Во текот на 2015 година, Народната банка на Република Македонија изврши анализа за потребата и можностите за ревидирање на прописите донесени врз основа на Законот за девизното работење, а коишто се во надлежност на Народната банка.
Во текот на 2015 година, Народната банка на Република Македонија изврши анализа за потребата и можностите за ревидирање на прописите донесени врз основа на Законот за девизното работење, а коишто се во надлежност на Народната банка. Целта на оваа анализа беше да се согледаат условите и можностите за намалување на администрирањето во извршувањето на трансакциите во делот на платниот промет со странство, до степен којшто нема да предизвика нарушување на барањата за „девизниот режим“ од Законот, а од своја страна би придонесле за поефикасно водење на бизнисот во Република Македонија. За споредба, во земјите од ЕУ, платниот промет со странство не подлежи на ограничувања како што е случајот во РМ, односно плаќањата се целосно слободни од режимски аспект.
Врз основа на анализата се утврди потребата и можноста да се интервенира во седум одлуки, од кои до денес се донесени шест, а наскоро ќе се донесе и последната одлука, којашто ги регулира начинот и условите за вршење на платниот промет со странство. Ова не се одлуки коишто се донесуваат за првпат, туку со овие одлуки се заменуваат (се изменуваат) постојните одлуки коишто се донесени пред пет, па и десет години, а се однесуваат на: условите за вложување во хартии од вредност во странство од страна на овластените банки, отворањето девизни сметки во домашни банки од страна на резидентите, отворањето сметки од страна на нерезиденти, наплатата и плаќањето во денари во трансакции со нерезиденти, отворањето сметки во странство од страна на резиденти што не се овластени банки и извршувањето менувачки работи.
Заради бројните коментари во јавноста за Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство, даваме појаснување на опфатот на оваа регулатива, како и на новините коишто се воведени во февруари 2016 година. Имено, со оваа одлука отсекогаш се регулирале случаите во кои резидентите на Република Македонија, кои не се овластени банки (значи физички и правни лица), можат да имаат сметки во странство. Основниот концепт на регулативата е дека сметка во странство може да има само оној резидент којшто исполнува определени критериуми за отворање на сметката. Имено, сметки во странство можат да имаат: дипломатските претставништва, физичките лица кои привремено престојуваат во странство, странските физички лица кои привремено престојуваат во Република Македонија, физичките лица со постојано место на живеење во Република Македонија со стекнати права во странство (пензија, социјална помош, детски додаток итн.), физичките лица со постојано место на живеење во Република Македонија, а во исто време имаат и важечка странска патна исправа со податоци за адресата на живеење во странство. Одлуката определува како може да се користи сметката во странство за секое од овие лица, односно дали може да се користи само за приливи или само за одливи, или и за приливи и за одливи.
Со последната одлука од февруари 2016 година се направија мали измени и приспособувања на оваа регулатива, коишто не ја менуваат воопшто досегашната суштина на регулативата. Беше донесена целосно нова одлука (а не измени на постојната) исклучиво од правни причини (променет е членот од Законот за девизното работење со кој Народната банка се овластува да го носи овој подзаконски акт и следствено, поради промени во преамбулата на Одлуката, неминовно се донесе нова одлука, а не нејзини измени).
Така, во однос на отворањето сметки во странски банки од страна на резиденти физички лица е појаснето дека за важечки документ со кој се докажува привремениот престој во странство „се смета документот издаден од надлежен орган во државата со којшто се регулира престојот во таа земја“, за разлика од претходната одредба со која се определуваше дека „за важечки документ за престој во странство не се смета визата евидентирана во патната исправа, туку тоа треба да биде друг документ издаден од надлежен орган во државата со којшто се регулира престојот во таа земја“. Во суштина, со оваа измена само се врши усогласување со практиката на некои држави каде што со визата евидентирана во патната исправа се регулира и привремениот престој во таа држава.
Значајна нова одредба во делот со кој се регулира слободното отворање и имање сметки кај странски банки е дека резидентот физичко лице може средствата од сметката да ги пренесе во Република Македонија и по истекот на рокот на важност на документот за престој или работа во странство, како и документот за стекнати права.
