Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 01.07.2009 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Притоа, Советот го разгледа и го усвои Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија за 2008 година. Ова е третиот по ред извештај од ваков вид, во кој се содржани сеопфатни анализи на финансискиот систем во Република Македонија и неговата стабилност. Иако во 2008 година ризиците се зголемија, главно поради глобалната криза, финансиската стабилност се задржа.
Глобалната економска и финансиска криза имаше ограничено директно влијание врз финансиската стабилност, но значително влијание врз макроекономската стабилност во Република Македонија. Намалувањето на економската активност во развиените земји, а пред с? во земјите кои се најголеми трговски партнери на Република Македонија и особено остриот пад на цените на металите, кои претставуваат стратегиски извозни производи на македонската економија, се одразија врз забавување на економската активност во земјата и зголемување на надворешната нерамнотежа. Зголемувањето на макроекономските ризици имаше одраз врз ризиците за финансиската стабилност.
Во споредба со 2007 година, се зголеми значењето на ризиците коишто произлегуваат од реалниот сектор (секторите „население“ и „претпријатија“). Побавниот годишен раст на финансиската актива на населението (од 7,9%) и на неговиот расположлив доход (од 8,6%), споредено со стапката на раст на неговата задолженост (од 37%), придонесува за намалување на неговиот капацитет за сервисирање на долгот спрема банките и останатите финансиски институции. Високото ниво на задолженост на населението коешто е со валутна компонента и прилагодливи каматни стапки, го изложува овој сектор на валутен и на каматен ризик. Оттука, зачувувањето на вредноста на финансиската актива и на финансиските обврски на населението, преку одржување на макроекономската стабилност, се од суштинско значење за финансиската стабилност.
Ниту корпоративниот сектор на Република Македонија не остана изолиран од настаните од економското опкружување. Задолженоста на корпоративниот сектор продолжи да расте и во 2008 година, со позабрзана динамика во однос на претходната година (годишна стапка на пораст од 31,2%). Значителното присуство на валутната компонента, како и на прилагодливите и на променливите каматни стапки, во вкупниот долг на претпријатијата, го изложува овој сектор и на каматен и на валутен ризик.
Ризиците коишто произлегуваат директно од одделните сегменти на финансискиот систем, генерално, останаа во контролирани рамки. Финансискиот систем на Република Македонија и понатаму се карактеризира со релативно едноставна структура, со изразена доминација на банките. Тоа го потенцира нивното значење за севкупната стабилност. Традиционалната структура на финансискиот систем и на понудата на финансиски инструменти и услуги на пазарот, придонесоа за помал степен на меѓусекторско прелевање на ризиците.
На 31.12.2008 година, вкупните средства на финансискиот систем изнесуваат 280.907 милиони денари и во споредба со 2007 година забележаа раст од 13,7%, што претставува само половина од годишната стапка на раст остварена во 2007 година. Тие претставуваат 70,5% од бруто домашниот производ, што е зголемување за само 0,8 процентни поени во однос на 2007 година. Највисоки стапки на раст забележаа средствата на пензиските фондови и на лизинг-компаниите.
И покрај зголемените надворешни и домашни фактори на ризик, во 2008 година банките останаа стабилни и сигурни. За тоа придонесуваат неколку фактори: одржувањето на традиционално висока ликвидност и солвентност од страна на банките, ориентираноста на банките кон класичните банкарски активности, нивната незначителна изложеност спрема нерезидентите, вклучително и на релативно ниската зависност од надворешно финансирање. Различните стрес-тест сценарија покажуваат дека банкарскиот систем е значително отпорен на низа хипотетички шокови. Сепак, трансформацијата на финансиската криза во криза на реалниот сектор, проследено со заострување на условите за работа на домашните кредитокорисници, доведе до зголемување на кредитниот ризик во работењето на банките. На 31.12.2008 година, учеството на кредитната изложеност со повисок степен на ризик (класифицирани во категориите на ризик В, Г и Д) во вкупната кредитната изложеност, изнесуваше 6,4%.
