Интервју: м-р Петар Гошев, гувернер на Народната банка на Република Македонија (2004-2011), за весникот „Утрински весник“, 12.07.2004 година
Нина Нинеска Фиданоска
· Пет месеци индустриското производство во земјава доживува драматични падови, а за првиот квартал од годинава БДП регистрираше катастрофално намалување од 3,6 отсто. Поголем број експерти, а од неодамна и високи владини извори, сi погласно ја заговараат тезата дека е неопходно итно да се олабават монетарните стеги, што значи да се престане со одржување фиксен курс и ниска инфлација по секоја цена. Дали Вие, како прв човек на монетарната власт, се согласувате со идејата спасот за економијата да се бара преку девалвација или инфлација?
Ако се точни статистичките податоци, се разбира следи прашањето: кои се причините?
Бидејќи постојат критики во врска со управувањето со ликвидноста и на сметка на државата (односно Владата) и на сметка на монетарната власт, еве како стојат работите (фактите) кога е во прашање влијанието на инструментите на монетарната власт врз ликвидноста во изминативе шест месеци. Народна банка преку благајничките записи креирала ликвидност во висина од 379 милиони денари, а преку девизните трансакции (купување-продавање девизи) повлекла ликвидност во износ од 112 милиони денари. На нето основа плусот е 267 милиони денари. Народната банка, според планираниот индикативен таргет договорен со ММФ во јуни месец требало да има продадено благајнички записи во износ од 6.945 милиони денари, но остварила 3.994 милиони денари. Значи продала за 2.152 милиони денари помалку, што значи дека за толку помалку повлекла ликвидност. Државата ги зголемила своите депозити за 2.005 милиони денари, што значи дека повлекла ликвидност за таа сума. Преку готовите пари во оптек, креирана е ликвидност од 900 милиони денари, а преку готовината во благајна 27 милиони денари.
На овие податоци би можеле да ги додадеме следните: Паричната маса на крајот на мај 2004 година во однос на мај 2003 година е поголема за 11,7%, монетарниот агрегат М2 е зголемен за истиот период за 22,2%. Во истиот период, вкупните пласмани на банките се поголеми за 23,3%, од кои денарските за 23,7%, а девизните за 20,5%. Каматните стапки, исто така, продолжија со намалување. Просечната пондерирана каматна стапка на пазарот на пари се намали (мај 2003/мај 2004) од 9,4% на 6,5%, пондерираните активни каматни стапки од 16,6% на 12,3%, а пасивните каматни стаки од 8,7% на 6,5%. Според тоа, сите овие индикатори говорат дека причините за паѓањето на индустриското производство и на БДП треба, пред се, да се бараат на страна на факторите што влијаат врз понудата. Инфлацијата нема да ја заздрави нашата слаба понуда. Таа нема да ја реши ни големата невработеност. Не верувам дека со повеќе инфлација ќе купиме повеќе раст. Евентуалните флуктуации на девизниот курс предизвикани од повисока стапка на инфлација би можеле многу лесно да се трансформираат во системска банкарска и финансиска нестабилност, особено поради евидентно ниската еластичност, односно супститутивност на увозот и високата супституција на средствата со странска валута, поточно големата евроизираност на билансите.
· Како економист и поранешен министер за финансии, што сметате дека треба да направи актуелниот владин кабинет за да го спречи опасниот тренд на пад на производството, што сериозно се заканува да ја воведе во рецесија македонската економија?
Не би говорел за тоа што Владата прави и треба да прави. Преку одговорот на првото прашање посочив дека проблемите се претежно во реалниот сектор. Тоа значи дека драматично треба да се забрзаат структурните и институционалните реформи и да продолжи макотрпната работа на убедување на меѓународните потенцијални партнери дека Република Македонија е дефинитивно безбедна локација и дека вкупниот регион е дефинитивно консолидиран - забрефтан на патот на Евро интеграцијата.
