Интервју: Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, за дневниот весник „Вечер“, 21.05.2011 година
Весна М. Божиновска
РАСТОТ НА ИНФЛАЦИЈАТА Е ОД ВРЕМЕН КАРАКТЕР, НЕМА ДА ЈА ЗАТЕГАМЕ МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА!
Според нашите анализи, порастот е од времен карактер и веќе во втората половина на годината се очекува стабилизирање на инфлацијата, а наредната година и нејзино спуштање под три отсто. Поради сето ова, Народната банка смета дека сé уште нема потреба од затегање на монетарната политика. Но, сепак, внимателно ги следиме движењата на цените на домашниот и светскиот пазар и сме подготвени да реагираме при првите сигнали дека порастот на цените се пренесува врз останатите производи.
Димитар Богов е новиот гувернер на Народната банка на Македонија. На предлог на претседателот на државата Ѓорги Иванов, тој ќе ја извршува оваа престижна, но и исклучително одговорна функција во наредните седум години. Пред него се бројни предизвици во монетарната сфера, во економијата која не остана имуна на светската криза, но пред сé одржување на стабилен девизен курс на денарот.
Господине Богов, од денеска почнува вашиот седумгодишен мандат на чело на Народната банка на Македонија. Што ќе биде ваш приоритет?
Моите приоритети се определени од рамката која ја определува Законот за Народната банка. Сите мои активности ќе бидат во функција на остварување на ценовната стабилност и зацврстување на стабилноста и конкурентноста на банкарскиот систем, а не загрозувајќи ги нив, и на поддршка на економската политика. За таа цел, особено внимание ќе посветам на подигнување на капацитетите за макроекономско моделирање и монетарни анализи, како и на зацврстување на стабилноста и конкурентноста на банкарскиот систем, преку воведување на најдобрите европски практики во регулативата и супервизијата.
Стопанствениците бараат да се олабави курсот, односно од фиксен во флуктуирачки, за да се стимулира извозот. Каков е вашиот став по ова прашање?
Девалвацијата не може да го поттикне извозот на одржлива основа, а истовремено би имала негативни последици врз голем број граѓани и бизниси кои се задолжени со девизни кредити. Ако тоа беше решение, зошто девалвацијата во 1997 година не го подобри трговскиот биланс? Во македонскиот извоз доминираат производи во кои увозните инпути учествуваат со 80 до 90 отсто. Единствениот позначаен домашен инпут е работната сила. Тоа значи дека е многу мал просторот за поевтинување на производната цена на македонските извозни производи преку депресијација на денарот. Единствен одржлив начин за стимулирање на извозот е подобрување на конкурентноста преку сеопфатни реформи и подобрување на условите за бизнис. Тоа би вклучувало, подобрување на услугите на јавниот сектор, зголемување на ефикасноста на судскиот систем, подигање на квалитетот на образованието и инвестиции во патишта, железнички пруги, енергетски објекти. Тоа е патот за намалување на трошоците на производство, заштеда на време, побрз и поевтин транспорт, поевтина енергија. На тој начин ќе се зголеми продуктивноста и ќе се намалат трошоците за производство што ќе доведе до создавање на поконкурентна економија.
Инфлацијата е над сите очекувања и проекции. На што се должи тоа? Дали НБРМ ќе преземе мерки за нејзино намалување, односно дали ќе ја затегне монетарната политика преку зголемување на основната камата која сега е 4%?
Порастот на инфлацијата во последните неколку месеци е целосно последица на движењата на цените на храната и нафтата на светските берзи. Според нашите анализи, порастот е од времен карактер и веќе во втората половина на годината се очекува стабилизирање на инфлацијата, а наредната година и нејзино спуштање под три отсто. Овие проценки ги темелиме на отсуството на притисоци од сé уште слабата домашна потрошувачка, негативниот производен јаз, непренесување на порастот на останатите производи, како и надолниот тренд на цените на храната на светските берзи од март наваму. Поради сето ова, Народната банка смета дека сé уште нема потреба од затегање на монетарната политика. Но, сепак, внимателно ги следиме движењата на цените на домашниот и светскиот пазар и сме подготвени да реагираме при првите сигнали дека порастот на цените се пренесува врз останатите производи.
Дали предизборието и изборите може негативно да се одразат на инфлацијата?
Засега не се забележуваат притисоци врз цените и девизниот пазар од предизборната атмосфера. Понудата и побарувачката за девизи е нормална, а курсот се одржува на долната граница на таргетираното ниво без потреба од интервенции на НБРМ. Доколку буџетските расходи продолжат да се реализираат според динамичкиот план, не би требало да се очекуваат негативни ефекти и во последните две недели од предизборниот период.
