A  Б  В  Г  Д  Е  Ж  З  И  К  Л  М  Н  О  П  Р  С  Т  Ф  Х  Ц  Ш


A

Аванс (Advance payment) [1] – Паричен износ што ce плаќа однапред како делумна уплата на сметка за набавка на стока или услуга.


Авторизација (Authorization) – Дозвола или привилегија за извршување одредени задачи или за пристап, односно одобрување/проверување одредени активности.


Активна каматна стапка (Lending interest rate) – Камата што банката ја зема за кредитите пласирани кај правни и физички лица.


Амортизација (Amortization) – Отпишување, враќање, отплатување. Отпишување некој износ на вредност во одреден временски период.


Амортизационен план (Amortization plan) – План за отплата на кредитот, обично е во форма на табела, во која за секој пресметковен период се покажуваат ануитетот, главницата, каматата и преостанатиот долг. 


Ануитет (Installments, repayments) – Износот на ратата (главница заедно со камата) којашто се исплаќа во одреден временски период за добиениот заем.


Апоени (Denominations) – Номинална вредност (деноминација) на одделни ковани пари или банкноти (кована пара од 5 денари, банкнота од 100 денари и сл.).


Апрецијација (Appreciation) – Зголемување на вредноста на валутата на една земја спрема други валути.

Кон почетокот ↑


Б

Банка (Bank) – Правно лице основано согласно со одредбите со Законот за банки, со добиена дозвола од гувернерот на Народната банка, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување кредити во свое име и за своја сметка.


Банкомат (Аutomated Тeller Мachine - ATM) – Електромеханички уред коjшто му овозможува на овластениот имател на сметката, користејќи машински вчитлива пластична картичка, да повлече готовина или да обезбеди пристап кон други услуги во зависност од типот на банкоматот (проверка на салдото на картичката, трансфер на средства или депонирање готовина). Најчесто е поставен на прометни места или во експозитури на банки и на корисникот на платежната картичка му се овозможува да подигне готовина 24 часа дневно.


Биланс на состојба (Balance sheet) – Пропишан образец во кој се искажува состојба на средствата, капиталот и обврските, утврдени на крајот на периодот за кој тој се составува.


Биланс на успех (Income statement) – Финансиски извештај во кој се прикажани податоците на едно правно лице за деловната година: приходи, расходи и финансиски резултат во таа година.


Благајнички записи (Central bank bills, CB bills) – Краткорочни хартии од вредност издадени од Народната банка на Република Северна Македонија. Аукциите на благајничките записи се основен инструмент на монетарната политика во нашата земја.

Кон почетокот ↑


В

Валути (Currency) – Валутите опфаќаат банкноти и ковани пари со фиксна номинална вредност, издадени од централната банка како официјално средство за плаќање во домашната економија. Златото и комеморативните ковани пари коишто имаат нумизматичка вредност и коишто не циркулираат во промет се класифицирани како нефинансиски средства.

Валутите, исто така, ги опфаќаат и девизите, односно банкнотите и кованите пари коишто се издадени од нерезиденти, најчесто централни банки на странски држави.


Валутен ризик (Currency risk, exchange rate risk) – Ризик од загуба поради промена на меѓувалутните курсеви.


Варијабилна (променлива) каматна стапка (Variable interest rate) – Kаматна стапка чија висина е подложна на промени во текот на траењето на кредитот или депозитот, што значи дека банката може да ја промени каматата, согласно со наведеното во договорот.


Вонтеренска супервизија (Off-site supervision) – Народната банка на Република Северна Македонија врши постојана вонтеренска контрола на извештаите и другата документација којашто банките и штедилниците ја доставуваат до Народната банка согласно со законската регулатива.

Кон почетокот ↑


Г

Главница (Principal) – Основен износ на депозит/кредит на кој се пресметува камата.


Грејс-период (Grace period) – Период на мирување на отплатата на главницата, односно временски период од почетокот на користењето на кредитот до првата отплата на главницата.


Готови пари во оптек (Currency in circulation) – Готовите пари во оптек се однесуваат на банкнотите и кованите пари со фиксна номинална вредност коишто се издадени од централната банка како официјално средство за плаќање во домашната економија. При пресметувањето на износот на готовите пари во оптек, оние коишто се наоѓаат кај централната банка се одземаат од вкупната вредност на издадените пари.

 Кон почетокот ↑


Д

Дебитна картичка (картичка со дебитна функција) (Debit card) – Се издава најчесто со отворање трансакциска сметка. Му овозможува на корисникот подигање готовина од банкоматите, плаќање на продажните местa или преку интернет. Корисниците на дебитните картички може да купуваат до износот којшто го имаат на располагање на сметката, при што треба да се земе предвид дека доколку е договорена услуга за дозволено пречекорување на сметката, може да се користи и тој износ на пречекорување.


