Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, денеска одржа конференција за печатот по повод на Јубилејот 20 години од монетарното осамостојување на Република Македонија.
На конференцијата за печатот беше направен осврт на сите поважни настани од областа на монетарната политика во Република Македонија во изминатиот период и беа разгледани тековните активности за справување со актуелните и идните економски предизвици со кои се соочува земјата. Меѓу другото, беше информирано за 20-те години монетарна самостојност и за успешното следење на светските монетарни трендови, за овозможениот постојан раст на македонската економија и одржувањето на макроекономската стабилност во државата.
Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, се осврна и на почетоците на монетарната независност пред 20 години. Монетарното осамостојување претставуваше еден од главните чекори на земјата по патот на нејзината независност и државност. Со создавањето на националната валута „денар“ и преку употребата на симболите на македонската историја, култура и природа врз нашите нови пари, НБРМ даде голем придонес кон целосното заокружување на самостојноста на Република Македонија. Притоа, гувернерот Богов констатира и дека денарот, поради својата улога во постојаното одржување на стабилноста на цените, во текот на изминатиот период успеа да стане ценета валута во државата и пошироко.
Во наредните неколку денови ќе бидат остварени повеќе активности и настани за одбележување на Јубилејот. Ќе биде организирана Свечена академија, Конференција на тема: „Предизвиците на земјите од Југоисточна Европа во постојните економски и финансиски турбуленции во евро-зоната“, ќе биде доделена редовната Годишна награда на НБРМ за најдобар труд во областа на макроекономијата од млад истражувач, ќе бидат организирани две изложби и ќе бидат промовирани новиот каталог за Музејот на Народната банка и студијата „Монетоковањето на римскиот град Стоби“.