Скопје, 25.04.2000 година
Соопштение на НБРМ
На денешната LXXX-а седница што се одржа на 25.04.2000 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ги намали есконтната стапка и каматната стапка на ломбардните кредити. Намалувањето на каматните стапки на Народна банка на Република Македонија е во согласност со проектираните монетарни движња за 2000-та година, остварувањето на основната цел на Централната банка - стабилност на цените и очекуваниот девизен прилив. Така, есконтната стапка од 8,9% колку што изнесуваше досега на годишно ниво се намали на 7,9%, додека каматната стапка на ломбардните кредити се намали од 18,5% на 17,5%, на годишно ниво. Намалувањето претставува втора фаза од динамичкото намалување на каматните стапки на Народна банка на Република Македонија, при што во првата фаза во ноември 1999 година беа намалени каматните стапки на благајничките записи.
Советот на Народна банка на Република Македонија оцени дека намалувањето на есконтаната стапка ќе придонесе за намалување на каматните стапки на комерцијалните банки. Намалувањето на каматната стапка на ломбардните кредити е во согласност со трендот на намалување на каматните стапки на пазарите на пари, кои што се намалија од 29,9% колку што изнесуваа за време на кризата во регионот на 11,8% колку што изнесуваат денес.
Овие мерки надоплнети со мерките кои се превземаат во законодавната сфера (Законот за хипотека и Законот за извршна постапка) ќе создадат услови со кои ќе им се овозможи на комерцијалните банки да ги намалат активните каматни стапки.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во 1999 година. За разлика од претходната година, во Извештајот за 1999 година за првпат е обработен дел кој претставува анализа за усогласеноста на Република Македонија со 25-те Базелски принципи за ефикасна банкарска супервизија. Притоа, беше констатирано дека Република Македонија во поглед на усогласеноста се наоѓа во горната група на земји во транзиција. Ваква констатација беше изнесена и од техничката мисија на Меѓународниот Монетарен Фонд и Светската банка кои оценија дека процентот на усогласеност на Република Македонија со Базелските принципи е висок.
Оваа година Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во 1999 година за прв пат ќе биде публикуван, така што ќе биде достапен до пошироката јавност.
Од Извештајот се констатира дека на крајот на 1999 година, степенот на приватизираност на банкарскиот капитал во Република Македонија изнесува 76,8%. Доколку се исклучат двете банкарски институции кои се целосно во државна сопственост: “Македонска банка за поддршка на развојот” и филијалата на “T.C. Ziraat Bankasi" од Република Турција, тогаш степенот на приватизираност на останатите банки во Република Макеоднија на 31.12.1999 година изнесува 86,7%. Анализирано по поодделни банки, со исклучок на двете банкарски институции кои се целосно во државна сопственост, степенот на приватизираност на 31.12.1999 година се движи во интервал од 46,5% до 100% кај 5 банки.
На крајот на 1999 година процентот на учество на странски капитал во вкупниот капитал на банките во Република Македонија изнесува 19,3%. Анализата по поодделни банки покажува дека странскиот капитал е присутен во 15 банки, а процентот на негово учество се движи од 0,3% до 100%.
Во поглед на индикаторите за профитабилност (стапката на поврат на активата и стапката на поврат на капиталот), македонските комерцијални банки на крајот на 1999 година ги искажаа следните резултати:
-Стапката на поврат на активата (ROA) пресметана како однос помеѓу прикажаната нето добивка на банките за 1999 година и нивната просечна актива за истиот период изнесува 0,8% и покажува дека 100 единици актива на македонските комерцијални банки генерираат 0,8 единици нето добивка. Според меѓународно прифатените стандарди, стапката на поврат на активата треба да се движи над 1% и
-Стапката на поврат на капиталот (ROE), пресметана како однос помеѓу прикажаната нето добивка на банките за 1999 година и просечните сопствени средства на комерцијалните банки во истиот период изнесува 3,5%. Меѓународниот стандард за овој показател се вредности во распон од 5% до 10%.
Совет на Народна банка на Република Македонија