Почитуван премиеру на Република Македонија, Зоран Заев
Почитувана генерална директоркe на Евростат, Мариана Коцева
Почитуван амбасадоре на Европската Унија, Самуел Жбогар,
Почитуван министре за финансии, Драган Тевдовски
Почитуван претседателе на МАНУ, Таки Фити
Почитуван ректору, Никола Јанкуловски
Почитуван декану на Економскиот факултет во Скопје, Љубомир Дракулевски
Почитуван директоре на ДЗС, Апостол Симовски
Почитувани присутни,
Европскиот ден на статистиката оваа година го одбележуваме токму по десет години од почетокот на глобалната криза. Нејзината силина и времетраење беа толку изразени, што последниве десетина години стана вообичаено речиси сите осврти и согледувања да ги правиме низ призмата на „пред и посткризниот период“, а тоа веројатно и не е за изненадување имајќи предвид дека големите шокови неминовно водат кон преиспитување на конвенционалните парадигми. И статистиката не е исклучок во овој поглед. Како што големата депресија ја нагласи потребата за развој на статистиката на националните сметки, а азиската криза потребата за подобро согледување на врските помеѓу домашниот финансиски систем и капиталните приливи доведувајќи до развој на повеќе нови статистички стандарди, глобалната криза од 2008 година повторно го стави во фокусот финансискиот систем.
Кризата јасно покажа како несоодветната регулација и прекумерното преземање ризици во финансискиот сектор во развиените економии може да доведат до несогледливи последици во реалниот сектор, во национални, но и во глобални рамки, истакнувајќи ја потребата за подобро разбирање на врските помеѓу финансискиот и реалниот сектор, како и на прекуграничните врски во контекст на сѐ поголемата глобализација. Фактот што корените на глобалната криза беа токму во финансискиот сектор навестува дека голем дел од посткризните потреби за промени во статистиката ги допираат токму централните банки.
Иако избувнувањето на глобалната криза не може да му се припише на недостатокот на статистички податоци, сепак јасно се покажаа значителни статистички празнини коишто најдобро се отсликани преку Иницијативата на земјите од Г-20 од 2009 година (G-20 Data Gaps initiative) за идентификување препораки за пополнување на овие статистички празнини. Препораките главно се лоцирани во следниве четири клучни сегменти:
‒ Првиот сегмент е подобро препознавање на растот на ризиците во финансискиот сектор. Се покажа дека навременото откривање е исклучително важно за заштита од кризи. Во овој домен акцентот е ставен на развивањето поширока база на показатели на финансиската стабилност, коишто ние ги изготвуваме на редовна основа. Всушност, во посткризниот период, преку оваа препорака драматично се зголеми бројот на централни банки коишто ги изготвуваат овие показатели. Исто така, во контекст на финансиските системи и пазари, голем акцент беше ставен на деталните податоци за хартиите од вредност, со цел да се добие подобра аналитичка инфраструктура за откривање на ризиците од одделните изложености и меѓусекторското прелевање. Народната банка започна со вакви активности уште во 2014 година кога создаде статистика на вложување во странски хартии од вредност, што потоа ја надополни и со податоци за домашните хартии од вредност. Исто така, кризата покажа дека голем раст на ризиците може да се појави не само во банкарскиот систем, туку и во сегменти од финансискиот систем коишто се недоволно регулирани или воопшто не регулирани (англ. shadow banking). Оттука е и потребата за надградување на статистиката со податоци не само за депозитните институции, туку и за сите останати финансиски институции. Следејќи ги овие трендови од 2012 година, и ние започнавме со изготвување на статистиката на најзначајните небанкарски финансиски институции со што овозможуваме постојано следење на нивните активности и на потенцијалните ризици. Неодамна направивме и целосно усогласување на оваа статистика со најновиот прирачник на ММФ за монетарна и финансиска статистика.
‒ Вториот сегмент е унапредување на базите податоци за прекугранична поврзаност на финансиските системи. Последиците од глобалната криза јасно го изразија ризикот од меѓународната финансиска интеграција, а особено глобалната поврзаност на системски значајните институции. Ваквиот контекст имаше големи последици врз барањата за зголемување на обемот и структурата на статистички податоци коишто ќе дадат подобра слика за овие глобални врски со посебен акцент на статистиката за меѓународна инвестициска позиција, како и подеталните статистики за портфолио-инвестициите и директните инвестиции. Народната банка веќе на редовна основа ги изготвува сите овие истражувања, иако во делот на меѓународната позиција постои простор за натамошно унапредување.
