Директни инвестиции - Состојби
Состојбата претставува позиција на директните инвестиции на крајот на одреден период и вклучува податоци за сопственички капитал (со реинвестирање на добивката) и за должнички инструменти.
Во зависност од структурата на директните инвестиции, статистичкото истражување на НБРСМ за директните инвестиции во земјата опфаќа податоци за состојбата на новите, постојните и останатите инвестиции. Новите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во нови претпријатија (гринфилд-инвестиции). Постојните инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во постојни претпријатија преку преземање претпријатија или спојување на претпријатија. Останатите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од основање подружници, филијали, фондации и останато.
Податоците за состојбата на директните инвестиции се вреднуваат по книговодствена вредност. Промените во состојбата помеѓу два извештајни периода произлегуваат од: трансакции, ценовни и/или курсни промени и промени во обемот.
Најнови остварувања:
На 31.12.2022 година, состојбата на директни инвестиции во Република Северна Македонија изнесува 7.013 милиона евра (или 54,4% од проценетиот податок за БДП) од кои 4.944 милиони евра се вложувања во сопственички капитал, додека 2.069 милиони евра се вложувања во должнички инструменти.
Анализирано по земји, највисоки директни инвестиции, во вредност од 1.053 милиони евра се регистрирани од Австрија, по што следува Грција, со директни инвестиции во вредност од 729 милиона евра. Во групата на пет најголеми странски инвеститори во земјата спаѓаат и Обединетото Кралство (со 634 милиона евра), Германија (со 572 милион евра) и Холандија (со 544 милиони евра). На овие пет земји отпаѓа 50,3% од вкупните директни инвестиции во анализираниот период.
Анализирано по дејности на инвестирање, од вкупните директни инвестиции, 2.453 милион евра или 35% се инвестирани во дејноста „Производство”, додека 1.520 милиона евра или 21,7% во дејноста „Финансиски и осигурителни активности”.
Архива на директни инвестиции
За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на
[email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)