Скопје, 26.08.1999 година
На 26.08.1999 година, Советот на НБРМ ја одржа својата 72 седница, на која усвои повеќе информации кои се однесуваат на најновите макроекономски движења во Република Македонија и на реализацијата на монетарната политика во првите седум месеци од 1999 година.
Советот констатираше дека по завршувањето на војната во соседството, макроекономските перформанси на македонската економија се значително подобрени. Тоа пред се се изразува преку остварената меѓугодишна стапка на пораст на индустриското производство во јули од 15,4%, при што највисок пораст оствари производството во гранките чии производи се пласираат на југословенскиот пазар, односно на Косово. Исто така, како резултат на повторното освојување на пазарот на нашиот северен сосед, извозот на стоки во јули се зголеми во однос на јуни за 32,7%, додека увозот оствари пораст од 18,5%. Остварениот дефицит во надворешнотрговската размена во првите седум месеци од оваа година е понизок од соодветниот во 1998 година за 62 милиони долари, односно за 20,5%.
Ревитализацијата на производството и на надворешнотрговската размена, заедно со приливот на странски капитал од донации, услови понудата на девизи на девизниот и на менувачкиот пазар да ја надмине побарувачката. Тоа овозможи да се задржи стабилноста на девизниот курс на денарот, а истовремено и да се зголемат девизните резерви на НБРМ, кои достигнаа највисоко ниво од монетарното осамостојување од 404 милиони долари.
Монетарната политика го поддржа заживувањето на економската активност преку остварување на високи стапки на пораст на монетарните агрегати, при што паричната маса М1 на крајот од јули оствари годишна стапка на пораст од 27,5%. Советот со задоволство констатираше дека таквиот монетарен раст и приливот на девизи резултираа со подобрување на ликвидноста на банкарскиот систем во текот на јули и август, што услови пад на каматните стапки. Така, каматните стапки на аукциите на депозити на НБРМ во август се намалија на 14% годишно, што е за 4,5 процентни поени помалку од нивото на крајот од 1998 година, и речиси двојно пониско од нивото за време на воената криза во регионот. Значајно е што подобрената ликвидност се рефлектираше и на меѓубанкарскиот пазар на пари, каде што каматната стапка е сведена на 16,4% годишно, што е за 3 процентни поени пониско од нивото од декември 1998 година. Советот оцени дека и во следниот период е потребно внимателно да се дизајнира монетарната политика, со цел таа да го поддржи натамошното заживување на инвестициите и на производствената активност во Република Македонија.