СДСМ се кара со мене, не јас со нив
Интервју: Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, за дневниот весник „Вест“, 17.04.2012 година
Анита Салтировска
СДСМ се кара со мене, не јас со нив
Гувернерот треба јасно да и каже на политиката до каде смее да оди. Политиката не смее да навлегува во монетарната политика. Гувернерот има право тоа да го каже. Гувернерот нема политичко минато, и ова е прв гувернер што нема политичка кариера туку исклучиво професионална.
Пред 10-ина дена, Народната банка ги објави новите мерки со кои банките веќе нема да можат секоја среда вишокот пари да ги вложуваат во благајнички записи, туку само еднаш месечно, и тоа за камата пониска од 4 отсто. Потоа потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски кажа дека сигурни губитници, по најновите мерки на Централната банка, се штедачите, бидејќи банките ќе ги намалат каматите на заштедите, за да ги компензираат изгубените приходи од записите. На ова реагираше гувернерот Димитар Богов, велејќи дека остава јавноста да процени дали Јовановски е загрижен за негативните ефекти на мерките врз граѓаните или за намалувањето на профитот на Комерцијална банка, каде што извршува висока раководна функција. Реагираше и директорот на Комерцијална банка Хари Костов за непринципиелноста на гувернерот, укажувајќи дека Јовановски не настапувал како вработен во Комерцијална банка, по што повторно се огласи гувернерот Богов, барајќи да не го вплеткуваат во политички игри.
Зошто Народната банка ја релаксираше монетарната политика, намалувајќи го износот кој банките можат да го запишат во благајнички записи?
Народната банка ги анализираше движењата, и утврдивме дека и со толку релаксирана монетарна политика, нема никаква реакција кај банките. Банките се многу комотни. Инструментот благајнички записи, кој иницијално беше воведен за повлекување на вишокот на ликвидност од банкарскиот сектор, со време се претвори во единствено средство во кое банките инвестираат. Тоа е неприродна ситуација. Подолг период ги анализиравме податоците и подолго време го подготвувавме ова. Во моментов, економската активност забавува, кредитната активност, исто така, и најверојатно, нема да се оствари нашата проекција за раст на кредитирањето. Истовремено, имаме девизни резерви кои се исклучително стабилни, и дури пораснаа во последните 4 месеци. Инфлацијата во март се спушти на најниско ниво во последните 20 месеци - на 1,4 проценти.
Девизниот пазар е исклучително стабилен. Тоа е добар амбиент за дополнително релаксирање на монетарната политика. Во последните три месеци имаме за 10 милијарди денари зголемување на износот на благајнички записи. Сметаме дека нема потреба толкав вишок да стои во благајнички записи. НБ е таа што кажува колкав износ треба да стерилизира, не се банките тие што кажуваат колку тие треба да пласираат во благајнички записи. Банките во други земји пласираат во други инструменти. Благајнички записи во многу земји и не постојат.
Банките пресметаа дека тоа ќе значи намалување на нивните приходи и најавија дека разликата ќе ја наплатат со намалување на каматата на заштедите. Што покажаа анализите на НБРМ, колкав може да биде ефектот врз депозитите и дали ќе значи намалување на штедењето?
Ние не очекуваме намалување на штедењето. Ако банките сметаат дека треба да ги намалат каматите на штедните депозити, тоа, истовремено, значи дека ќе ги намалат и каматите на кредитите, и тоа ќе ја поттикне економската активност.
Токму вашето прашање покажува каква е опасноста кога политичари даваат изјави за монетарната политика, како што даде г. Зоран Јовановски. Тоа е популистичка изјава, што само ја дефокусира јавноста. Не може да се зборува дека НБРМ предизвикува намалување на каматните стапки на депозитите на граѓаните. НБРМ има функција да води монетарна политика и да влијае врз каматните стапки. Може да се постави прашањето како би реагирале тие политичари ако Централната банка ја зголеми референтната каматна стапка. Дали тогаш ќе кажат дека НБРМ ги оштетила кредитокорисниците затоа што банките ќе мораат да ги зголемат каматите на кредитите. И што да прави гувернерот?
Во услови на рекордни цени на енергенсите кои веќе повлекоа серија поскапувања, како и постојан раст на цените на храната, вишокот слободни пари на пазарот нема ли да влијае проинфлаторно? Останувате ли на проекцијата за инфлација од 2 отсто годинава?
Ние остануваме на проекцијата од 2%. Сега ја правиме најновата рунда проекции. Забавувањето на економската активност значи негативен производствен јаз. Тоа има дефлаторно влијание врз цените. Да, цените на нафтата растат од геополитички причини, и тие имаат обратен ефект. Меѓутоа, наша процена е дека инфлацијата годинава ќе биде 2 проценти, што е двојно пониско од инфлацијата лани. Цените на храната се намалуваат годинава, единствено цените на бензините имаат пораст поголем од оној што го очекувавме.
Кога беше гувернер Гошев, забелешката беше дека монетарната и фискалната политика не се усогласени. Сега, последниот потег на НБРМ се толкува како помош за фискалната политика, односно пренасочување на вишокот пари на банките кон државните записи кои се поткрепа на Буџетот. Дали е тоа точно?
Не е точно. Тоа значи координација на монетарната и фискалната политика. Токму тоа е она што ни треба. Ние подолг период ги подготвувавме овие мерки, но решивме дека токму сега е моментот, затоа што фискалната политика реагираше дека ќе ги намали буџетските расходи. Кога фискалната политика затега, тоа е вистински момент да влезе монетарната политика и да релаксира.
Зошто гувернерот влезе во пресметка прво со потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски, а потоа и со директорот на најголемата банка во Македонија Хари Костов?
Погрешно е поставено прашањето. Не влезе гувернерот во пресметка со г. Јовановски и со директорот на Комерцијална банка Хари Костов. Прво потпретседателот на СДСМ ја нападна НБРМ и гувернерот лично. Потоа и директорот на Комерцијална банка го нападна гувернерот. Неаргументирано, според мене. Во реакцијата која јас ја пратив на изјавата на г. Јовановски, немаше ништо од политика. Незнам каде нашол политика таму г. Костов.
Сметате дека гувернерот треба да влегува во ваков тип јавни дискусии?
Гувернерот треба јасно да и каже на политиката до каде смее да оди. Политиката не смее да навлегува во монетарната политика. Гувернерот има право тоа да го каже.
Уште кога дојдовте за гувернер, Ви се припишуваше блискост со партијата на власт. Подоцна Ви се забележуваше за изборот на вицегувернерката Маја Кадиевска - Војновиќ и за вработувањето на ќерката на претседателот на Собранието во Вашиот Кабинет. Како ќе ги убедите граѓаните дека гувернерот е натполитички?
Гувернерот нема политичко минато, и ова е прв гувернер што нема политичка кариера, туку исклучиво професионална. Вицегувернерката Кадиевска - Војновиќ во овие 10 месеци колку што е на позицијата, целосно ги оправда моите очекувања. Гувернерот предлага, но избира Собранието. Јас имав повеќе кандидати за вицегувернер, меѓу кои и Кадиевска - Војновиќ. Се консултирав со парламентарното мнозинство, и добив поддршка за тој кандидат. Тоа е заеднички избор, и јас стојам зад него. Во НБРМ може да се вработи секој што ги задоволува критериумите кои се бараат со конкурс. Во НБРМ ќе најдете и многу роднини на поранешни и на сегашни функционери на СДСМ што се вработени од 1992 година до денес.