Скопје, 28.11.2014 година
Обраќање на гувернерот Димитар Богов на работилницата организирана од Народната банка на Република Македонија и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), за изградба на одржлив систем за управување со нефункционалните кредити и решавање на долговите
Почитувани дами и господа,
Почитувани присутни,
Ми претставува големо задоволство да ја отворам оваа работилница, организирана со заеднички напори на Народната банка на Република Македонија и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), за изградба на одржлив систем за управување со нефункционалните кредити и решавање на долговите. Оваа тема е од огромно значење за соодветно функционирање на финансискиот систем и на банките како негов главен столб, особено имајќи ја предвид тековната состојба на нефункционалните кредити. Од друга страна, соодветната поставеност на инструментите за разрешување на долгот, законите и процедурите за несолвентност, односно стечај, може да се сметаат за фактор што придонесува за подобар пристап до кредитите и на крајот, доведува до пониски трошоци на финансирање за компаниите. Создавањето ефективен и ефикасен систем за решавање на долгот не може да се спроведе без носителите на политиките, регулаторите и другите релевантни институции. Нивната улога е од суштинско значење не само за структурата, развојот и воспоставувањето на системот преку закони, подзаконски акти, правила и слично, туку и за неговото функционирање и ефективност. Се надевам дека денешниов настан ќе промовира отворена дискусија помеѓу учесниците, којашто пред сè ќе биде фокусирана на различните аспекти на решавање на нефункционалните кредити.
Дозволете ми да ја потенцирам важноста на оваа тема за банкарскиот систем, и некои од нејзините пошироки економски ефекти.
Движењата во банкарскиот систем во периодот по кризата, во повеќето европски економии во подем, јасно покажаа висок раст на нефункционалните кредити, што е особено очигледно во земјите коишто имаа кредитна експанзија во периодот пред кризата. Генерално, Република Македонија не е исклучок од овој тренд. Во годините пред кризата, кога постоеше силен раст на кредитите, од 2003 до 2008 година, просечниот годишен раст на кредитите на банките изнесуваше околу 28%. Во овој период, нефункционалните кредити пораснаа, во просек, за 4% на годишно ниво. Но, почнувајќи од септември 2008 година, месецот кога пропадна „Леман брадерс“ и изби финансиската криза, до септември 2014 година, состојбата на нефункционалните кредити постигна просечен годишен раст од близу 20%, при што 85% од овој пораст отпаднаа на корпоративниот сектор. Брзиот раст на нефункционалните кредити по почетокот на глобалната финансиска криза беше проследен со помал кредитен раст. Просечната годишна стапка на раст на кредитите во овој период изнесуваше околу 7% (наспроти 28% пред кризата). Заклучно со септември 2014 година, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на домашните банки изнесува 12,2%, што е меѓу најниските нивоа во регионот, но е речиси двојно поголемо во споредба со учеството од 6,6% во септември 2008 година.
Многу меѓународни експерти и банкарски аналитичари сметаат дека нивото на нефункционалните кредити во земјите од Југоисточна Европа веројатно никогаш нема да се врати на нивото пред кризата, или барем не во блиска иднина. Специфичната карактеристика на македонскиот банкарски систем е долготрајноста на салдото на нефункционалните кредити. Имено, повеќе од една четвртина од нефункционалните кредити остануваат во портфолиото на банкарски активности повеќе од четири години. Исто така, една половина од нефункционалните кредити се целосно резервирани, што покажува дека банките имаат тенденција целосно да ги покријат нефункционалните кредити со резервации, но сепак да ги задржат во билансот на состојба. Другата половина од нефункционалните кредити се покриени со резервации од околу 55%. Банките не се склони да ги отпишуваат целосно резервираните нефункционални кредити, најверојатно заради постоењето некаква форма на обезбедување. Кумулативните отписи во период од шест години по кризата опфаќаат само 5,4% од првичната состојба на заемите од септември 2008 година. Речиси и да нема продажба на нефункционалните кредити. Подолготрајното задржување на нефункционалните кредити во билансната евиденција на банките обично значи пониски стапки на наплата, додека чекањето конечна одлука во формален процес на стечај или ликвидација, обично значи подолг период за наплата.
Оваа ситуација во Македонија, всушност, ги потврдува наодите од неколку истражувања дека главниот проблем за високото и растечко ниво на нефункционалните кредити во банкарските системи на земјите во развој не е дали оваа состојба може да ја загрози финансиската стабилност, туку дали нивото на овие кредити може да ги мотивира банките да го намалат новото кредитирање на приватниот сектор. Забрзувањето на растот на нефункционалните кредити ја намалува понудата на кредити преку разни банкарски канали и на тој начин станува пречка за постигнување одржливи стапки на економски раст, што претставува еден од главните предизвици во годините по кризата.
Неодамнешната финансиска криза покажа дека пропаѓањата на бизнисите треба да бидат вообичаена карактеристика на пазарните економии, а справувањето со долговите на клиентите и со нефункционалните кредити да биде редовен дел од банкарското работење. Сепак, разликите меѓу економиите не се видливи само во застапеноста на банкротот, туку и во справувањето со несолвентните економски субјекти и во расположливите механизми за нивно уредно излегување од пазарот или реорганизација на работењето. Силата на националната рамка за несолвентност, како и достапноста на различни алатки за решавање на несолвентноста, се во позитивен сооднос со кредитните услови и со нивото на приходи по глава на жител. Оваа рамка треба да овозможи заштита на правата на доверителите и е од фундаментално значење за финансискиот систем. Практично, развиениот и ефективен режим на несолвентност треба да овозможи максимизирање на вредноста на средствата и наплатата на побарувањата на доверителот на несолвентната компанија, со транспарентност и отчетност како негови главни принципи. Според последниот Извештај за водење бизнис (Doing Business Report), посилните рамки за несолвентност претставуваат основа за повисоко ниво на домашни кредити дадени на приватниот сектор. Во Македонија, почнувајќи од 2006 година, се направени неколку промени во националната рамка за несолвентност, којашто според последниот Извештај за водење бизнис, обезбедуваат задоволителен квалитет на регулативата за стечај. Сепак, изградбата на ефикасна и сеопфатна правна рамка е континуиран процес и секогаш има простор за понатамошни подобрувања. На пример, потребна е дебата дали да се воведе личен банкрот во македонските рамки на несолвентност и ако е потребно, како соодветно да се усогласи тој механизам со сегашната регулатива за извршување и со пошироката правна рамка.
