Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата шеста седница на која беа презентирани најновите макроекономски движења
Податоците за инфлацијата покажуваат дека во мај 2011 година за прв пат по девет месеци, инфлацијата бележи месечно намалување (од 0,2%), кое во најголем дел го одразува падот на цените на свежиот зеленчук. На годишна основа, инфлацијата изнесува 5,2%, а просечната стапка на инфлација во првите пет месеци од годината е 4,5%. Овие остварувања упатуваат на можноста за остварување ниво на инфлација поблиску до долната граница од проектираниот интервал на НБРМ (помеѓу 5% и 5,5%) за вториот квартал. Базичната стапка на инфлација се задржа на стабилно ниво и во мај изнесуваше 1,3% на годишна основа, што е во прилог на оценките за привремен и контролиран раст на домашните цени и стабилни инфлациски очекувања. На ваквата констатација упатуваат и остварените движења на менувачкиот пазар, каде што во првите четири месеци на 2011 година е реализиран нето-откуп на девизни средства, при континуирано намалување на побарувачката на девизи на годишна основа.
Од аспект на економската активност, најновите статистички показатели и показателите базирани врз анкетните истражувања укажуваат на раст на економската активност во првиот квартал и задржување на позитивната динамика на БДП и во текот на вториот квартал на 2011 година. Индициите за зајакната домашна побарувачка се потврдуваат и со остварувањата во надворешниот сектор, каде што во првите четири месеци од 2011 година е забележано зајакнување на увозната побарувачка. Во оваа насока делуваше и повисокиот извоз (согласно со засилената странска побарувачка), кој заради високата увозна компонента, доведе до влошување на трговското салдо на годишна основа. Сепак, ваквите поместувања не предизвикаа притисоци на девизниот пазар, за кој и натаму се карактеристични релативно стабилни движења, сугерирајќи зголемени капитални приливи во овој период. Состојбата на бруто девизните резерви на 31.05.2011 година изнесува 1.883 милиони евра и во однос на крајот на 2010 година е повисока за 169 милиони евра, во најголем дел како резултат на остварените приливи врз основа на повлечените средства од кредитната линија за претпазливост на ММФ од страна на државата.
Во текот на април 2011 година, банките продолжија со кредитирање на приватниот сектор, иако со нешто поумерен интензитет споредено со претходниот месец, што придонесе за умерено забавување на годишната стапка на раст на вкупните кредити до ниво од 7,8%. Ваквите поместувања на кредитниот пазар беа остварени во услови на забавување на годишната стапка на раст на вкупниот депозитен потенцијал од 12,4% во март на 9,6% во април, првенствено под влијание на еднократни фактори што предизвикаа висок одлив од сметките на претпријатијата во април (исплата на дивиденда од страна на една голема домашна компанија), додека кај депозитите на домаќинствата е забележано умерено забрзување на годишната стапка на раст.
Во насока на натамошно усогласување на подзаконскиоте акти со новиот Закон за Народната банка на Република Македонија, Советот ги разгледа и усвои Одлуката за купување и продавање хартии од вредност на привремена и дефинитивна основа од страна на Народната банка на Република Македонија, Правилата за начинот и постапката за тргување и порамнување на трансакциите со хартии од вредност на пазарите преку шалтер и Одлуката за Сметковниот план за банките. Со Одлуката за Сметковниот план за банките се вршат и одредени дополнувања со нови сметки заради обезбедување попрецизна евиденција и унапредување на супервизорската активност на Народната банка на Република Македонија. Новина кај Одлуката за купување и продавање хартии од вредност на привремена и дефинитивна основа од страна на Народната банка на Република Македонија претставува воведувањето на можноста за склучување привремени репо-трансакции со банките на билатерална основа, покрај дефинитивниот откуп и продажба на хартии од вредност, со што се зголемува флексибилноста на Народната банка на Република Македонија при управувањето со ликвидноста во банкарскиот систем.
Заради усогласување со новиот Закон за Народната банка, на денешната седница Советот усвои и повеќе акти поврзани со внатрешната организација и работата на Банката.