Девизен курс (Exchange rate) – Цена на странската валута изразена во домашни пари, или односот на вредноста меѓу домашната и странските валути.


Девалвација (Devaluation) – Девалвацијата се спроведува така што со одлука на централната банка се намалува вредноста на домашната валута во однос на странските валути. Девалвацијата се разликува од депрецијацијата (види: депрецијација).


Девизни резерви (Foreign exchange reserves) – Средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели.


Депозит (Deposit) – Паричен влог во банка или штедилница со одредена камата или надомест од кој било вид, на определен рок или без рок на достасување, зависно од условите договорени при вложувањето на паричните средства. Депозитите може да се делат на долгорочни, краткорочни и депозити по видување.


Депозит по видување (Sight deposit) – Депозит без определен рок на достасување. Депозитите по видување му е на располагање на сопственикот во секое време.


Депозит преку ноќ кај централната банка (Overnight deposit with the central bank) – банките можат да пласираат средства во расположливи депозити преку ноќ кај Народната банка секој работен ден. Основната функција на овој инструмент е управување со вишокот на ликвидност кај поединечните банки и/или во банкарскиот систем на краток рок.


Депозитар на хартии од вредност (Securities Depository) – Установа во којашто се врши регистрирање на хартиите од вредност и на сопствениците на хартиите од вредност, порамнување на трговските трансакции и вршење нетрговски преноси со хартии од вредност.


Депрецијација (Depreciation) ‒ Намалување на вредноста на валутата на една земја во однос на една или повеќе странски валути.


Дефицит (Deficit) – Поголем расход од приход. Се користи за да се укаже на некаков кусок, помал износ или количина.


Дефлација (Deflation) – Пад на општото ниво на цените во одреден временски период. Дефлацијата е со спротивно дејство од инфлацијата (види: инфлација).


Доверител (Creditor) ‒ Физичко или правно лице коешто му дава на заем, односно му отстапува право на располагање со пари, стока или др. на заемопримачот, односно должникот (види: должник).


Дозволено пречекорување (минус) (Overdraft) – Вид на кредит којшто се одобрува на трансакциската сметка. Висината на одобреното пречекорување се одредува врз основа на висината на примањата и се ревидира во однапред договорени интервали и термини.


Дознака (Remittance) – Налог на банката да дозначи (исплати) на сметката на некое физичко или правно лице износ што е назначен во дознаката од сметката на налогодавачот (од земјата или од странство).


Долгорочен кредит (Long term credit) – Кредит чиј рок на достасување, односно отплата надминува една година.


Должник (Debtor) – Физичко или правно лице коешто согласно со договорниот однос има должност да изврши определена обврска во одредено време кон доверителот (види: доверител).

Кон почетокот ↑


Е

Еврообрзница (Eurobond) – Должничка хартија од вредност издадена на меѓународните пазари којашто гласи на валута различна од валутата на државата во којашто се издава. Обично се емитуваат во евра, долари, но може да бидат и во некоја друга конвертибилна валута.


Електронско банкарство (E-banking) – Современ електронски начин на водење сметки во платниот промет. Електронското банкарство е на располагање во кое било време и од кој било компјутер којшто има пристап до интернет. Корисниците на електронското банкарство, преку соодветен пристап договорен со банката, имаат увид во состојбата на сметките, дневните трансакции, изводот на трансакциската сметка, а имаат можност и да изготват налози за пренос на парични средства.


Електронски пари (дигитални пари) (E-money, digital money) – Пари расположливи единствено во електронска форма (виртуелни пари, крипто-валути и др.), коишто можат да имаат особини слични на парите во класична форма.


Ефектива (Cash) – Банкарски израз за готовина (дел од паричната маса што ce состои од книжни и ковани пари).


Ефективна каматна стапка (Effective interest rate) – Каматна стапка којашто ја претставува реалната цена на кредитот. Покрај каматата, се додаваат и другите трошоци и провизии што клиентите ѝ ги плаќаат на банката за одобрување на кредитот.

 Кон почетокот ↑


Ж

Жирант (Warrant) – Лице кое гарантира дека ќе го плати долгот на кредитокорисникот, доколку тој од која било причина не успее да ги исплати позајмените средства.

Кон почетокот ↑


З

Задолжителна резерва (Reserve requirement) – Инструмент на монетарната политика на Народната банка којшто ги обврзува банките и штедилниците да издвојуваат средства на сметките кај централната банка, како процент од нивниот депозитен потенцијал.


