Политичките тензии ќе го поткопаат економскиот раст
Интервју: Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, за дневниот весник „Дневник“, 5.1.2013 година
Политичките тензии ќе го поткопаат економскиот раст
Александара Томиќ
Не се остварливи заговорите за девалвација затоа што за тоа не одлучуваат разните шпекуланти, пишувачи на колумни и злонамерници. Затоа им порачувам да го заборават зборот девалвација
Подобра економска година за Македонија, ако економскиот раст не биде поткопан од политичките тензии, очекува гувернерот Димитар Богов. Во интервјуто за „Дневник“ тој вели дека не очекува повеќе кредити годинава ако не се намалат нефункционалните.
-Иако остануваат предизвиците од должничката криза во евро-зоната, очекуваме економски раст во нашата економија во 2013 година. При сe уште слаба побарувачка кај нашите најголеми трговски партнери, растот ќе биде креиран од новите производствени капацитети во автомобилската индустрија и јавните инфраструктурни инвестиции за кои веќе е обезбедено финансирање. Во последните неколку години се случуваат значајни структурни промени во македонската индустрија. Почнаа со работа неколку нови фабрики за производство на автомобилски делови, а уште неколку се во градба и ќе почнат со работа годинава. Во почетокот тие нема да бидат под влијание на странската побарувачка затоа што се работи за ново производство, кое не постоело досега во нашата земја. Дополнителен импулс очекуваме од изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица, од автопатот на коридорот 10, од пругата кон Бугарија и изградбата на гасоводната мрежа.
Македонија ја заврши годината финансиски стабилна, но со извесни политички нарушувања?
-Политичката стабилност секогаш е значаен фактор за економскиот раст. Политичките тензии можат да го поткопаат економскиот раст и да ја зголемат цената за одржување на макроекономската стабилност. И обратно, смирувањето на политичките нарушувања и почетокот на преговори со ЕУ би дале дополнителен импулс на економскиот раст и би ја зголемиле довербата на домашните и странските инвеститори.
Реални и остварливи ли се заговорите за девалвација?
-Ниту се реални ниту се остварливи. Не се реални затоа што нема ниту една причина за тоа. Ниту е денарот преценет, ниту е намалена конкурентноста поради стабилниот курс на денарот, ниту има нерамнотежи во економијата, ниту девалвација би донела нешто позитивно за македонската економија. Во мала отворена економија конкурентноста не се зголемува со девалвација затоа што таа истовремено би креирала висока инфлација. Единствен начин за одржливо зголемување на конкурентноста на економијата се структурните реформи и инфраструктурните инвестиции. Впрочем, ако девалвацијата беше решение, и Грција, и Португалија и Шпанија ќе излезеа од еврозоната и ќе ја девалвираа својата валута. Но, наместо тоа, тие преземаат болни структурни реформи. Не се остварливи затоа што за тоа не одлучуваат разните шпекуланти, пишувачи на колумни и злонамерници. Одлучува гувернерот на Народната банка и тој со своите соработници креира монетарна политика која ги елиминира сите ризици за девалвација. Затоа, им порачувам да го заборават зборот девалвација.
Мирно ќе се раздолжиме
На почетокот од годината, Македонија ќе треба да ги врати достасаните обврски кон надворешни позајмувачи. Каква е платно билансната позиција на земјата и има ли опасност од тоа?
-Дефицитот во платниот биланс веќе трета година е на ниво од околу три отсто од БДП, што е исклучително ниско ниво за земја како Македонија. Тоа ни овозможи да ги зголемиме девизните резерви на рекордно ниво од речиси 2,2 милијарди евра на крајот на 2012 година. Тоа е износ што овозможува безбедно враќање на достасаните обврски кон странство.
Девизните резерви се браникот за сите шокови. Дали се тие на соодветно ниво и има ли ризици?
-Во изминатите дваесет години многупати сме биле погодени од надворешни шокови. Ризик за нови шокови секогаш постои. Девизните резерви имаат улога на амортизер на првиот удар во случај на надворешен шок. Но, во таков случај и монетарната политика соодветно би реагирала за да предизвика приспособување на економијата на новонастанатите услови и брзо би го презела товарот од девизните резерви.
Владата испланира поголем буџетски дефицит за в година. Најавени се и нови позајмувања. Има ли каква било опасност за финансирањето?
