Скопје, 17.08.2005 година
Соопштение на НБРМ
Од 18.08.2005 година, Народна Банка на Република Македонија заедно со комерцијалните банки потписнички на Договор со НБРМ започнуваат со работа на девизниот пазар според нови правила. Заради унапредување на работењето на девизниот пазар, НБРМ превзеде мерки со кои се воведе елетронска платформа за следење на движењата на курсевите во реално време со директно електронско тргување со девизи помеѓу банките. Банките потписнички на Договорот со НБРМ превзедоа обврска купопродажбата на девизи меѓу себе да ја реализираат по курсеви со маргина на куповните и продажните курсеви за 1 евро не поголема од 0.07 денари и минимален износ по трансакција од 350.000 евра. Со другите банки, банките потписнички на Договорот, имаат обврска во секое време да котираат курсеви со максимална маргина од 0.25 денари помеѓу куповните и продажните курсеви за 1 евро и минимален износ по трансакција од 30.000 евра. Со мерките се постигнува зголемување на купопродажбата на девизи помеѓу банките и пообјективно формирање на курсот на денарот. Овие мерки воопшто не значат дека НБРМ се повлекува од девизниот пазар, туку го менува начинот на нејзиното дејствување и нејзиното присуство и понатаму ќе продолжи, задржувајќи го своето дискреционо право за интервенција. Ваквата практика е идентична со практиката на централните банки во напредните економии. Потпишувањето и почитувањето на договорот од страна на банките е на доброволна основа и е веќе потпишан од 4 банки, што овозможува нормално функционирање на девизниот пазар според новите правила.
Образложение за новите правила за функционирање на девизниот пазар
Девизниот пазар во Република Македонија функционира успешно повеќе од една деценија, иако во своето работење покажува определени слабости кои не каракеристични за пазари во напредни економии.
Тие слабости се:
- ниско ниво на склучени трансакции на купопродажба на девизи помеѓу банките
- висока разлика (маргина) помеѓу куповните и продажните курсеви на банките
- пренагласена присатност на централната банка на девизниот пазар
За унапредување на работењето на девизниот пазар и отстранувањето на наведените слабости, Народна банка на Република Македонија во периодот април-август 2005 година ги превзеде следните мерки:
- воведе електронска платформа за котирање и тргување помеѓу банките на девизниот пазар. Со електронската платформа се овозможува следење на информациите за движењата на курсевите во реално време и директно електронско тргување со девизи
- го зголеми задолжителниот минимален износ по трансакција помеѓу банките од 15.000 евра на 30.000 евра
- склучи договори за банки подржувачи на девизниот пазар
Примената на наведените мерки се очекува да влијаат на:
- зголемување на купувањето и продавањето на девизи помеѓу банките
- намалување на разликата помеѓу куповните и продажните курсеви на банките за 1 евро
- намалувањето на зависноста на банките од Народна банка на Република Македонија во обезбедувањето на девизи
- при формирањето, курсот на денарот во однос на еврото пореално да ги изразува движењата на пазарот.
Вклучувањето на банките подржувачи на девизниот пазар значи дека тие превземаат обврска меѓусебната купопродажба на девизи да се реализира по курсеви со максимална маргина на куповните и продажните курсеви за 1 евро од 0.07 денари (наместо досегашната маргина од 0.32 денари) и минимален износ по трансакција од 350.000 евра. Со другите банки кои не склучиле договор со централната банка, банките подржувачи на девизниот пазар имаат обврска во секое време да котираат курсеви со максимална маргина од 0.25 денари помеѓу куповните и продажните курсеви за 1 евро и минимален износ по трансакција од 30.000 евра
Овие мерки исто така ќе овозможат идентична позиција на централната банка по ова прашање со позицијата која ја имаат централните банки во пазари кај понапредните економии, односно да интервенираат според моментот на сопствена проценка.
Овие мерки воопшто не значат дека Народна банка на Република Македонија се повлекува од девизниот пазар, туку го менува начинот на нејзиното дејствување на девизниот пазар. Тоа значи дека Народна банка на Република Македонија понатаму ќе продолжи да биде присутна на девизниот пазар за одржувањето на стабилноста на курсот на денарот, задржувајќи го своето дискреционо право за интервенција.
Потпишувањето и почитувањето на договорот од страна на банките е на доброволна основа. Овој договор, кон крајот на јули, беше понуден до сите банки овластени за работа со странство, при што истиот беше потпишан од страна на 4 банки, што е сосема доволно за функционирање на девизниот пазар според новите правила.
Кабинет на гувернерот