Скопје, 06.07.2002 година
Соопштение на НБРМ
На 06.07.2002 година Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата 101-ва седница, на која го разгледа извештајот на независното ревизорско друштво “Ернст и Јанг” за извршената ревизија на финансиските извештаи на Народна банка за 2001 година и разгледа и донесе повеќе одлуки од монетарната и девизната сфера
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе повеќе одлуки кои всушност претставуваат подзаконски прописи на новиот Закон за девизно работење со кои се регулира работењето помеѓу резидентите и нерезидентите, како и располагањето и работењето со странски пари на резидентите.
Поважните решенија и новини кои се воведуваат и регулираат со подзаконската регулатива на новиот Закон за девизно работење се однесуваат на:
o Воведувањето на девизни сметки на сите резиденти на Република Македонија (правни и физички лица), на кои истите може да располагаат неограничено со сопствените девизни приливи кои произлегуваат од работењето со нерезиденти;
o Девизно кредитирање во земјата од домашните овластени банки на резидентите-комитенти на банката, под услов овие девизни средства да се употребат за плаќање на тековните обврски кон странство;
o Определување на условите под кои резидентите кои заради специфичноста на својата дејност, можат да отвораат и да имаат сметки во странство;
o Определување на начинот и условите на отворање и водење на денарски и девизни сметки на нерезидентите кај домашните овластени банки;
o Условите под кои резидентите при работењето со нерезиденти можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари;
o Регулирање на начинот и условите за работа на нерезиденти со хартии од вредност во Република Македонија и на резиденти во странство;
o Поставување на организиран девизен пазар каде правните субјекти и физичките лица за плаќање кон нерезиденти своите потреби за девизи ќе ги задоволуваат од овластените банки, а физичките лица и од овластени менувачи;
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе и неколку одлуки од монетарната сфера кои се однесуваат на:
o Одржување на аукција на благајнички записи. Оваа одлука содржи новини во областа на издавањето на благајничките записи, водењето на регистарот за сопственост и циркулацијата на записите. Истовремено, оваа Одлука создава услови за зголемување на ефикасноста во спроведувањето на монетарната политика преку индиректни инструменти за монетарно регулирање, развој и заживување на секундарниот пазар на краткорочни хартии од вредност и обезбедување на истовремен пренос на сопственоста на хартиите од вредност со преносот на паричните средства. Притоа, интересот за купување на благајнички записи ќе се заснова исклучиво на пазарни елементи односно се укинуваат административните мерки за стимулирање на продажбата на благајнички записи од страна на банките преку плаќање провизија.
o Допрецизирање на законската регулатива која ги дефинира инструментите за обезбедување на кредитите што се одобруваат од страна на Народна банка, со што се постигнува ниска изложеност на ризик на пласманите на централната банка во согласност со промените на Законот за хартии од вредност и електронското тргување.
o Проширување на лепезата на мерки во случаите на непочитување односно неисполнување на обврските поврзани со инструментите за монетарно регулирање.
Советот донесе одлуки и по некои други прашања од доменот на работењето на Народна банка на Република Македонија.
Кабинет на гувернерот