Почитувани претставници на медиумите,
На почетокот дозволете ми во мое лично име и во името на раководството и целиот тим на Народната банка да се заблагодарам за вашето присуство на денешниов настан којшто е посветен на состојбите во банкарскиот систем. Заедно со мене присутни се и извршните членови на Советот на Народната банка – вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска, директорот на Фондот за осигурување на депозити, г. Борче Хаџиев и генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, г-а Викторија Глигорова.
Би сакале да ве известиме вас медиумите и јавноста дека денес, 12 август 2020 година, Народната банка, постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандрад банка“ АД Скопје. Укинувањето на дозволата е заради неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.
Со оглед на тоа што учеството на оваа банка во вкупната банкарска актива, вкупните депозити и вкупните кредити е само 1.3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, воопшто не се доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем, односно банкарскиот систем и натаму останува стабилен и високо капитализиран.
Во изминатиот период, заради поголема изложеност на ризици во своето работење, „Еуростандрад банка“ АД Скопје беше под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор. Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои го засилуваше интензитетот на супервизорскиот режим кон оваа банка, со цел отстранување на слабостите во работењето, намалување на изложеноста на ризици и подобрување на процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Клучните проблеми на „Еуростандард банка“ АД Скопје, се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби.
Имено, со цел спречување преземање висок кредитен ризик, во изминатиот период, воспоставени се ограничувања на кредитната активност на Банката, односно дозволено ѝ беше кредитирање единствено на клиенти класифицирани во категориите на ризик „А“ и „Б“. Воедно, оваа банка имаше и построг дозволен лимит за поединечна изложеност кон клиенти, поставен на 5% од сопствените средства, наспроти законскиот лимит од 25%. Со цел заштита на билансот на банката, како и ограничување на ликвидносниот ризик, оваа банка беше задолжена и да одржува високо ниво на покриеност на вкупните депозити на население со ликвидна актива од 60%. Особено важно, заради покривање на ризиците на кои е констатирано дека е изложена, кон неа постојано се изрекувани и мерки за јакнење на нејзината капитална позиција.
И покрај континуираното преземање мерки години наназад, супервизорските тимови на Народната банка во текот на 2019 година, констатираа висока изложеност на кредитен ризик, значаен износ на неиздвоена исправка на вредност и поткапитализираност. Сето ова како последица на слабостите во управувањето со кредитниот ризик и во процедурите за одобрување на кредити. Согласно со Законот за банките, Народната банка ја задолжи „Еуростандард банка“ АД Скопје да спроведе План за подобрување на состојбата, во кој една од клучните мерки беше докапитализација. „Еуростандард банка“ АД Скопје направи и промени во својата организациска и управувачка структура и покажа одредена респонзивност во однос на барањата за подобрување на контролните системи. Воедно, по барање на Народната банка, акционерите направија докапитализација во текот на минатата година, со што делумно ги исполнија обврските за 2019 година.
Сепак, овој капитал не беше доволен за исполнување на вкупните капитални барања, поради што на почетокот на оваа година, Банката беше задолжена да спроведе ревидиран План. Преземените обврски по ревидираниот план за докапитализација во првата половина од оваа година не се исполнија, ниту во целиот овој период се обезбеди разумно уверување и цврст доказ за извесност за навремено обезбедување на потребната капитална поддршка за Банката.
Неисполнувањето на целосната обврска за докапитализација, но и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик, заради ненаплатливост на дел од кредитите одобрени во претходниот период, ја намалија стапката на адекватност на капиталот на Банката под 2%, со што согласно со Законот за банките, Банката е несолвентна. Поради ова, Народната банка, , во текот на утрешниот ден до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во „Еуростандард банка“ АД Скопје.
Што ќе се случува со депозитите на граѓаните депонирани во банката?
Сите депозити на физички лица, коишто согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити се предмет на обесштетување, односно депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во Банката ќе бидат исплатени во рамки на законските рокови. Директорот на Фондот, за кратко и подетално ќе информира околу процесот на обесштетување.
Ве уверуваме дека сите институции коишто имаме улога во овој процес ќе вложиме напор обесштетувањето на депозитите да започне во најкус можен рок и да се спроведе на најефикасен начин во корист на депонентите. Депозитите кои не се предмет на обесштетување од страна на ФОД, ќе бидат исплаќани последователно, во согласност со брзината и обемот на наплата на побарувањата на Банката од страна на стечајниот управник.
Како регулатор и супервизор на банкарскиот систем, ја уверуваме јавноста дека вложивме исклучителен напор да се најде поинакво решение за Банката, односно да не дојде до нејзино затворање. Се разбира, првенствено, нашите напори се видливи во постојаното преземање супервизорски мерки и воведување најстрог супервизорски режим, со којшто делувавме на системот на управување со ризици и корпоративното управување во Банката. Дополнително, преку комуникацијата со акционерите вложивме огромен напор решението да биде оптимално, односно преку вложување на капитал од страна на сопствениците, Банката да се стабилизира и да почне нормално да функционира. Иако акционерите покажаа одредена респонзивност, сепак, големината на кумулирани кредитни загуби наметна потреба од поголеми вложувања, коишто за жал не беа реализирани.