Македонските банки, како главни кредитори во економијата, треба да имаат поактивна улога во справувањето со нефункционалните клиенти. На пример, постои простор за поактивна улога на банките во формалната процедура за стечај, особено преку создавање и одобрување план за реорганизација на должникот. Во такви околности, може да има заедничка соработка помеѓу сите доверители, преку одреден вид синдицирани кредити. Банките имаат експертиза, знаење и углед да промовираат и да водат таков процес и да го следат спроведувањето на планот за реорганизација. Ако овие активности внесат успешна промена во работењето на клиентот, со тоа ќе се постигнат позитивни ефекти за самата банка, но и економски и пошироки социјални ефекти.
Друга можност за банките е сè почестата практика на неформално вонсудско реструктурирање на кредитите, преку намалување на каматната стапка, продолжување на рочноста, воведување грејс период, капитализација на каматата, прифаќање нови обезбедувања, валутна трансформација, конверзија на долгот во акции, нивна комбинација или каква било друга промена во условите за кредитирање со кои ќе се подобри кредитоспособноста на должникот. Клучниот предуслов за ефикасно реструктурирање е банките да имаат интерни процедури и вештини коишто ќе им овозможат сеопфатна контрола и надзор на нивното портфолио. Целта е навремено идентификување на проблематичните кредити, односно во раните фази, а не откако ќе станат нефункционални. Преку тесна соработка со клиентот ќе се создадат поголеми шанси за нормализирање на структурата за отплата на кредитот, како и поголема флексибилност во преговорите. Во Македонија, учеството на реструктурираните кредити во вкупните кредити изнесува 6,7%. Имајќи ја предвид повисоката стапка на раст на нефункционалните кредити во периодот по кризата, постои простор банките повеќе да ја употребуваат оваа можност за рестрктурирање заедно со подобрено следење и известување за проблематичните кредити.
Банките може да размислат за продажба на нефункционалните кредити или преземените средства на трети лица, како легитимна опција за отуѓување на неквалитетната актива. Банките би можеле да имаат повеќедимензионална корист, почнувајќи од зголемување на квалитетот на нивните кредити, подобрување на капиталната позиција, намалување на трошоците поврзани со процесот на наплата, зголемување на изворите на средства, итн.. Затоа, банките може да спроведуваат и други неопходни чекори за да се примени оваа позната меѓународна практика на локалниот или регионалниот пазар. За жал, не постои единствен модел за управување со средства, а карактеристиките на локалниот пазар се одлучувачкиот елемент за продажбата на нефункционалните кредити. Во македонски услови, една можна опција би била основање компании за управување со средствата коишто ќе бидат специјализирани за справување со нефункционалните средства. Овие компании ќе бидат еден вид складиште за избраните групи нефункционални кредити, со цел ризичните средства да станат привлечни за потенцијалните купувачи. Компаниите за управување со средства може да се основаат на различни начини, преку приватно-јавно партнерство, преку друга форма на деловно поврзување меѓу банките и приватните претприемачи, или преку заедничко вложување само на банките. Без оглед на нивниот вид, тие треба да бидат независни субјекти, со свои цели на управување и работење, а нефункционалните кредити да се продаваат според пазарни услови. На почетокот, овие компании би можеле да бидат поддржани од меѓународните финансиски институции. Релевантна опција, исто така, би била привлекување странски компании или странски фондови за влез на пазарот.
Важен предуслов за создавање пазар на нефункционални кредити е утврдувањето на објективната вредност на нефункционалните кредити. Клучен елемент за тоа е изготвување ефикасна методологија за процена на нефункционалните кредити, како и на нивното обезбедување. Објективната вредност треба да ја одразува очекуваната стапка на наплата и треба да служи како почетен сигнал за цените во трансакциите со нефункционалните кредити. Би можело да се очекува дека само со нивно точно вреднување може да се развие потенцијален пазар на нефункционални кредити и потенцијалните инвеститори да имаат интерес да инвестираат во вакви средства.
Објаснувањето би било исто и за воспоставувањето и работењето на компаниите коишто се специјализирани за купување и продавање на средствата преземени од страна на банката врз основа на ненаплатени побарувања.
Поинтензивното практикување на која било од гореспоменатите опции ќе ја зголеми флексибилноста на процесот на банките за управување со нефункционални кредити. Ова треба да доведе до зголемување на наплатата на банката од нефункционалното портфолио, но, исто така, ќе има позитивно влијание врз многу други аспекти на нивното работење - управувањето со капиталот, ликвидноста, профитабилноста, управувањето со ризиците итн..
Да заклучиме, подобрувањето на управувањето со кредитниот ризик е континуиран и тековен процес, особено во мали и отворени економии во развој, како што е Македонија. Во овој контекст, оваа работилница може да им даде нови видици на учесниците, да создаде нови идеи и насоки за идната работа во оваа област, за регулаторите како и за претставниците на банкарскиот сектор. Добредојдена е интерактивна и плодна дискусија.
Ви благодарам за вниманието.