Со Одлуката од февруари е воведена нова категорија резиденти физички лица коишто можат да имаат сметка во странска банка, врз основа на вработеност во дипломатски, конзуларни претставништва во странство, како и членови на нивните потесни семејства. Имено, ова дополнување е направено врз основа на Законот за девизното работење, според кој овие лица иако работат, односно престојуваат во странство, имаат статус на резидент.
Најголеми реакции во јавноста имаше за одредбите за физичките лица со постојано место на живеење во Република Македонија, кои во исто време имаат и важечка странска патна исправа со податоци за адреса на живеење во странство. Оваа категорија физички лица имаше право да има сметка во странство и со претходната одлука. Единствената разлика помеѓу двете одлуки се состои само во начинот на користењето на сметката (според претходната одлука, сметката во странство можеше да се користи само за трансфер на средства од странство, а според новата одлука сметката во странство може да се користи за трансфер на средства во и од странство). Оваа измена е направена заради поедноставување на постапката кај домашните банки при извршување трансфери од и во странство. Имено, физичките лица коишто поседуваат важечка странска патна исправа со податоци за адресата на живеење во странство, без никакво ограничување, можат да имаат сметка во домашна банка со статус на нерезидент, бидејќи во документот за идентификација што го приложуваат до банката е наведено местото на постојано живеење во странство. Согласно со прописите коишто го регулираат платниот промет со странство, за нерезидентите нема никакво ограничување во располагањето со средствата (во девизи или денари), односно во приливите и одливите од и кон странство, без некоја посебна режимска контрола спроведувана од страна на домашната банка.
Според Законот за девизното работење, статусот на резидент или нерезидент се утврдува врз основа на местото на постојано живеење, а не според тоа дали лицето има или нема државјанство на Република Македонија. Оттука, доколку физичките лица коишто се државјани на Република Македонија поседуваат и државјанство на друга држава (двојно државјанство), нивниот статус при отворањето на сметка во домашната банка ќе зависи од тоа кој документ го приложуваат до банкарскиот службеник. Бидејќи овие лица со двоен статус (резидент и нерезидент) можат слободно да извршуваат трансфери на средства во странство, ако имаат сметка со статус на нерезидент, не гледаме причина зошто тоа да не можат да го прават и ако имаат сметка со статус на резидент, само доколку имаат и важечка странска патна исправа со податоци за адресата на живеење во странство. Затоа што, ако трансферот на средства не го направат од сметката со резидентен статус, тоа ќе го направат преку сметката со нерезидентен статус, којашто легално можат да ја отворат во секоја домашна банка. Најчесто овие лица со двоен статус одбираат да имаат сметка со статус на резидент во домашната банка, бидејќи имаат право и на пензија во Република Македонија или други приходи.
Сите споменати случаи и категории резиденти физички лица можат да отвораат сметки во странство доколку ги исполнуваат пропишаните услови. Но, постојат одредени компании коишто заради природата на нивната работа и присутност во странските земји, имаат потреба од отворање сметки во странски банки. Ова првенствено се однесува на: компаниите коишто изведуваат инвестициски работи во странство; коишто имаат претставништво во странство; коишто вршат услуги во меѓународниот транспорт на стоки и патници; коишто вршат работи во областа на научната дејност. Исто така, постојат резиденти кои имаат стекнати права во странство врз основа на наплата на побарувања: по судска одлука, врз основа на продажба на недвижен имот во странство, врз основа на закуп на недвижен имот во странство; наплата на побарувањата врз основа на дивиденда или продажба на стекнати хартии од вредност во странство, како и за камата или друг принос врз основа на стекнати хартии од вредност; наплата на побарувања во странство остварени врз основа на поврат на данок на додадена вредност од трговски трансакции; наплата на побарувања во странство остварени врз основа на испорака на стоки или извршени услуги врз основа на добиени меѓународни тендери. Само за овие случаи и токму за овие категории резиденти, Народната банка издава одобренија врз основа на образложено барање и соодветна документација којашто резидентот ја прилага кон барањето. Притоа, Народната банка ја применува оваа постапка на издавање одобренија со години наназад. Со последната измена на оваа одлука, оваа листа на резиденти е дополнета единствено со можноста за отворање сметка во странска банка за потребите на наплата на побарувања во странство остварени врз основа на испорака на стоки или извршени услуги врз основа на добиени меѓународни тендери.