· Во јавноста се тврди дека падот на производството е последица и на фактот што Владата и натаму не знае како да ги потроши буџетските пари, бидејќи и сегашниот министер за финансии држи огромен суфицит во Буџетот, кој сега изнесува 677 милиони долари. Од друга страна, Вие паднавте од тоа министерско место токму поради чувањето суфицит, а сега се повторува истата песна. Каков е Вашиот коментар од оваа временска дистанца?
И без да се зборува во јавноста, економска азбука е штом вршите посериозна контракција на буџетската потрошувачка, за нужно да го намалите буџетскиот дефицит, на краток рок со тоа се влијаее врз забавување на економската активност. Македонија мораше да го намали буџетскиот дефицит од најмалку четири причини:
- да дејствува врз ценовната стабилност;
- да не го продлабочува дефицитот во тековната сметка на платниот биланс;
- да не го зголемува (над црвената линија) надворешниот долг и
- да ја намали ранливоста на јавните финансии.
Се разбира, планираниот волумен на буџетот, заедно со планираниот дефицит, треба да се реализира и на приходната и на расходната страна. Министрите за финансии имаат одговорност за процесот на планирањето на буџетот до неговото усвојување. Потоа, имаат одговорност да не дојде до пробивање на буџетската рамка, буџетските плафони. Имаат обврска да преземат мерки за спречување на ненаменско користење на буџетските средства. Имаат обврска да предупредуваат за евентуалното нерамномерно трошење на буџетските средства. Но, откако тој, буџетот е усвоен од Парламентот, распределен помеѓу бројните буџетски корисници, само од нив зависи извршувањето на буџетот. Министерот за финансии неможе и не е овластен да ги потроши “нивните пари”, тој неможе да ги реализира проектите од нивна надлежност.
Значи, ниту јас, ниту Поповски не креираме непланиран вишок во веќе усвоени буџети, бидејќи со усвоениот буџет, повторувам, располагаат буџетските корисници. Значи јас не “паднав” затоа што наводно сум престегнал повеќе одошто треба, или затоа што наводно не сум сакал или не сум знаел да ги потрошам парите. Таа прикаска ја пуштија spin-doctor-ите во име на тие што сакаа да го направат тоа што го направија во тоа време од свои причини и мотиви.
· Трговскиот дефицит само за петте месеци од годинава изнесува 462 милиони долари и се движи во насока годинава да ја надмине ланската рекордна бројка од 937 милиони долари. Не се ли и овие податоци доволен сигнал дека земјава, конечно, треба да го напушти ригидниот монетаристички концепт?
Трговскиот дефицит и дефицитот на тековната сметка е наша стара структурна болка. Во 2002 година дефицитот на тековната сметка изнесуваше 9,6% во БДП, заедно со официјалните трансфери, а без нив 12,3%, додека истиот во 2003-та беше 6,0% односно 8,2%. Оваа година планиран е дефицит на тековната сметка од 370 милиони САД долари, односно негово незначително покачување како учество во БДП (без официјалните трансфери 8,7%). Почетокот на годината е неповолен од аспект на продлабочувањето на трговскиот дефицит, мерен преку учеството на сите фирми. Имено, извозот во првите пет месеци расте за 13,4%, увозот за 14,4% формирајќи трговски дефицит од 462,2 милиони САД долари. Но, ако се исклучи влијанието на Балканстил и МХК Злетово, извозот расте за 15,16%, а увозот за 10,71%, така што трговскиот дефицит е околу 426 милиони САД долари, односно за 40-тина милиони САД долари под тој кој што се добива заедно со Балканстил и МХК Злетово. Се разбира, тоа не е мал износ и предупредува, ако не веднаш, сигурно на среден и долг рок. Имено, досега дефицитот во тековната сметка преку официјалните трансфери и особено неидентификуваните приливи главно се покриваше.