На крајот на 2008 година активата на осигурителниот сектор изнесуваше 11.920 милиони денари, што е повеќе за 7,6% во однос на крајот на 2007 година. Осигурителниот сектор ја задржа својата задоволителна солвентна позиција, но неговата профитабилност бележи влошување. Недоизградената супервизорска функција, а со тоа и отежнатата идентификација и мерење на ризиците и понатаму останува основниот ризик кај осигурителниот сектор.
Во 2008 година, најбрзо растечки сегменти од финансискиот систем беа лизинг-друштвата и пензиските фондови, наспроти брокерските куќи кои, иако повеќе на број, забележаа видлив пад во активностите. И покрај порастот на активата на секторот лизинг за 73%, сепак нејзиното учество во вкупната актива на финансискиот систем остана ниско и изнесуваше 3,1%. Вредноста на склучените лизинг-договори претставува 2% од БДП. Вкупните средства на пензиските фондови забележаа висок годишен пораст од 61,2%, но тој е видно понизок во однос на минатата година, кога беше остварен раст од 151,5%. Пред друштвата за управување со пензиски фондови, останува предизвикот за заштита на реалната вредност на средствата на пензиските фондови.
- На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија ја усвои Одлуката за начинот и постапката за воспоставување и примена на програмата на банка за спречување перење пари и финансирање на тероризмот. Со оваа одлука подетално се пропишуваат елементите на Програмата на банките за спречување перење пари и финансирање тероризам, чија основа е утврдена со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам. Одлуката обезбедува значајно усогласување со препораките на Групата за финансиска акција (Financial Action Task Force-FATF), како широко прифатени меѓународни стандарди за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот. Исто така, се прифаќаат најголем дел од забелешките од Извештајот на специјалниот Комитет на Советот на Европа (Moneyval) за усогласеноста на Република Македонија со препораките на Групата за финансиска акција.
Советот на НБРМ беше информиран и за најновите макроекономски движења, презентирани во рамки на Месечната информација 05/2009. Последните податоци за инфлацијата во мај 2009 година укажуваат на стабилизирање на општото ниво на потрошувачките цени, при што годишната стапка на инфлација изнесуваше 0,4%, додека просечната годишна стапка на инфлација во првите пет месеци на 2009 година изнесува 0,5%. Во доменот на економската активност, во континуитет на остварувањата од претходните два месеца, месечната стапка на промена на индустриското производство во април повторно беше позитивна и изнесуваше 1,3%. Сепак, во однос на истиот месец од претходната година индустриското производство е пониско за 7,7%, во најголем дел како одраз на намаленото производството на основни метали. Со тоа кумулативниот пад на индустријата во првите четири месеци изнесува 9,9%. Во првите пет месеци дојде до намалување на девизните резерви, при што на 31.05.2009 година тие изнесуваат 1.166,8 милиони евра. Ваквите промени на резервите се одраз на неповолните поместувања во тековната сметка од билансот на плаќања, каде што во првите три месеци на 2009 година е забележано натамошно влошување на трговското салдо, што во услови на намалени приливи од приватни трансфери и капитални приливи, наметна потреба од интервенции на НБРМ во насока на нето-продажба на девизни средства. Сепак, во јуни дојде до промена на движењата на девизниот пазар, при што НБРМ започна со нето-откуп на девизи (така што во периодот 01-24.06 2009 година девизните резерви забележаа месечен пораст од 41,8 милиони евра). Иако ваквите движења даваат позитивен сигнал за постепено стабилизирање на очекувањата и позитивни поместувања во надворешниот сектор, сепак с? уште е рано да се оцени дали станува збор за промена во трендовите или пак за краткорочни промени. Во рамки на банкарскиот сектор, трендот на забавување на динамиката на годишниот раст на вкупните депозити продолжи и во мај, кога беше остварена годишна стапка на пораст на вкупните депозити кај банките (со депозитни пари) од 2,9% (наспроти 6,3% во претходниот месец). Во мај, кредитирањето од страна на банкарскиот сектор на годишна основа е повисоко за 18,5% (21,4% во април), при поинтензивно забавување на годишната стапка на раст кај кредитите на домаќинствата.
Кабинет на гувернерот