Скопје, 22.10.1999 година
Во врска со вчерашните изјави дадени во јавните гласила, а со цел правилно и точно информирање на јавноста, Народна банка на Република Македонија ја известува јавноста дека:
-Договорите помеѓу Република Македонија и Република Кина Тајван не се потпишани од страна на гувернерот Љубе Трпески. Имено, првиот договор на износ од 12 милиони долари е потпишан од страна на г-дин Александар Димитров, министер за надворешни работи, а вториот договор на износ од 20 милиони долари е потпишан од страна на г-дин Јордан Марковски, заменик министер за финансии.
-Наводните гласини дека денарот ќе девалвира не се точни. Напротив, во последните неколку месеци Народна банка на Република Македонија се соочува со поголема понуда од побарувачка на девизи на девизниот пазар, при што интервенира со откуп на вишокот на девизи со цел да се спречи апресијација на денарот. Според тоа, не постојат никакви макроекономски предуслови за девалвација на денарот.
Истовремено сакаме да Ве известиме дека ниту гувернерот, ниту заменикот гувернер на Народна банка на Република Македонија имаат давано изјави во врска со девизниот курс на денарот и неговите ефекти врз инфлацијата и платниот биланс. Во таа смисла, било која изјава што се експлоатира деновиве во јавните медиуми претставува дел изваден од контекст од одредени излагања, кои гувернерот и заменикот гувернер ги имале пред одреден временски период.