Поздравен говор на Народната банка на Република Македонија д-р Љубе Трпески на 8-та Меѓународна конференција на клириншки институции, 18-20.09.2003 година
Дами и господа,
Ми претставува голема чест и задоволство да Ви се обратам на оваа меѓународна конференција на која присуствуваат преставници од околу 25 земји и меѓународни организации, како и во името на Народната банка на Република Македонија да ви посакам добредојде во нашата земја и да Ви пожелам успешен тек на конференцијата.
Имајќи ги во предвид темите што ќе се разгледуваат на оваа конференција, со сигурност можам да констатирам дека ефектите од конференцијата ќе бидат позитивни не само за клириншките институции, туку и пошироко за банките и другите учесници во платните системи.
Народна банка на Република Македонија, спаѓа во групата централни банки со изразит степен на независност во однос на извршната власт. Нејзина основна цел е одржувањето на ценовната стабилност. Таа своја цел ја постигнува преку спроведување на основни функции на Централната банка, и тоа:
- спроведување на монетарната политика;
- одржување на финансиска стабилност и
- функционирање на платниот систем.
Овие три основни функции се зависни една од друга. Во таа смисла, платниот систем игра стожерна улога за финансиските пазари. Тој претставува главен канал за дистрибуција на ликвидноста. Оттука стабилното и ефикасно функционирање на платниот систем претставува неопходен услов за ефективно спроведување на монетарната политика. Но од друга страна, операциите на монетарната политика помагаат за правилно работење на платниот ситем, снабдувајќи го со ликвидност за неговото непречено работење.
Преку ефикасното функционирање на платниот систем се овозможува безбедно и навремено комплетирање на финансиските трансакции со што се создава значаен придонес за перформансите на националната економија. Имајќи во предвид дека платниот систем е една од највиталните компоненти на финансиската и економската инфраструктура, може да се претпостави дека евентуалните неправилностите во неговото работење, може брзо да се прошират и да создадат нестабилност во целиот финансиски систем. Платниот систем ги изложува учесниците на ризици и може да претставува канал за трансмисија на потреси од еден дел во друг дел на финансискиот систем. Од друга страна, стабилноста на финансискиот систем значајно влијае на успешното работењето на платните системи.
Токму поради овие улоги, Народна банка на Република Македонија посветува големо внимание на сигурноста и ефикасноста на платниот систем и е иницијатор на реформи во платниот систем. Така, пред две години во Република Македонија се спроведе голема реформа на платниот систем во земјата и се изгради модерен платен систем, кој соодветствува на новите состојби на пазарно стопанство. Новиот платен систем ја засили компетитивната компонента на банките со што ја зголеми ефикасноста на банките и целиот банкарски систем во целина. На ниво на една банка се овозможува поефикасно следење и управување со ликвидноста. Исто така, со оваа реформа се зголеми и ефикасноста на водењето на монетарната политика. Од друга страна ако се земе фактот дека во новиот платен систем едно правно лице може да има повеќе сметки во повеќе банки, овозможена е диверсификација на ризикот од аспект на едно правно лице, што претставува значајна придобивка на финансискиот систем воопшто.
Ефикасното и стабилно функционирање на платниот систем, Народна банка на Република Македонија ги остварува преку следните функции:
- Оперативната функција,
- Функцијата на надгледување,
- Регулативната функција, и
- Развојната функција.
Народна банка ја остварува Оперативната функција како сопственик и оператер на МИПС - Македонски Интербанкарски Платен Систем. Тоа е систем за бруто порамнување во реално време (РТГС систем). Операциите во системот учесниците ги извршуваат согласно со однапред дефинирани Правила за работа на МИПС. Покрај тоа, Народна банка на Република Македонија е банка на државата и во неа се води Единствената Трезорска сметка.
Тука би сакал да истакнам дека функционирањето на МИПС системот е во голема мерка хармонизирано со Базичните принципи за системски значајните платни системи. Ова не претставува само проценка на Народната банка на Република Македонија, туку е потврдено и од ФСАП мисијата (мај-август 2003 година) која даде многу добри оценки за усогласеноста на работењето на МИПС со Базичните принципи и Кодот на транспарентност на ИМФ. Во овој момент се работи на надминување на забелешките на ФСАП мисијата, кои пред сe се однесуваат на изградба на резервен систем на оддалечена локација како и на промена на некои законски одредби.
Сакам да истакнам, дека Македонскиот Интербанкарски Платен Систем со своето работење ги покрива целосно своите трошоци, при тоа постигајќи минимална цена на трансакција.
Покрај редовното работење, ни беше чест да го претставиме нашиот РТГС систем на претставниците на осум различни централни банки од Европа, Африка и Азија кои беа и се во фаза на имплементирање на нивните РТГС системи. Со гордост можам да истакнам дека Народна банка на Македонија е една од ретките институции во државата што се оспособи и да дава техничка помош на други централни банки.
Системскиот ризик е главната причина за поблизок интерес на Народна банка на Република Македонија во доменот на надгледување на платните системи како втора значајна функција. Принципите кои се употребуваат во проценувањето за сигурен и ефикасен платен систем во водењето на надгледувањето се разработени и кодифицирани во извештајот издаден од Банката за Меѓународни Порамнувања (Базични принципи за системските важни платни системи). Народна банка на Република Македонија, ги прифати овие принципи како водич за сопствените надгледувачки активности. Со нивна помош Народна банка на Република Македонија се грижи за намалување на сите видови на ризици во платниот систем.
Значајно место во платните системи во Република Македонија има и Клириншката Куќа - КИБС кој е најголем приватен платен систем. Тој работи на принципот на одложено нето порамнување за обработка на плаќањата со мала вредност. Неговиот правилен развој претставува придонес кон целокупноста на платните системи во нашата земја, што Народна банка на Република Македонија го следи во рамки на својата функција на надгледување на платните системи.
Народна банка на Република Македонија има и Регулативна функција во платниот систем во земјата. Оваа функција се остварува преку носење на Одлуки, Упатства и Решенија во доменот на платните системи.
Развојната функција на Народна банка на Република Македонија во Платните Системи е во следењето и воведувањето на нови стандарди во работењето, следењето на развојните тенденции и создавање на амбиент за нивно имплементирање во платните системи во Република Македонија.
Почитувани Дами и Господа,
Дозволете да го искажам и моето задоволство како од темите кои се третираат на оваа меѓународна конференција така и од делегираните предавачи од различни институции од Европа.
Платните системи играат клучна улога за монетарната стабилност на земјата и поради тоа им се посветува соодветно внимание. Во таа насока се надевам дека и оваа конференција ќе фрли светлина кон новите сознанија од оваа област кои ќе бидат корисни за сите нас.
На самиот крај, сакам на сите Вам да ви посакам пријатен и среќен престој во нашиот град и со себе да понесете пријатни мигови и нови искуства.
д-р Љубе Трпески
гувернер
{{Title}}
{{Intro}}
{{{Content}}}
{{#hasElements Images}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=886"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=200&height=100"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{/hasElements}}