-Со најавената кредитна линија од Светска банка за подобрување на конкурентноста и со кредитот од Дојче банк гарантиран од Светската банка, како и високото стартно ниво на депозити на трезорската сметка, обезбедено е буџетското финансирање за оваа година. Добро е што најголем дел од финансирањето е од странство по поволни услови. Тоа ќе го компензира одливот за отплата на еврообврзницата и дополнително ќе ги зајакне девизните резерви на земјата.
Се праќаат пари кон фирмите-мајки во странство
Забележавте пад на депозитите на претпријатијата, какви се предвидувањата на НБМ за нив?
-Депозитите на населението продолжија со растот иако тој е побавен отколку во други години. Секако тоа е последица на забавувањето на економскиот раст. Депозитите на претпријатијата веројатно ќе ја завршат годината со негативна стапка на раст што е директна последица на проблемите, кои странски инвеститори ги имаат во своите матични земји. Во такви услови нивните компании во Македонија, кои сe уште работат профитабилно, ги подржуваат финансиски матичните компании.
Компаниите се жалат дека и покрај ликвидноста на банките, тие тонат во неликвидност. Се согласувате ли дека банките имаат простор да го зголемат кредитирањето?
-Банките имаат доволно висока ликвидност. Каде тие ќе ги пласираат средствата е нивна деловна одлука. Притоа, тие се водат од приносот и ризикот на секоја инвестиција. Сe додека ризиците кај компаниите се високи, банките ќе преферираат посигурни инвестиции. Народна банка во текот на годината праќаше сигнали дека макроризиците не се на високо ниво и од тој аспект има простор за повисока кредитна активност. Но, очигледно банките како високи ги ценеа микроризиците поврзани со секој индивидуален клиент. Сепак, тие имаат најдобар увид во нивото на ризици на микрониво и оттаму е нивната воздржаност.
Планирате ли ново намалување на основната камата?
-Во декември оценивме дека движењата се поволни за монетарната политика. Секој месец го повторуваме тој процес и ако оцениме дека има потреба за приспособување на монетарната политика, тоа и ќе го направиме.
Има ли ризици за поголем раст на инфлацијата в година?
-По ценовниот шок од светските цени на храната и нафтата во август и септември, во последните три месеци инфлацијата целосно се смири. Очекуваме тој тренд да продолжи и во почетокот на годинава. Воопшто не очекуваме притисоци од домашната побарувачка во текот на годината. Ризиците повторно доаѓаат од движењата на цените на храната и на нафтата на светските берзи.
Банките полесно ќе го продаваат запленетиот имот
Поради кризата и забавената динамика на кредитен раст, се зголеми учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити од банките. Колку е опасна оваа ситуација и дали Централната банка не размислува за олабавување на мерките за реструктурирање на кредитите со што ќе им се направи простор на компаниите да „фатат здив“ и да ја пребродат кризата?
Нефункционалните кредити имаа тренд на умерен пораст во минатата година и се приближија до 11 отсто. Веројатно во наредниот период ќе продолжат да се движат околу тоа ниво, но во никој случај не очекуваме да достигнат вредности од 15-20 отсто како во другите земји во регионот од Словенија до Грција. Во овој период банките се воздржани во кредитирањето и повнимателно ги ценат клиентите што бараат кредити. Затоа, сe додека не забави трендот на пораст на нефункционалните кредити не можеме да очекуваме поинтензивен кредитен раст.
Банките и сега имаат можност да ги реструктурираат кредитите на должниците што имаат привремени проблеми, но мора соодветно да го земат предвид ризикот на кој се изложени. Не гледам простор за отстапки од Централната банка во поглед на реструктурираните кредити. Но, ние веќе подолг период работиме на подобрување на регулативата за кредитниот ризик и нејзино усогласување со најдобрите светски практики. За таа цел неодамна имавме и Мисија од експерти на ММФ чии препораки ги разгледуваме во моментов. Како резултат на тие активности во наредните два месеци ќе донесеме промени во регулативата, кои ќе значат приближување кон меѓународната пракса во оваа област, а истовремено ќе го поттикнат побрзото ослободување на банките од преземениот имот.
Македонија ќе ја заврши годината со слаб влез на странски директни инвестиции. Какви се очекувањата за в година?
-Минатата година имавме значителен прилив на странски директни инвестиции во извозно ориентирани индустрии, а во исто време имавме одлив на капитал од компании во индустрии што произведуваат главно услуги за домашниот пазар. Како последица, вкупниот износ на СДИ е недоволен. За оваа година очекуваме подобар резултат на СДИ.