‒ Третиот сегмент е подобро утврдување на чувствителноста на економијата на шокови, што се постигнува преку воспоставување секторски сметки, а во нивни рамки особено финансиски сметки, преку кои ќе се видат врските помеѓу сите сектори во една економија, а преку тоа и можностите за прелевање на шоковите од еден во друг сектор. Во 2017 година, Народната банка за првпат подготви финансиски сметки за сите сектори во економијата коишто во експериментален формат беа доставени до Еуростат.
‒ Четвртиот сегмент е унапредување на процесот на комуникација во врска со статистиката. Во овој контекст, ние на редовна основа, вложуваме напори за подобрување на комуникацијата со јавноста, вклучително и преку спроведување анкети за задоволството на известувачите и корисниците, создавајќи можност за директна електронска комуникација за сите прашања поврзани со статистиката и преземајќи активности за финансиска едукација. Во 2016 година, започнавме и со редовна објава на статистички соопштенија за јавноста, како и проект, којшто е во завршна фаза, за изградба на статистички интернет-портал за надворешни корисниците на податоците.
Притоа, во основата на сите овие нови статистички барања е проткаена потребата за обезбедување грануларни, наместо агрегатни податоци. Кризата не ги доведе во прашање традиционалните агрегатни економски статистики, но покажа дека не се доволни. На пример, за да се разбере зошто огромната ликвидност којашто ЕЦБ ја внесе во банкарскиот систем не доведе до посилен кредитен раст, беа неопходни грануларни податоци преку кои подобро ќе се разбере што е тоа што ги движи агрегатите, овозможувајќи унапредување на ефективноста на монетарната политика.
Сите статистички пунктови посочени досега на еден или друг начин се алки во рамките на статистичката иницијатива Г-20, којашто иако за нас не преставува формална рамка, сепак е насочувач по којшто се движиме. Покрај тоа, оваа иницијатива е во синергија со други битни меѓународни статистички стандарди, како и со европските статистички барања, коишто ние како централна банка се трудиме да ги следиме. Една таква иницијатива е СДДС плус, како трет и највисок столб на статистичките стандарди на ММФ. Со гордост можам да кажам дека ние како држава покажавме подготвеност да се вклучиме во оваа иницијатива, во којашто тековно се вклучени само 14 земји, активно работејќи заедно со ДЗС и МФ на изготвување на сите барани податоци, со што подготовките за пристапување кон овој највисок стандард се во завршна фаза.
Дополнителен аспект којшто носи нови предизвици за статистичарите е процесот на дигитализација, којшто зема сѐ поголем замав и во финансиската индустрија. Дигитализација и иновативноста на финансиските услуги наметнува нови предизвици за нивно статистичко следење и мерење. Воедно, во статистичкиот свет сѐ поголем е бројот на иницијативи за активно користење на т.н. „големи податоци“ (англ. big data), нова парадигма којашто ги менува профилите и на носители на статистиките, статистичките процеси, но и целокупната економска и финансиска анализа.
Почитувани,
На крајот, ние, како и останатите носители на статистиката во РМ, во изминатите години направивме голем исчекор во унапредувањето на постојните статистички истражувања и воведувањето нови заради пополнување на утврдените статистички јазови во глобални рамки. Сепак, статистиката не е цел самата за себе. Преку обезбедување богат, квалитетен, навремен и меѓународно усогласен сет на статистики, даваме придонес кон повисоки општествени цели, а тоа е носење одлуки засновани врз факти заради зголемување на општествената благосостојба. Имајќи го предвид динамичниот свет во кој живееме и промените коишто тој ги носи, клучен предизвик за статистичарите и натаму ќе биде држењето чекор со овие промени и изготвувањето кредибилни статистики, како јавно добро со кое се овозможува подобро разбирање на реалноста и преземање соодветни политики од сите чинители на општественото живеење.
Ви благодарам.