НБРМ лани во повеќе наврати ја намали референтната каматна стапка. Тоа беше доволен сигнал на македонските банки да ги намалат каматите на кредитите и да го зголемат обемот на кредитирањето. Има ли простор за поголемо намалување на банкарските камати и за поголемо кредитирање, кое нема да ја загрози стабилноста на банкарскиот систем во земјава?
НБРМ изврши значително релаксирање на монетарната политика во претходната година спуштајќи ја каматната стапка на благајнички записи на 4 отсто, што е најниско ниво откога постои овој инструмент. Истовремено, дојде и до благо намалување на каматните стапки на деловните банки. За одбележување е дека последните податоци за март покажуваат дека просечните каматни стапки за банкарски кредити во денари и во девизи од 8,9 и 7,4 отсто се историски најниски. Но, на банкарските каматни стапки не влијаат само каматните стапки на НБРМ. Натамошното намалување ќе зависи од намалувањето на цената на изворите на средства на банките, намалување на ризиците во економијата и намалување на трошоците на работење на банките.
Како ја оценувате стабилноста и ликвидноста на македонскиот банкарски сектор?
Македонскиот банкарски сектор добро ја преброди светската економска криза благодарение на високата адекватност на капиталот, добрата ликвидност и ориентацијата кон традиционални банкарски производи. За време на кризата дополнително беше подобрена солвентноста преку докапитализации и капитализирање на добивката, а ликвидноста зголемена поради намалената кредитна активност. Лошите кредити беа во пораст сé до пред крајот на минатата година кога започнаа да се намалуваат. Очекуваме тој тренд да продолжи, поттикнат од заживувањето на економскиот раст од почетокот на годината.
Ваш став за кредитната активност на деловните банки и дали има простор за нејзино зголемување?
Добрата капитализираност и високата ликвидност ги става деловните банки во добра позиција за интензивирање на кредитниот раст. Минатата година тие пласираа 200 милиони евра нови кредити остварувајќи стапка на раст од 7 отсто. Нашите проекции се дека оваа година банките ќе пласираат 400 милиони евра нови кредити, а стапката на кредитен раст ќе порасне на 12 отсто. Со намалување на учеството на лошите кредити и интензивирањето на економскиот раст очекуваме да расте и кредитната активност со стапки од 15 до 20 отсто во наредните години. Секако, многу значајно е да се задржат и солидните стапки на раст на штедењето кое е основен извор за кредитната активност на деловните банки.
Дали девизните резерви се на задоволително ниво?
Девизните резерви во моментов изнесуваат 1,9 милијарди евра и покриваат четиримесечен проценет увоз на стоки и услуги во наредната година. Од почетокот на годината, девизниот пазар е врамнотежен поради што немаше потреба од позначајни интервенции на НБРМ. Нашите проекции на платниот биланс до крајот на годината не укажуваат на значајна промена на девизните резерви.
Очекувате ли добра соработка со Владата?
Секако. Неопходно е координирање на фискалната и монетарната политика. Соработката е ставена во институционални рамки со формирањето на Комитетот за координација на фискалната и монетарната политика пред три години. Во тој Комитет членуваат министерот за финансии и гувернерот на НБРМ, заедно со стручните служби од двете институции. Очекувам Комитетот да продолжи со работа. Тука е и неодамна формираниот Комитет за финансиска стабилност кој има задача да ги следи системските ризици во банкарскиот сектор.
ММФ во својот последен извештај за глобалната финансиска стабилност излезе со остро предупредување дека наредните две години се ризични за глобалниот банкарски сесктор поради достасување на рокот на должнички хартии од вредност. Дали ова ќе има влијание врз банкарскиот систем во Македонија?
Тоа предупредување се однесува, пред сé, на европските банки кои се изложени кон државните долгови на периферните членки на еврозоната. Македонските банки не се изложени кон таков долг. Од друга страна тие не се задолжуваат на финансиските пазари поради што евентуалното ново нарушување на тековите на капитал во светот нема да ја погодат нивната ликвидност. Единствено треба да бидеме внимателни во поглед на пласманите на домашните банки во странски банки. НБРМ ја следи ситуацијата и доколку е потребно ќе преземе дополнителни мерки, за да ги насочи деловните банки кон најсигурните странски банки.
Кога се очекува да биде пополнето вашето место, поточно местото вицегувернер од кое вие влеговте во гувернерскиот кабинет. Се шпекулира со името на актуелниот прв цариник Ванчо Каргов?
Како што знаете, вицегувернерите ги предлага гувернерот, а ги избира Собранието. Поради тоа ќе мора да почекам да се конституира новиот состав на Собранието пред да го упатам мојот предлог. Секако, кандидатот мора да биде прифатлив и за парламентарното мнозинство. Несомнено, ваквото решение за предлагање и избор на вицегувернер во Законот за НБРМ обезбедува избор на компетентни професионалци за оваа значајна позиција. Во овој момент, сепак не би го откривал мојот фаворит за вицегувернер.