Скопје, 17.09.2001 година
Соопштение на НБРМ
ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОТО
Еврото стапува на сцена. Од 01.01.2002 година, новата европска валута ќе ги замени валутите на 12 земји членки на Европската Унија (германската марка, францускиот франк, белгискиот франк, холандскиот гулден, луксембуршкиот франк, италијанската лира, португалскиот ескудо, шпанската пезета, австрискиот шилинг, ирската фунта, финската круна и грчката драхма). Тоа значи дека и вие почитувани граѓани ќе мора да најдете начин своите заштеди во валутите на овие земји да ги замените во евра. Во пресрет на новата валута - еврото, Народна банка на Република Македонија, како централна монетарна институција и Министерството за финансии се обраќаат до широката македонска јавност со цел да ги дадат основните правци и битни информации во врска со конверзијата.
Рокови: Паралелното циркулирање на старите валути и еврото ќе заврши најдоцна на 28.02.2002 година. Тоа е краен рок до кој треба да се потрудите да ја завршите конверзијата, но подобро решение е доколку тоа го сторите до 31.12.2001 година, односно пред воведувањето на еврото. Вашите девизни средства ќе можете да ги замените и по овој датум, но тоа ќе ве чини поскапо.
Начини: Наједноставен начин на конверзија на постојните европски валути за еврото е преку нивно депонирање во банките во периодот пред воведувањето на еврото, односно пред крајот на годината. Во таков случај конверзијата ќе се изврши автоматски и без трошоци. Притоа, не мора да се грижите за курсот по кој банките ќе ја извршат замената, бидејќи односот на секоја од наведените валути во однос на еврото е фиксен и непроменлив. Тоа значи дека за соодветен износ на германски марки (или друга европска валута) ќе добиете соодветен износ на евра, без никаква загуба. Замената на постојните европски валути за некој друг вид на “онеевропска валута (американски долар, швајцарски франк) е сврзана со одреден курсен ризик. Со други зборови во првиот случај станува збор за чиста конверзија - замена на стара валута за нова валута без никаков ризик од евентуална загуба, додека во вториот случај се работи за замена на една странска валута за друга странска валута каде неизбежно се изложувате на ризик.
Македонските банки имаат потенцијал и се подготвени да ви понудат низа можности за едноставна, сигурна и ефикасна замена на вашите девизни заштеди. Затоа, доколку имате девизи, кои со години ги чувате во вашите домови, не чекајте. Вложете ги своите девизи онаму каде што тие припаѓаат. Со вложувањето на девизите во банка добивате многу. Го штедите своето време, својата енергија, добивате заработка во форма на камата, вашите пари се безбедни и што е најважно: со депонирањето на девизите пред крајот на годината добивате можност за нивна замена во евра автоматски и без провизија. Така, не само што ќе избегнете дополнителни трошоци, туку и ќе заработите преку понудената камата.
Сигурноста на вашите пари во банките е загарантирана, независно колкав период ќе одлучите да ги држите парите во банка. Минатото е зад нас. Банкарскиот систем упорно работеше на изградба на својот имиџ и на јакнење на довербата на неговите постојни и потенцијални клиенти. И во тоа успеа. Денес македонските банки работат на принципите на сигурно и деловно работење, будно надгледувани од страна на Народна банка на Република Маекедонија. Ударите кои им беа нанесени со косовската криза, успешно ги издржаа. Потврда за ова е нивното солвентно и успешно функционирање и во овој кризен период.
Не го чекајте последниот ден да ги замените своите девизи во евра. Искористете ја можноста да инвестирате и истовремено без трошоци да ја добиете новата валута. Фатете го чекорот со новите трендови. Бидете и вие дел од милионите луѓе кои ќе ја прифатат новата парична единица. Еврото е иднината на Европа. Зад него стојат силни држави, чија економска сила постојано ќе ја поддржува неговата вредност. Македонските банки ви ја нудат можноста вашите заштеди во европски валути најефикасно да ги замените во евра. Прифатете ја можноста. Бидете и вие еден мал, но важен дел од иднината на Европа.
Народна банка на Република Македонија Министерство за финансии