Интервју: Анита Ангеловска Бежоска, вицегувернер на Народната банка на Република Македонија за „Инстор магазин“ - 13.12.2012 година
„Година на избори, година на продлабочена европска должничка криза. Каква 2013 година ја очекува Македонија?“
Поглед на НБРМ
Високата неизвесност и волатилност во финансискиот и економскиот амбиент во глобални рамки е карактеристика на годината што одминува, а најверојатно ќе биде и на годината што доаѓа. Македонската економија, којашто е доста отворена и подложна на големи преносни ефекти од глобалните движења, не може да остане изолирана од овие глобални текови. Оттаму, еден од клучните фактор за закрепнување на реалниот сектор ќе биде закрепнувањето на нашите клучни извозни партнери, а тоа се земјите од Европската Унија.
Прогнозите за глобалната економска активност на меѓународните финансиски институции и на економските аналитичари во основа упатуваат на одредено подобрување за 2013 година, но клучни претпоставки за ова сценарио се преземање мерки од страна на европските институции за стабилизирање на состојбите на финансиските пазари и намалување на тензиите околу европската должничка криза, како и разрешување на проблемите на т.н. „фискал гребен“ и нивото на јавен долг во САД. Така, според Светскиот економски преглед на Меѓународниот монетарен фонд од октомври оваа година, следната година развиените економии ќе остварат стапка на раст од 1,5%, во просек, наспроти 1,3 % оваа година, и притоа се очекува дека евро-зоната ќе оствари умерен раст (0,2%), по очекуваниот пад во 2012 (-0,4%).
Според последните проекции на НБРМ, во 2013 година очекуваме дека стабилниот макроекономски амбиент ќе биде проследен со одредено закрепнување на економската активност. Во услови на раст на увозните цени, предвидуваме просечна инфлација од околу 3,5%, притоа не очекувајќи притисоци од страна на побарувачката. Во надворешниот сектор очекуваме стабилни движења и одржување на девизните резерви на адекватното, заради натамошно одржување на стабилниот девизен курс на денарот. Се очекува дека постепеното закрепнувањето на економската активност (раст од 2,6%) ќе произлезе пред сѐ од извозот и инвестициите. Она што е значајно да се истакне за македонската економија се ефектите од странските директни инвестиции (СДИ) врз структурата и потенцијалот за долгорочен одржлив раст. Особено е важно што СДИ во голема мера се во секторот на разменливи добра, создавајќи услови за модел на економски раст којшто во голема мерка се заснова врз извозот, а не модел на раст којшто главно се темели врз потрошувачката. На овој начин, преку канализирање на значителен дел од странскиот капитал во производниот сектор, се избегнува неконтролираното создавање внатрешна ранливост во економијата, што впрочем и ја предизвика глобалната криза. Натаму, преку диверзификација на производната и на извозната структура, и тоа не само во смисла на видови производи, туку и дестинации на извоз, СДИ придонесуваат за намалување на подложноста на нашата отворена економија на надворешни шокови. Во прилог на очекувањата за умерено заздравување на нашата економијата се и контрацикличните макроекономски политики коишто се спроведуваат. Во оваа смисла, се очекува дека клучна варијабла за порастот на инвестициите, покрај СДИ, ќе бидат и јавните инвестиции во инфраструктурни проекти. Исто така, монетарната политика, во услови на стабилен макроекономски амбиент, презема мерки за поттикнување на кредитниот раст. Нашите проекции предвидуваат натамошна поддршка на реалниот сектор од страна на банките, во услови на здрав банкарски систем, а обемот и динамиката на кредитната активност ќе зависат пред сѐ од ризиците со кои се сочуваат компаниите во своето работење.
Сепак, како што веќе напомнав, ние сме мала економија што упатува на фактот дека размената на добра и услуги со останатиот дел од светот е предуслов за одржлив економски раст. Оттаму, и ризиците околу нашите проекции за 2013 година во голема произлегуваат од надворешното окружување, коешто, за жал, и покрај огромните напори на централните банки (преку традиционални и нетрадиционални мерки) и фискалните власти, засега сѐ уште е неизвесно.
Големата економска криза покажа дека одржувањето на здравите фундаменти во економиите е од пресудно значење за избегнување, односно за ублажување на последиците од поголеми економски шокови. Во економиите со здрави фундаменти и помала ранливост ефектите од кризата беа помали, меѓу другото и поради фактот што прудентните политики во преткризниот период овозможија простор за контрациклични политики во кризниот период. Оттаму, и за Република Македонија, задржувањето на макроекономската стабилност, спречувањето на создавањето ранливост и спроведувањето на структурните реформи се императив за просперитетот на економијата на среден и долг рок.