Во НБРМ правени се повеќе анализи на индексот на реалниот ефективен девизен курс на денарот кој служи како индикатор за мерење на ценовната конкурентност на извозот. Од 1997-та година кога беше извршена девалвацијата на денарот за 16%, конкурентноста на нашиот извоз не е осетно намалена, главно поради нашата ниска домашна инфлација и повисоката во земјите кои што се наши главни трговски партнери. Индексот е пресметуван со користење и на цените на мало и на трошоците за живот. До сега не е направена анализа на нашата конкурентност според трошоците по единица работна сила. Во наредниот период ќе го направиме и тоа, како што впрочем ќе продолжиме многу поинтензивно да ја анализираме конкурентноста на нашиот извоз од аспект на нивото на индексот на реалниот ефективен девизен курс. Значи, Ви порачувам да не се надевате на девалвација на денарот. Стабилноста на номиналниот девизен курс продолжува. Да се впрегнеме да ги завршиме реформите што ќе ги поправат работите на страната на понудата: производството; инвестициите; судството; јавната администрација и јавните претпријатија; натамошното зацврстување на финансискиот сектор; финансиското посредување; приливот на странски директни инвестиции, вонмонетарните фактори за зголемување на продуктивноста, обемот, квалитетот и промоцијата на домашното производство.
· Зошто од неодамна нивото на девизните резерви на земјава стана државна тајна? Со колку девизни резерви моментално располага Македонија?
Тој износ е во висина на четиримесечниот увоз на државата. Тоа е критериум на кој мора да се придржуваме и според аранжманот на ММФ
· Преговорите со ММФ за новиот аранжман почнуваат наесен. Каков аранжман може да очекува Македонија, особено по последните катастрофални бројки?
Според моето мислење, битно е Македонија да има аранжман. Не го делам мислењето на тие што велат дека треба да му свртиме грб на ММФ. Тие ни помогнаа многу и можат уште многу да ни помогнат. Според тоа, видот на аранжманот од аспект на НБРМ не е најважното прашање. Каков и да е, Народната банка има обврска да одржува ценовна стабилност, да работи на унапредување на стабилноста на финансискиот, посебно банкарскиот сектор, да партиципира во поддршката на макроекономската политика на државата, без притоа да ја загрози нејзината основна обврска. Затоа, за видот на аранжманот важни се погледите и потребите на Владата на Република Македонија.
· Опозицијата тврди дека ММФ и понудил на Македонија опција за воведување валутен борд. Што сметате за таа варијанта?
Најнапред да прецизираме што значи поимот “валутен борд”. Имено, валутниот борд го определуваат главно следниве три карактеристики:
(1). девизниот курс да биде фиксиран не само де факто, туку и де јуре. Значи, фиксиран и со закон, не само како политика.
(2). Зголемувањата во монетарната база да се покриваат со девизни резерви во сооднос еден спрема еден. Тоа значи дека една единица зголемување на монетарната база (односно на износот на вкупните банкарски депозити плус книжните и кованите пари во циркулација) задолжително да биде условено со издвојување во резерви на една единица девизи и
(3). Овозможување на дефицитот во платниот биланс да ја затегне монетарната политика, со што потрошувачката автоматски ќе се прилагоди.
Значи, тие што сугерираат валутен борд, всушност предлагаат уште поцврсто, односно најцврсто (и со закон) фиксирање на девизниот курс. Бараат поригиден девизен режим и од овој што денес го имаме.
Кога светските експерти препорачуваат цврсто фиксирање на девизниот курс?
Класичната листа на услови е следната:
-земјата да е мала по димензии;
-да е отворена кон трговијата;
-да ја карактеризира висока мобилност на работната сила;
-да располага со фискален механизам за амортизирање на економските падови и
-кога нејзиниот деловен циклус е високо зависен од деловниот циклус на земјата (земјите) за чија валута ја врзува (фиксира) својата.