Залог (Collateral) – претставува дел од имот во сопственост на заемопримачот којшто служи за обезбедување на долгот кон заемодавачот, односно имот којшто заемодавачот може да го пренесе во своја сопственост (или да го продаде) доколку заемопримачот престане да ги исполнува обврските врз основа на долг.

Кон почетокот ↑


И

ИБАН (Inertnational Bank Account Number) – Меѓународен стандард за нумерирање/идентификување на банкарските сметки и најчесто се употребува за платен промет во странство.


Интеркаларна камата (Intercalary interest) – претставува камата што се пресметува и се наплатува за период од одобрувањето на кредитот до моментот кога се почнува со отплата на кредитот.


Интрадневен кредит (Intraday credit) – Кредит којшто овозможува надминување на ликвидносните нерамнотежи кај банките коишто настануваат како резултат на поголеми одливи во однос на приливите во текот на денот. Народната банка не наплаќа камата на интрадневниот кредит. Кредитот им стои на располагање на банките секој работен ден и се одобрува на нивно барање, во форма на репо-трансакција (види: репо-трансакција), при што постои можност за претворање на интрадневниот кредит во расположлив кредит преку ноќ на крајот на денот.


Инфлација (Inflation) – Раст на општото ниво на цените во одреден временски период. Инфлацијата е со спротивно дејство од дефлацијата (види: дефлација).

 Кон почетокот ↑


К

Казнена камата (затезна камата) (Penalty interest rate) – Каматата што ја плаќа должникот доколку задоцни со исполнување на обврските врз основа на долгот. Всушност таа претставува обврска да ce надомести штетата којашто должникот му ја прави на доверителот со тоа што не го намирува долгот во договореното време. 


Камата на кредит (Interest) – Надомест што заемопримачот (должникот) му го плаќа на заемодавецот (кредиторот) за користење на позајмените парични средства (кредит).


Каматен распон (Interest rate spread) – Разлика помеѓу активната и пасивната каматна стапка (каматната стапка на кредитите и депозитите, соодветно).


Каматна стапка (Interest rate) – Процентот од главницата (износот што се позајмува/вложува) којшто се плаќа како камата.


Клиринг во платен промет (Clearing in the payment operations) – Размена и обработка на меѓубанкарски налози за плаќање заради порамнување на побарувањата и обврските меѓу две или повеќе банки.


Конверзија (Conversion) – Претставува замена на една валута со друга.


Конвертибилни валути (Convertible currencies) – Валути што се разменуваат без ограничувања по тековниот девизен курс. (По исполнувањето на сите обврски според член 8 од Статутот на ММФ, валутата станува конвертибилна во сите тековни трансакции со странство, односно може да се разменува за сите светски валути. Конвертибилни валути се: американскиот долар, еврото, британската фунта и др.)


Краткорочен кредит (Short-term credit) – Кредит чијшто рок на достасување (отплата) не надминува една година.


Кредит (Credit, loan) – Должничко-доверителски однос во којшто банката му отстапува одреден износ на парични средства на кредитокорисникот на одреден временски период, под одредени услови и со утврдена каматна стапка.


Кредитен лимит (Credit limit) – Лимит на кредитна картичка одобрен од страна на банката, утврден врз основа на редовните примања на клиентот и неговата задолженост.


Кредитен ризик (Credit risk) – Ризик од ненавремено или нецелосно исполнување на обврските од страна на должникот во рамки на кредитниот однос.


Кредитна картичка (картичка со кредитна функција) (Credit card) – Му овозможува на имателот на картичката купување и/или повлекување готовина сѐ до висината на износот којшто е однапред определен. Дозволената кредитна линија може да биде целосно наплатена на крајот на определен временски период, или, пак, може да се наплатува дел по дел, при што во износот е вклучена камата.


Кредит преку ноќ од централната банка (Overnight credit from the central bank) – Банките можат да користат кредит со рок на достасување преку ноќ од Народната банка. Каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ претставува горна граница на краткорочните каматни стапки на пазарот на пари. Кредитот им стои на располагање на банките секој работен ден и се одобрува на нивно барање, во форма на репо-трансакција. Основната функција на расположливиот кредит преку ноќ е надминување на ликвидносните проблеми кај поединечни банки со што се придонесува кон стабилизирање на ликвидноста на пазарите на пари и флуктуациите на краткорочните каматни стапки.


Кредит во крајна инстанца од централната банка (Credit of last resort from the central bank) – Кредит којшто Народната банка ѝ го одобрува на деловна банка за подобрување на ликвидностa на банката, а заради одржување на стабилноста на финансискиот систем. Кредитот во крајна инстанца се одобрува во денари, со рок на достасување до 90 календарски дена, којшто може да се продолжи на барање на банката за уште најмногу 90 календарски дена.


