Говор на г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Македонија, на семинарот „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“ во организација на Народната банка на Република Македонија, во соработка со Европската банкарска агенција и Европската банка за обнова и развој, 18 октомври 2018 година, Скопје, Македонија
Почитувани гости,
Дами и господа,
Ми претставува задоволство да ви посакам добредојде на овој регионален семинар на тема „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“ во организација на Народната банка на Република Македонија, а во соработка со Европската банкарска агенција и Европската банка за обнова и развој. Дозволете ми најпрво да ја искажам мојата искрена благодарност и почит до нашите соорганизатори коишто ни помогнаа да ја организираме оваа средба овде во Скопје, да дискутираме за најновите трендови кај нефункционалните кредити, да дознаеме повеќе за најновите иницијативи за политиките на европско ниво, особено за напорите на ЕБА да се справи со нефункционалните кредити, коишто се пречка за поголема кредитна поддршка и да се осврнеме на најдобрите практики и регулаторни рамки со цел да се овозможи ефикасно справување со нефункционалните кредити.
Помина една деценија од избувнувањето на светската финансиска криза, а проблемот со зголемените нефункционални кредити и рамките за справување со нефункционалните кредити е заглавен во политички дебати и генерално, во банкарскиот сектор. Веројатно ова не треба да нè изненадува. Коренот на глобалната криза е во финансискиот сектор, а нефункционалните кредити претставуваат вообичаени несакани ефекти од финансиската криза и финансиската нестабилност. Понекогаш, тие се јавуваат во моментот кога кредитниот подем се претвора во пад, а во други случаи тие се само ефект на пролонгиран низок економски раст или структурни пречки во банкарскиот систем. Без оглед на причините, последиците се вообичаени ‒ на макрониво, тие го спречуваат пласирањето кредити во економијата бидејќи капиталот е врзан со нефункционални кредити, со што се загрозува потенцијалот за раст, па дури и финансиската стабилност; на микрониво, тие претставуваат товар за профитабилноста и ефикасноста на банките, ги зголемуваат трошоците за финансирање и капиталот на банките; од аспект на кредитобарателите, побрзото справување со нефункционалните кредити е исплатливо бидејќи тие ќе избегнат плаќање камати и провизии за средствата коишто на крај нема да ги поседуваат.
Со оглед на големината и времетраењето на најновата криза, нефункционалните кредити станаа посткризен проблем кај целиот одбор. Тој дојде до сржта на системските и макрофинансиските ризици кај многу напредни и кај економиите во развој. Еврозоната не беше исклучок, каде што стапката на нефункционални кредити беше тројно зголемена по кризата, така што во просек во 2013 година достигна 8%. Проблематичните биланси на состојба поттикнаа усвојување заеднички политички мерки на ниво на ЕУ, како и силни напори на одделни банки за справување со нефункционалните кредити. Поттикнато од постепеното економско заздравување, овие напори овозможија речиси континуирано подобрување на стапката на нефункционални кредити, којашто на крајот на 2017 година во просек изнесуваше 4,9%. Подобрувањето беше на широка основа, но намалувањето сѐ уште беше бавно и хетерогено, а односот на нефункционалните кредити и натаму е на двоцифрени нивоа во некои земји од еврозоната.
Така, нефункционалните кредити остануваат важна пречка за посилен и поразновиден раст и за правилно функционирање на финансискиот систем. И покрај тоа што се забележува дека за ризиците поврзани со високите износи на нефункционални кредити првенствено се одговорни засегнатите банки и националните власти, со оглед на важноста на проблемот, неодамна беше поставен на наднационално ниво во Советот на ЕКОФИН во јули 2017 година, кога министрите за финансии постигнаа согласност за Акциски план за справување со состојбата на нефункционалните кредити во Европа и за спречување зголемување на овој ризик во иднина.
Во услови на силна финансиска интеграција и меѓусебната поврзаност на банкарскиот систем со еврозоната, регионот на Југоисточна Европа не остана имун на овие трендови. Растечките нефункционални кредити станаа важно наследство од кризата, но раширеноста на проблемот беше со различен интензитет во различни земји. Таа беше поизразена во оние земји од ЈИЕ што поминаа низ циклус на подеми и падови. Овие земји преминаа од кредитен бум поттикнат од финансиите на странските матични банки што се финансираа во преткризните години, до бавен кредитен раст и пораст на нефункционалните кредити во посткризниот период. Остриот пораст на стапката на нефункционални кредити (од речиси 7% во просек во 2008 година на околу 17% во просек во 2013 година) и намалувањето на доходовните средства во банките, последователно се одразија на профитабилноста и наметнаа едно однесување на банките за одбивност за преземање ризик. Сепак, во последниве години, стапките на нефункционални кредити се намалуваат низ целиот регион како резултат на координираните реформи во вонсудското преструктурирање, регулаторно отпишување на нефункционалните кредити и циклично закрепнување. На крајот на 2017 година, стапката на нефункционални кредити се намали на околу 10% во просек за регионот што е сѐ уште над преткризното ниво. Решавањето на проблемот со зголеменото ниво на нефункционални кредити беше уште потешко, со оглед на отсуството на пазарите за нефункционална актива во регионот. Продажбата на портфолијата на нефункционални средства кон инвеститорите од приватниот сектор се уште има незначителна улога. Поради тоа, банките мора самите да се справат со зголемувањето на нефункционалните средства за што требаше да се ангажира персонал, пари и време. Најновата виенска иницијатива „НПЛ монитор“ укажува дека обемот на нефункционални кредити го достигна најниското ниво во последните 7 години, што во најголем дел се должи на построгите политики за отпис и подобреното справување со нефункционалните кредити, додека трансакциите со нефункционални кредити се намалени во голема мера, иако постојат знаци на зголемување на пазарната активност во 2018.
