Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 25.12.2008 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот ја разгледа и ја усвои Одлуката за целите на монетарната политика за 2009 година. Во услови на значителна неизвесност за можните последици од светската криза врз македонската економија, во 2009 година главно се очекува стабилизирање на инфлацијата, при што просечната годишна стапка на инфлација би се движела од 2,2% до 3,4%. За да се одржува инфлацијата на ниско и стабилно ниво, што претставува крајна цел на монетарната политика, НБРМ ќе продолжи да ја применува стратегијата за одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, како посредна цел на монетарната политика.
Советот заклучи дека движењата во тековната сметка на билансот на плаќања, коишто во овој момент се неповолни, како и движењата на капиталната сметка, за кои поради глобалната финансиска криза постои голема неизвесност, ќе бидат клучните фактори за остварување на основната цел на монетарната политика. Ова бара внимателно следење на надворешните движења и преземање соодветни мерки од страна на сите носители на макроекономската политика.
Народната банка на Република Македонија и во наредната година темелно ќе ги следи економските движења во земјата и во светот и по потреба ќе презема соодветни мерки во насока на одржување на макроекономската стабилност.
На денешната седница Советот донесе Одлука за задолжителен депозит кај Народната банка на Република Македонија. Со оваа Одлука продолжува да се применува мерката со која се предвидуваат месечни стапки на пораст на кредитите одобрени на населението, при што се предвидува овие кредити во текот на целата 2009 година да се зголемат за 11,3%, на збирна основа. Доколку состојбата на кредитите на населението ја надмине предвидената стапка на раст за секој подинечен месец, банките и штедилниците ќе имаат обврска за издвојување депозит кај Народната банка во износ што е еднаков на износот на пречекорувањето.
Советот го разгледа и го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во третиот квартал од 2008 година. Извештајот посочува дека во третиот квартал од 2008 година депозитите на нефинансиските лица и кредитната активност на банките продолжија да растат, но со забавена динамика. Увидено е и одредено влошување на квалитетот на кредитното портфолио. Во првите три квартали од 2008 година, добивката на банките се зголеми за 15,8% во споредба со истиот период од 2007 година, што исто така претставува побавен раст.
Во третиот квартал од 2008 година, стапката на адекватноста на капиталот, како основен показател за солвентната позиција на банките, се намали од 15,6% на 15%, но таа и понатаму е над законски пропишаното минимално ниво од 8%.
Во третото тримесечје од 2008 година, ликвидноста на банките во Република Македонија главно е задоволителна, но продолжи трендот на намалување на показателите за ликвидноста. Тоа главно произлегува од насобирањето на ефектите од силниот раст на кредитирањето на подолги рокови, што беше забележан во последниве години, наспроти речиси неизменетата изразена склоност на домашните депоненти да штедат на пократки рокови. Оттаму, се зголемува потребата од повнимателно следење и управување со ликвидноста од страна на банките.
Врз основа на вкупните тековни движења во македонската економија предизвикани од глобалната финансиска и економска криза, Советот донесе повеќе одлуки насочени кон натамошно зацврстување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор во Република Македонија.
За да се делува превентивно, во правец на зголемување на нивото на ликвидноста на поодделните банки и банкарскиот систем на Република Македонија, на денешната седница на Советот беше усвоена Одлуката за управување со ликвидносниот ризик на банките. Со неа се воведува обврска за банките да одржуваат одредено минимално ниво на ликвидни средства за покривање на своите обврски коишто достасуваат во наредните 30 и 180 дена, одделно во денари и во девизи. Ваквата прудентна мерка има цел да ја подобри рочната усогласеност на средствата и обврските на банките, при што очекуваното зголемување на ликвидните средства во активата на банките ќе ја зацврсти и нивната солвентна позиција. На краток рок, оваа мерка ќе влијае во насока на зголемување на отпорноста на банките на евентуалните неповолни ефекти од тековната глобална финансиска и економска криза, имајќи предвид дека кризата се одрази преку ликвидносните проблеми на банките во светот. На подолг рок, мерката ќе овозможи поголема сигурност и одржливост на работењето на банкарскиот сектор.
Во услови кога банките ќе треба да ја подобруваат својата девизна ликвидност за да го достигнат новоутврденото минимално ниво на ликвидни средства, Советот донесе Одлука за девизен депозит кај Народната банка на Република Македонија. Со оваа мерка, на банките им се дава дополнителна можност да не мораат да ги чуваат девизните средства во странство, туку да ги депонираат кај Народната банка. Во услови на нестабилни движења на меѓународните финансиски пазари, на банките им се овозможува да не бидат подложни на кредитниот ризик при пласирањето на девизните средства. Каматните стапки на девизните депозити пласирани кај Народната банка ќе бидат еднакви на каматните стапки на тие средства пласирани во централните банки во евро-зоната, во меѓународните финансиски институции или од приносите на државни записи на земјите-членки на евро-зоната.
Беа усвоени измените и дополнувањата на Одлуката за лимитите на изложеност. Со нив се предвидува изложеноста на домашните банки кон странските првокласни банки да се вклучува во пресметката на лимитите на изложеност во полн износ, а не како досега, само 20% од износот. Со оваа мерка се очекува да се намали степенот на концентрација на изложеноста на домашните банки кон поединечни странски банки.
На денешната седница на Советот беше усвоена и Одлуката за управување со ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности. Со оваа Одлука се пропишуваат минималните потребни елементи за управување со ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарските активности, како и начинот на мерење на изложеноста на банките кон овој ризик.
Со оглед на неодамнешните случувања на меѓународните финансиски пазари, Советот донесе Одлука за определување на видот на хартии од вредност коишто овластените банки можат да ги купуваат и да ги продаваат во странство, којашто меѓу другото, обезбедува зголемување на најнискиот дозволен долгорочен кредитен рејтинг на хартиите од вредност во кои една овластена банка може да вложува во странство.
Советот ја донесе Одлуката за задолжителна резерва со која се обединуваат одлуките за задолжителна резерва на банките и штедилниците. Истовремено, согласно со новиот сметковен план којшто ќе отпочне да се применува од 01.01.2009 година е извршено прилагодување на сметките од билансите на банките и штедилниците коишто се вклучуваат во основата за пресметка на задолжителна резерва.
Советот ја усвои Одлуката за доставување податоци за состојбата и прометот на сметките од сметковниот план на банките и на финансиските извештаи, со која се уредува начинот и роковите за електронско доставување на податоците од банките согласно со новиот сметковен план, како и на дел од финансиските извештаи на банките. Беше усвоена и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за задолжително известување за работењето со странство.
Советот го разгледа и го усвои Извештајот за извршувањето на Програмата за работа за 2008 година, како и Програмата за работа за 2009 година. Проектите предвидени во Програмата за работа за следната година претставуваат продолжување на разновидните реформи коишто овозможуваат квалитативно подобрување на институционалниот капацитет на централната банка во функција на извршувањето на нејзините законски утврдени активности.
Советот ја разгледа Информацијата за меѓународната инвестициска позиција на Република Македонија за 2007 година, а ги разгледа и ги усвои Финансискиот план, Планот за инвестиции, Планот за набавки на Народната банка на Република Македонија за 2009 година, како и Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2009 година.
Кабинет на гувернерот