Меѓутоа, кога се работи за оптирање на најригидни институционални аранжмани, какви што се на пример: валутниот борд, целосната доларизација (или евроизација), или пак влегување во монетарна унија, горната листа ја прошируваат, ја ажурираат и со следното:
-кога земјата има силна потреба да увезе “монетарна” стабилност заради хиперинфлаторни шокови со кои тешко се справува;
-кога има слаби јавни институции;
-кога е високо интегрирана со еден голем трговски партнер или валутна област, или кога бара интеграција со таков партнер во определено недалечно време.
Колку од овие критериуми влечат кон “валутен борд” на примерот на Република Македонија, можете и сами да оценувате.
Она што не смее да се превидува кога некој оптира за валутен борд е фактот што македонските монетарни власти одамна ги оставија зад себе хиперинфлаторните шокови, односно, повеќе години имаме исклучителна контрола врз инфлацијата и дека Народна банка е високо кредибилитетна институција оспосебена да води дисциплинирана монетарна политика.
Според тоа, нашиот одговор е дека нема причини за воведување валутен борд.
· Стопанствениците се уште се жалат дека банкарските камати се високи. Но, од Вашата последна изјава се доби впечаток дека НБМ засега нема намера да ги намалува стапките на благајничките записи. Кога може да се очекува тоа?
Точно е дека каматните стапки сеуште се високи. Точно е дека во споредба со 31.12.2002 година тие значително се намалени. Точно е и тоа дека Народна банка во овој момент согласно монетарното правило што го применува - дефакто фиксниот курс како номинално сидро за држење на инфлацијата под контрола и одржувањето на определен износ на девизни резерви - нема, повторувам барем во овој момент, простор за симнување на своите каматни стапки. Имено, економистите се согласни за моќта на т.н. “невозможен триаголник”. А тоа е дека: неможете истовремено да имате: (1). фиксен девизен курс, (2). либерализирана капитална сметка и (3). независна монетарна политика. Било кои два елементи од трите се можни, но трите заедно никако. Затоа, нашето сегашно монетарно правило кое што досега даде добри резултати, го брани девизниот курс и девизните резерви, а како главен инструмент за тоа се каматните стапки на благајничките записи. Штом девизните резерви се нападнати, се смета дека има ликвидност за таков притисок и затоа се реагира со каматните стапки, доколку на помош не стигне фискалната политика. Се разбира преоценувањето на оваа стратегија не е табу прашање, бидејќи нема девизен режим што е соодветен за сите држави и за сите периоди. Наша обврска е континуирано да ги анализираме ефектите од инструментите на монетарната политика и во зависност од резултатите да реагираме на соодветен начин.
· Банкарски кругови тврдат дека Вие, како нов гувернер, ќе отворите некои делови од работењето на Вашиот претходник Трпески, како што беше, на пример, случајот со Експорт-импорт банка, за кои се зборуваше дека не се во согласност со законот. Дали можеме да го очекуваме тоа?
Некои од т.н. случаи во банкарството познати во јавноста сами се отвораат. Јас сум должен надвор од законот, никому ниту да му додавам, ниту да му одземам. На се што ме обврзуваат законите поврзани со мојота работа должен сум да реагирам. Мојот животен принцип е никогаш да не погрешам со намера.
· Кога бевте именуван за гувернер, опозицијата обвини дека станува збор за класичен политички пазар, односно исполнување на желбата на Пенов да ве тргне од политичката сцена. Дали е точно тоа и дали може да се поврзе со Вашето молчење откако бевте реконструиран од министер за финансии?
Намерите на сите т.н. “главни играчи” ми станаа сосема јасни. И на тие за добро и на тие за спротивното. Во овој момент сe што е во врска со тие настани го оставам на слободната имагинација, како на директно заинтересираните, така и на обичните љубопитници. Работата во Народна банка е крајно одговорна и исполнувачка и мојата полна концентрираност сакам да биде насочена кон тоа.