Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 26.02.2009 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за управување со кредитниот ризик. Со оваа Одлука, попрецизно се определува начинот на вршење класификација и утврдување исправка на вредноста за вложувањата на банките во хартии од вредност расположливи за продажба. Воедно, со оваа Одлука се воведува обврската за банките, во рамките на своите системи за управување со кредитниот ризик, да го дефинираат прифатливото ниво на покриеност на изложеноста на кредитен ризик кон физички лица со соодветен извор на отплата (висина на плата и други приходи). При дефинирањето на прифатливото ниво на извор на отплата, банките треба да ги имаат предвид и релевантните показатели за движењето на трошоците на живот. Воедно, банките ќе можат, на редовна основа, да имаат увид во структурата на своето кредитно портфолио кон секторот „население“ според висината на месечните примања на кредитокорисниците.
Исто така, Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот. Со оваа Одлука се предвидува издвојување на потребното ниво на капитал за покривање на оперативниот ризик на банките, согласно со првиот столб од Новата капитална спогодба - Базел 2. Притоа, банките можат да изберат помеѓу два пристапа за утврдување на капиталот потребен за покривање на оперативниот ризик, и тоа: пристапот на базичен индикатор и стандардизираниот пристап. Овие два пристапа се разликуваат според нивото на софистицираност на начинот на утврдување на потребниот капитал за покривање на оперативниот ризик. При пресметките, и кај двата пристапа се поаѓа од остварените приходи и расходи на банката од редовно работење. Притоа, кај стандардизираниот пристап, остварените приходи и расходи на банката од редовно работење се распределуваат според деловната линија каде што тие настанале.
На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе Одлуката за менувачки работи со која се заменува постојната Одлука за условите и начинот за добивање на дозвола и вршење на менувачки работи. Со новата Одлука се врши прецизирање на условите и документацијата којашто е потребна за добивање дозвола за вршење менувачки работи и се создаваат услови за зголемување на ефикасноста во прибирањето податоци за движењата на менувачкиот пазар во Република Македонија. Заради зголемување на транспарентноста на обврските на овластените менувачи кон граѓаните, се воведува обврска за секој овластен менувач, на видно место во просторијата во која се вршат менувачките работи, да истакне известување со пропишана содржина дека за секоја трансакција е должен да издаде потврда за купување/продавање ефективни странски пари и чекови, на пропишан образец.
Советот на НБРМ беше информиран за најновите макроекономски движења во првите два месеца од 2009 година. Годишната стапка на инфлација, согласно со очекувањата, во јануари 2009 година бележи натамошно забавување и изнесува 1,7%, при висока споредбена основа од претходната година. Со состојба на 31.01.2009 година, бруто девизните резерви изнесуваат 1.441,8 милиони евра и во однос на крајот на 2008 година се пониски за 53,2 милиони евра. Во јануари, НБРМ интервенира на девизниот пазар со нето-продажба на девизи, во првата половина од февруари интервенциите беа помали, додека во досегашниот период од втората половина на февруари нема интервенции. Со оглед на применуваната монетарна стратегија, НБРМ ќе продолжи да интервенира на девизниот пазар доколку тоа биде потребно. Во февруари започна спроведувањето на аукциите на девизни депозити кај НБРМ, како нов инструмент преку кој банките имаат можност да ги пласираат девизните средства кај НБРМ наместо во странство, со што се намалува нивната изложеност на кредитен ризик. Во јануари 2009 година, во споредба со јануари 2008 година, вкупните депозити на банките се повисоки за 10,3%, при истовремен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор од 32,1%. Ваквите движења укажуваат на продолжување на трендот на постепено забавување на монетарниот и кредитниот раст од претходната година. Согласно со последната Анкета на НБРМ за кредитната активност на банките, банките очекуваат намалена побарувачка за кредити во првиот квартал од 2009 година, а воедно упатуваат и на натамошно заострување на кредитните услови. НБРМ продолжува во континуитет да ги следи макроекономските движења и останува подготвена за преземање мерки, доколку е тоа неопходно, во функција на остварување на целите на монетарната политика.
На денешната седница, Советот разгледа и други прашања. Беше усвоена Годишната сметка на Народната банка на Република Македонија за 2008 година, Финансиските извештаи изготвени во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување и Извештајот на независниот ревизор „ПрајсвотерхаусКуперс Ревизија“ ДОО Скопје за Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија. Според мислењето на независниот ревизор, финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2008 година даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба, финансиската успешност и паричните текови во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување. Советот, исто така, ги разгледа Информацијата за исполнување на Финансискиот план на Народната банка на Република Македонија за 2008 година и Информацијата за исполнување на Планот за инвестиции во основни средства на Народната банка на Република Македонија за 2008 година.
Советот донесе и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за сметковниот план за банките со која се изврши прецизирање и техничко подобрување на одделни сметки од сметковниот план за банките. Овие измени и дополнувања ќе почнат да се применуваат осмиот ден од објавувањето на Одлуката во „Службен весник на РМ“. Со измената и дополнувањата на сметковниот план за банките се воведоа нови сметки, коишто во најголем дел служат за подобро следење на изложеноста на банките, особено кон странските банки. Овие сметки ќе почнат да се применуваат од 01.06.2009 година.
Кабинет на гувернерот