Во овој извештај се врши анализа на стабилноста на одделните сегменти на финансискиот систем, нивната меѓусебна поврзаност и значењето за финансиската стабилност, не заобиколувајќи го значењето на капацитетот и остварувањата на нефинансискиот сектор. Притоа, беше констатирано дека стабилноста на финансискиот систем е одржана и во 2011 година, а ризиците за нејзиното идно одржување забележаа зголемување. Ризиците првенствено се поврзани со натамошното продолжување и можното продлабочување на должничката криза во евро-зоната, што би се одразило врз идната динамика на домашната економска активност.
Во 2011 година, вкупните средства на финансискиот систем пораснаа за 9,2%, при раст на речиси сите негови сегменти. Ризикот од меѓусекторската поврзаност и можност за зараза преку прелевање на ризиците од еден во друг институционален сегмент во Република Македонија е ограничен. Банкарскиот сектор, со учество од 88,6% во активата на финансискиот систем, е носител на финансиската стабилност во Република Македонија. Банките, во услови на зголемените ризици коишто доаѓаат од поширокотo опкружување, се покажаа исклучително внимателни во своите активности. Во 2011 година, банкарските активности растеа со забавено темпо во однос на претходната година, но нивното учество во бруто домашниот производ на земјата се зголеми. Стабилноста на банкарскиот сектор се потврдува и со целосната покриеност на нефункционалните кредити со издвоена исправка на вредноста, со неговата висока ликвидност и висока и стабилна солвентност. Воедно, резултатите од извршените стрес-тестови покажуваат задоволителна отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови.
Пензиските фондови, со учество од 4,3%, и осигурителниот сектор, со учество од 3,4%, се следните најзначајни два сегмента во финансискиот сектор. Во 2011 година, во споредба со сите останатите сегменти, пензиските фондови остварија најголем раст, и тоа од 29,1%, а се потврди дека осигурувањето на живот има најголем потенцијал за натамошен развој во рамките на осигурителниот сектор. Останатите сегменти од финансискиот систем имаат скромно влијание врз севкупната финансиска стабилност во Република Македонија.
Клучен фактор за стабилноста на целокупниот финансиски систем, паралелно со поволното макроекономско опкружување, се остварувањата и финансиската состојба на нефинансиските субјекти. Ризиците врз финансиската стабилност коишто произлегуваат од корпоративниот сектор и домаќинствата во текот на 2011 година се во контролирани граници и не се очекува дека ќе предизвикаат посериозни негативни последици врз финансиската стабилност на краток рок.
Главните ризици поврзани со корпоративниот сектор се последица од развлекувањето или можното продлабочување на турбуленциите во поширокото екстерно опкружување, евентуалните последователни рецесиски притисоци врз домашната економија и нивните ефекти врз ликвидноста и капацитетот за редовна отплата на обврските преземени од страна на домашните претпријатија. Ликвидноста на корпоративниот сектор е с? уште на ниско ниво, и покрај малото подобрување во 2011 година, но се забележува поефикасно користење на средствата.
Обемот на активности и остварувањата на корпоративниот сектор и неговата ефикасност во справувањето со ризиците на кои е изложен, во голема мера, го определуваат расположливиот доход и воопшто финансиската моќ на населението. Високата стапка на невработеност и ниската продуктивност и понатаму се главната причина за недоволниот раст на расположливиот доход. Во 2011 година се подобри способноста на секторот „домаќинства“ за отплата на вкупниот долг наеднаш, поради побрзиот раст на финансиската актива во споредба со растот на вкупниот долг. Во растот на финансиската актива за 17,1%, најголем придонес имаа депозитите кај домашните банки и животното осигурување. Нефункционалните кредити на домаќинствата се речиси непроменети.
Ризик за финансиската состојба и на корпоративниот сектор и на домаќинствата претставува нивната изложеност на промена на каматните стапки, поради високата примена на таканаречените прилагодливи каматни стапки коишто се менуваат со еднострана одлука на банките. Од друга страна, валутниот ризик е ограничен поради примената на стратегијата на де факто фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото. Народната банка останува доследна во спроведувањето на законски дадената цел да придонесува кон одржување стабилен и конкурентен финансиски систем ориентиран кон пазарот и ќе ги презема сите расположливи чекори и мерки во таа насока.
На седницата, Советот на Народната банка беше информиран и за најновите макроекономски движења.
Последните макроекономски движења во домашната економија, гледано од монетарен аспект, во основа претставуваат продолжение на трендовите од претходните два месеца. Во текот на јуни, домашните цени повторно се намалија на месечна основа. Со тоа, инфлациските притисоци од април, делумно предизвикани од фактори со еднократно влијание, продолжија постепено да се исцрпуваат. Инфлациските остварувања се во рамките на очекувањата, а позначителни промени во динамиката на инфлацијата не се очекуваат до крајот на 2012 година. Отсуството на поголеми ризици околу инфлацијата се потврдува и со показателите за економската активност, коишто јасно укажуваат на намалена искористеност на капацитетите и отсуство на притисоци преку побарувачката.
Засега, ефектите врз домашната економија од обновувањето на проблемите со должничката криза во евро-зоната и влошените економски изгледи на глобален план се ограничени на реалниот сектор.
Девизните резерви и понатаму ја следат очекуваната патека и се одржуваат на соодветното ниво, обезбедувајќи доволен простор за амортизација на евентуални неповолни шокови, при што останува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика и соодветни промени во монетарните услови, доколку е тоа потребно.
Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите кои не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со Одлуката за изменување се олеснува приливот на средства од сметката на резидент отворена кај странска банка, за физичките лица кои престојувале подолг период во странство и с? уште поседуваат странска патна исправа со податоци за адресата на живеење во странство, а се вратиле да живеат во Република Македонија.
На денешната седница Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.