Заштитни слоеви на капиталот

Согласно со измените на Законот за банките од октомври 2016 година, покрај законските барања за висината на адекватноста на капиталот, утврдени врз основа на регулативата на Народната банка или врз основа на корективна мерка изречена од Народната банка, банките се должни да одржуваат и соодветен износ на капитал за покривање на т.н. заштитни слоеви на капиталот. Станува збор за четири вида заштитни слоеви на капиталот: 

1) заштитен слој за зачувување на капиталот утврден на ниво од 2,5% од активата пондерирана според ризиците; 

2) противцикличен заштитен слој на капиталот кој може да изнесува до 2,5% од активата пондерирана според ризиците, но и повеќе во зависност од други системски фактори/индикатори и има за цел ограничување на ризиците поврзани со кредитниот раст. Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот може да биде различна за изложеностите во Република Македонија и за изложеностите во друга земја. Народната банка е надлежна за утврдување на висината на двата вида стапки, при што стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите во Република Македонија се утврдува врз основа на методологија пропишана од Народната банка;

3) заштитен слој на капиталот за системски значајни банки кој може да се движи од 1% до 3,5% од активата пондерирана според ризиците и којшто треба да го издвојуваат банките коишто врз основа на пропишаната методологија на Народната банка,  ќе бидат идентификувани како системски значајни банки; и 

4) системски заштитен слој на капиталот којшто може да се движи од 1% до 3% од активата пондерирана според ризиците и се воведува од страна на гувернерот на Народната банка заради ограничување на ризикот од нарушување на финансискиот систем или на домашната економија. Овој заштитен слој на капиталот може да биде различен за различни банки или групи банки. 

Основната причина за постоењето на заштитните слоеви на капиталот е да се овозможи зајакнување на солвентната позиција на банките и нивна поголема отпорност на непредвидени загуби во работењето. На тој начин се зајакнува и стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, но и на целокупниот финансиски систем.

Начинот на утврдување на одделните заштитни слоеви на капиталот е усогласен со барањата на т.н. Базел 3 и соодветната Европска директива. Пропишаните заштитни слоеви на капиталот можат да се исполнуваат само со позиции од редовниот основен капитал коишто не се користат за покривање на законските барања за висината на адекватноста на капиталот, утврдени врз основа на регулативата на Народната банка или врз основа на корективна мерка изречена од Народната банка (т.н. вишок на редовен основен капитал). Банката којашто нема доволен износ на редовен основен капитал за покривање на вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот (односот помеѓу вишокот на редовниот основен капитал и вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот е помал од 100%), е ограничена во однос на максималниот износ на распределба на резултатот од работењето (добивката), и тоа:

- не смее да изврши распределба на резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е помал или еднаков на 25% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;
- може да распредели 20% од резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е поголем од 25%, но помал или еднаков на 50% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;
- може да распредели 40% од резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е поголем од 50%, но помал или еднаков на 75% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;
- може да распредели 60% од резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е поголем од 75%, но помал од 100% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;
- нема ограничување на распределбата, доколку вишокот на редовниот основен капитал е еднаков или поголем од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот.

Ова ограничување се применува сѐ додека банката не го покрие вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот со вишокот редовен основен капитал (т.е.редовниот основен капитал кој останал по исполнувањето на пропишаната стапка на адекватноста на капиталот).

Начинот на утврдување на максималниот износ на распределба на резултатот од работењето, како и начинот и роковите на известување на Народната банка за висината на овој износ се пропишани во Одлуката за методологијата за утврдување на максималниот износ за распределба на резултатот од работењето („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/17) и Упатството за спроведување на Одлуката за методологијата за утврдување на максималниот износ за распределба на резултатот од работењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/17).