Во контекст на сложеноста на предметот, некои земји од регионот започнаа да усвојуваат национални сеопфатни стратегии за справување со нефункционалните кредити. Тука, дозволете да го разјаснам македонскиот случај, како што неодамна, исто така, се одлучивме за изработка на Стратегија за решавање и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити. Стратегијата вклучува неколку институции, со широк спектар вградени мерки како што се измени на банкарските регулативи, зголемен фокус на супервизорите кон банкарските внатрешни капацитети за справување со нефункционалните кредити, усвојување специфична регулатива за продажба на нефункционалните кредити, појаснувања во даночната регулатива за тргување со нефункционалните кредити, истражување на можноста за објавување на најголемите нефункционални кредити, подобрување на регулативата за стечај, спроведување, вреднување, како и воведување алтернативни инвестициски фондови. Морам да нагласам дека во нашиот случај стратегијата не ја одразува итноста и сериозноста на проблемот со нефункционални кредити во Македонија. Всушност, во овој момент, Македонија сосема добро се споредува со регионот во однос на нивото на нефункционални кредити, а истото беше и случајот кога се појавила кризата. Во моментов, стапката е 5,1%, во споредба со највисоката стапка од 12,6% во 2014 година, со приспособувања коишто одразуваат солиден економски раст во посткризниот период и мерки за задолжителен отпис воведени во 2016. Пошироко, пониската стапка на нефункционални кредити, во споредба со регионот преставува мешан ефект на прудентниот пристап на банките, силна регулаторна рамка и фактот дека банките не се потпираа на надворешни, туку на домашните извори на финансирање за време на кризата. Притоа, ние избегнавме создавање голем вишок кредити во преткризниот период, што нѐ заштити од големо влошување со избувнувањето на кризата.
Покрај тоа, проблемот не е општоприфатен, туку е прилично концентриран во неколку големи корпоративни изложености, а оттука добро контролиран. Сепак, искуството на другите земји покажа дека мора да постои погодно опкружување, за да се спречи какво било сериозно зголемување на опасноста во кредитното портфолио на банкарскиот систем. Ова бара проактивен пристап на банките за управување со нефункционалните кредити, соодветен дизајн и ефикасност на правната рамка во која тие работат, активни пазари и соодветен даночен третман. Затоа, сеопфатната и добро рационализирана стратегија може да обезбеди важни преземања и цврста рамка не само за справување со, туку и за отстранување на постоечкиот товар од нефункционалните кредити.
На крајот, дозволете ми да заклучам, изнесувајќи ја идејата дека решението за нефункционалните кредити е сложен процес, којшто бара т.н. „холистички пристап“. Тоа значи дека само заеднички приватни и јавни, усогласени и координирани иницијативи би можеле да дадат одржливи резултати. Главната одговорност е на самите банки, бидејќи тие треба да бидат проактивни во обезбедувањето ефикасно решение. Вториот слој е јавниот сектор, којшто мора да обезбеди јасна рамка за намалување и спречување на нефункционалните кредити. Во овој сегмент особено се посакува побрз напредок, заради сѐ уште приспособливите финансиски услови коишто не може да траат подолг период. Во овој контекст, на овој семинар, сигурна сум дека ќе биде особено корисно за банкарските регулатори и супервизори од регионот да го искористат искуството на Европската банкарска агенција, особено супервизорските насоки и правилата за управување со нефункционалните изложености. Истото важи и за претставниците на ЕБРД, институција којашто е присутна во регионот веќе долго време. Нивните ставови за економското и регулаторното опкружување во регионот и оценката на сегашното ниво на развој на локалните пазари на нефункционални кредити ќе обезбедат понатамошна додадена вредност за регионалните регулатори.
И последно, но сигурно не и најмалку важно, овие настани претставуваат форум за споделување на искуствата на учесниците и одговорите на политиката за зголемените нефункционални кредити во нивните банкарски системи и за размена на мислења за ефективноста на конкретните алатки и мерки и идните планови за подобрување на супервизорските практики во однос на нефункционални кредити.
Со ова обраќање, Ви посакувам успешен семинар и плодна дискусија.
Ви благодарам!