Со оглед на големината на Банката, затворањето на оваа банка воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем во целина.
Потврда за ова се податоците за банкарскиот систем со состојба на 30 јуни 2020 година:
-
Стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем забележа натамошен раст и е во рамки на историскиот максимум - 17%, односно е повеќе од двојно повисока од законскиот минимум. Ако се изземе „Еуростандард банка“ АД Скопје, адекватноста на капиталот на системот се зголемува и изнесува 17,2%. Кај сите други банки, стапката на адекватност на капиталот е во распон од околу 14% до 22%, односно кај најголем дел е двојно повисока од минималното законско барање, што е од клучно значење за стабилноста на одделните банки и банкарскиот систем во целина.
-
Нешто повеќе од половина од капиталот на банките претставува вишок над законскиот минимум што е исклучително значајно за заштита на системот од шокови, каков што е пандемијата на ковид-19. Нивната намена е токму таа – градење на капацитети во „мирни времиња“ за подобра подготвеност за справување со предизвици во кризни периоди.
-
Квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90% се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на банкарскиот систем
-
Сите други банки во првата половина од оваа година работат со добивка, којашто е значаен потенцијален извор на капитал. Ако се иземе „Еуростандард банка“ АД Скопје, финансискиот резултат на банкарскиот систем се подобрува речиси за 21%. Ликвидноста продолжува да се одржува согласно со супервизорските стандарди (околу 30% учество на ликвидна во вкупна актива).
-
Нефункционалните кредити се одржуваат на историски ниско ниво од 4,7%, едно од најниските во регионот, при што кај најголем дел од банките во вториот квартал има нивно намалување. Со изземање на „Еуростандард банка“ АД Скопје, нивото на нефункционалните кредити на банкарскиот систем е значајно помало и изнесува само 3,7% од вкупните кредити.
Сите овие податоци јасно покажуваат дека затворањето на оваа банка, која е слаба алка во системот, е во функција на одржување и дополнително зајакнување на здравоста на банкарскиот систем во целина, како и во функција на заштита на депонентите и доверителите на конкретната деловна банка.
Здравоста на билансите на банкарскиот систем, заедно со низата досега преземени мерки од страна на Народната банка, придонесуваат и за олеснување на финансиските услови и за обезбедување на солидна кредитна поддршка на реалниот сектор и тоа на ниво коешто е над нашите очекувања. Поконкретно, во текот на вториот квартал од оваа година, стапката на раст на кредитирањето забрза и заклучно со крајот на јуни, банките остварија солиден кредитен раст од 6,6%, при раст на кредитите и на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Притоа квалитетот на одобрените кредити е поволен. Во овој период се забележува и зголемување на депозитната база на банките со раст на вкупните депозити на крајот на јуни од 8,4%.
Капацитетот на нашиот банкарски систем за справување со шокови го потврдуваат и меѓународните финансиски институции, како што е ММФ. Во најновиот објавен извештај за нашата земја, од април 2020 година, ММФ јасно посочува дека во изминатите години банките ја зајакнаа својата ликвидносна и капитална позиција, a дека нивото на нефункционални кредити е ниско. Сето тоа претставува гаранција дека банкарскиот систем е отпорен и има капацитет и простор успешно да апсорбира евентуални шокови. Ова во голема мера се должи на нашите зајакнатите регулаторни и супервизорски барања во периодот по претходната глобална криза, коишто се во согласност со зајакнатата европска регулатива, но истовремено се должи и на нашата брза реакција на шокот предизвикан од појавата на ковид-19.
Во текот на овој и следните неколку дена, тимот на Народната банка, високопрофесионално ќе ги оствари и сите активности коишто се наша обврска до отпочнување на стечајната постапка кога „Еуростандард банка“ АД Скопје го губи статусот на деловна банка и запираат надлежностите за постапување на централната банка.
Уверени сме дека банките ќе излезат во пресрет на потребите на граѓаните и компаниите коишто досега биле клиенти на „Еуростандард банка“ АД Скопје, овозможувајќи им ги најсоодветните можности во однос на користењето на нивните производи и услуги. Со тоа ќе придонесат граѓаните и компаниите коишто досега биле клиенти на оваа банка и натаму непречено да ги користат банкарските услуги и производи, преку своја трансакциска сметка да ги остваруваат своите приливи и плаќања и да бидат финансиски инклузивни. Со тоа, уште еднаш ќе се потврди дека нашиот банкарски систем не само што е стабилен, туку е и општествено одговорен.
На крајот дозволете ми да истакнам дека во изминатиот период медиумите покажаа исклучително висок професионализам и општествена одговорност со точно и навремено информирање на јавноста во однос на сите информации поврзани со монетарната политика и финансиската стабилност. Верувам дека и оваа подршка нема да изостане и овој пат.
Ви благодарам!
Скопје, 12 август 2020 година