Почитувани дами и господа, почитувани банкарски работници, почитувани гости,
Ми претставува особено задоволство да се обратам пред Вас, по повод одбележувањето на светскиот ден на штедењето. Ова е денот кога ја истакнуваме важната улога што ја има штедењето и тоа не само од аспект на неговата улога на извор за финансирање на поединечните банки туку и на неговото непосредно значење за економијата во целина и за одржувањето на финансиската стабилност. Впрочем, повеќепати сме имале прилика, и Вие како банкари и ние во Народната банка како регулатори, практично да се увериме во вистинитоста на изреката дека одржувањето на стабилноста на банките е одраз на довербата што ја имаат штедачите во нив. И оваа година, банките ја уживаа довербата на населението, независно од неповолното влијание на домашните политички случувања врз обичниот граѓанин и штедач. Потврда за ова се и последните расположливи податоци за движењето на депозитите на населението. Заклучно со септември, депозитите на населението покажуваат сосема солидна стапка на раст од 5,8%, што претставува важен индикатор за стабилизирање на очекувањата и согледувањата на штедачите со оглед на нестабилниот амбиент и воздржаноста на економските агенти од инвестициска активност во првата половина од оваа година. Позитивните движење кај штедењето на населението придонесоа и за раст на кредитната активност, така што според последните расположливи податоци од септември 2017 година, кредитите растат за 4,3% на годишна основа, со солвентност којашто е речиси двојно над законските поставени нивоа и обем на ликвидни средства што овозможува оптимално секојдневно работење. Исто така, мора да се нагласи дека покрај политичкиот амбиент, растот на депозитите, а со тоа и довербата во банките, веќе извесен период се остваруваат во амбиент на историски најниски каматни стапки, како на финансиските пазари во еврозоната, така и на домашниот меѓубанкарски пазар.
Во оваа прилика би сакал да напомнам дека во претстојниот среднорочен период настапот на банките на депозитниот пазар ќе бара од нив уште поголеми напори за осовременување и зголемување на нивната понуда. Живееме во глобална ера на дигитализација, голем напредок во информатичката технологија и нејзино секојдневно поголемо користење во финансиската сфера. Иновациите и примената на современите технологии, на глобален план континуирано вршат конкурентски притисок врз традиционалните форми на банкарското работење и ги принудуваат банките постојано да се приспособуваат, да бидат проактивни и инвентивни и преку менување на своите деловни модели кон новите појави и услови, да го бараат својот пазарен успех.
Ваквите процеси неминовно ќе допрат и до работењето на банките во Република Македонија. Во перспектива, користењето на современите технологии не само што ќе влијае врз пазарниот настап на банките туку веројатно од корен ќе го промени и нивниот однос со штедачите и другите клиенти. Всушност, во оваа насока, дури и за земји како Република Македонија, со релативно скромна финансискa едукација на населението и со мала искористеност на современите технологии во финансиската сфера, прашањето што се наметнува не е дали, туку кога процесот на дигитализација ќе го зафати домашниот банкарски систем. Во овој контекст, би сакал да истакнам дека процесот на дигитализација и користењето на информатичката технологија не треба да се гледаат како опасност од зголемување на конкуренцијата во банкарството, туку како нова можност за доближување на финансиските услуги до што поголем број клиенти, а преку тоа, и за зголемување на финансиската вклученост, на степенот на финансиската писменост на населението и на подобра распределба на ресурсите, како појави кои имаат поголемо економско и општествено значење.
Од друга страна, примената на новите технолошки решенија носат промени и во палетата на ризиците што ги преземаат банките и со кои управуваат во своето секојдневно работење. Покрај конвенционалните ризици од финансиска природа со кои се справуваат банките во своето работење, како што се кредитниот ризик, ризикот од движењата на каматните стапки, валутниот ризик, постепено ќе се зголемува значењето и на нефинансиските оперативни ризици. Зголемениот обем на употреба на современите технички решенија во работењето ќе значи и поголемо значење на ризиците поврзани со безбедноста на информатичките системи, доверливоста на податоците, чувањето на информатичките содржини, пристапот и одржувањето на системите за вршење на плаќањата.
На крајот, со оглед на тоа дека ќе следи доделување на наградата за најдобри шалтерски работници, дозволете ми од свое име и од името на Народната банка да им изразам јавна благодарност за нивната секојдневна и макотрпна работа во експозитурите на банките.
Ви благодарам за вниманието и ви го честитам Светскиот ден на штедењето!