Состанок на гувернерите од централните банки на земјите од Југоисточна Европа
На покана на гувернерот на Централната банка на Кипар, г. Атанасиос Орфанидес, гувернерите или нивните претставници од централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Република Македонија, Грција, Црна Гора, Романија и Србија, како и претставник на Агенцијата за банкарство на Федерацијата на Босна и Херцеговина, се состанаа во Лимасол на 25.02.2011.
Средбата се одржа во рамките на мултилатералниот Меморандум за соработка, потпишан во Атина во јули 2007, чијашто цел е унапредување на соработката на полето на банкарската супервизија и финансиската стабилност.
Првата седница од средбата беше фокусирана на неодамнешните макроекономски и финансиски настани во земјите од Југоисточна Европа и сегашните изгледи и состојба на банкарскиот систем. Учесниците забележаа дека и покрај предизвикувачката меѓународна средина, постојат сигнали за закрепнување и постепен раст во повеќето земји од Југоисточна Европа. Учесниците, исто така, забележаа дека супервизорските власти презедоа прудентни мерки коишто придонесуваат за натамошно зацврстување на стабилноста на банкарскиот систем во регионот и за зголемување на финансиската стабилност.
Во текот на втората седница од состанокот, учесниците усвоија рамка за размена на информации, на редовна основа, во врска со прекуграничните банкарски групи коишто работат во земјите од Југоисточна Европа. Според рамката, меѓу банкарските супервизорски власти се воспоставува перманентен механизам којшто ќе ја олесни периодичната размена на информации и ќе помогне за подобро разбирање на ризикот со кој се соочуваат банките коишто имаат прекугранично влијание во регионот. Исто така, тој ќе овозможи утврдување на можните разлики во националните супервизорски правила и практики и зајакнување на супервизорската соработка.
На крајот, беше договорено наредната средба да се одржи во Албанија во 2012 година.