Курсна листа (Exchange rate list) – Преглед на курсеви на валути што го објавува централната банка. 

Кон почетокот ↑


Л

Ликвидност (Liquidity) – Способност за намирување на обврските за плаќање според роковите на нивното достасување.

 Кон почетокот ↑


М

Меѓубанкарски пазар на пари (Interbank money market) – Меѓубанкарскиот пазар на пари или депозити е пазарна инфраструктура на која една банка може да позајми парични средства од друга банка.


Меница (Bill of exchange) – Хартија од вредност чијашто содржина е правно побарување. Меницата претставува безусловен писмен налог на издавачот на меницата кон другото лице, во одредено место и во одредено време, да исплати одреден износ на пари на лицето означено на меницата или друго лице по негова наредба.


Менувачница (Exchange office) – Организациска единица во која се вршат менувачки работи. Менувачки работи се купување ефективни странски пари и чекови коишто гласат во странска валута, од странски и домашни физички лица и продавање ефективни странски пари на домашни физички лица и на странски физички лица врз основа на реоткуп. Овластени менувачи се резидентите правни лица со седиште во Република Северна Македонија коишто од Народната банка добиле дозвола за вршење менувачки работи.


МКДОНИА (Маcedonian Denar Overnight Index Average) – Меѓубанкарска каматна стапка за склучени трансакции преку ноќ од страна на референтните банки како продавачи на денарски депозити.


Монетарно злато (Monetary gold) – Златото коешто е составен дел на девизните резерви на една земја и има третман на финансиски средства.

 Кон почетокот ↑


Н

Налог за плаќање (Payment order) – Безусловна инструкција дадена од банка да изврши плаќање или наплата на одреден износ на пари од одредена сметка.


Нефинансиски сектор (Non-financial sector) – Сектор на институционални единици ‒ правни лица, чијашто примарна дејност е производството на стоки и/или давање нефинансиски услуги, наменети за пазарот.


Нефункционални кредити (Non-performing loans, NPLs) – Кредити со нередовна или нецелосна наплата на главница, камата, други некаматни побарувања, односно кредити коишто не се наплатени подолго од 90 дена сметано од рокот на достасување.


Номинална каматна стапка (Nominal interest rate) – Каматна стапка што стои во договорот помеѓу кредиторот и должникот и не ја зема предвид инфлацијата.

 Кон почетокот ↑


О

Оперативен ризик (Operational risk) – Ризик од можна појава на негативен ефект врз финансискиот резултат и капиталот на банката поради пропусти во работењето на вработените, несоодветни внатрешни процедури и процеси, несоодветно управување со информациските и други системи во банката, како и заради непредвидени надворешни случувања.


Орочен депозит (Time or term deposit) – Средства на клиентот депонирани на штедна сметка во банка за определен фиксен период. Клиентот може да ги повлече депонираните средства и пред определениот рок, но во тој случај нема да ја добие редовната камата.


Осигурени депозити (Insured deposits) – Депозитите на физички лица, депонирани во банки и штедилници коишто имаат дозвола за работа од Народната банка, задолжително се осигуруваат. Депозитите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити до износ од 30.000 евра во денарска проттиввредност по депонент, во банка, филијала на странска банка или штедилница во согласност со одредбите од законот. Фондот за осигурување депозити во случај на настанување ризичен настан врши обесштетување до наведениот износ, согласно со наведените услови.

 Кон почетокот ↑


П

Паричен систем (монетарен, валутен систем) (Monetary system) – Со закон утврдени начин и облик на паричниот промет и задоволување на паричните потреби на една држава. Toj ja регулира и ja утврдува паричната единица и сите формални прашања од значење за циркулацијата на парите.


Парична маса (монетарна маса) (Money supply, Monetary aggregates) – Вкупните парични средства во една земја, коишто се расположливи во одреден временски период. Паричната маса ja сочинуваат масата готови пари (ковани и книжни) и масата депозити (побарувањата што ce наоѓаат на сметки кај банките коишто можат да служат како средство за плаќање во прометот), а евентуално и други финансиски инструменти. Постојат различни дефиниции на паричната маса, согласно со опфатените финансиски инструменти, класифицирани согласно со степенот на нивната ликвидност (кај нас парична маса М1, М2, М3 и М4, поаѓајќи од најликвидните кон помалку ликвидните инструменти).


Пасивна каматна стапка (Deposit interest rate) – Камата што банката им ја плаќа на правните и физичките лица за нивните депонирани средства (депозити) во банката.


ПИН (Personal Identification Number) – Персонален и доверлив нумерички код што служи како идентификација на корисникот на платежната картичка. Тој е еквивалентен на електронски потпис на корисникот при електронските трансакции (како што е на пример подигнувањето готовина од банкомат).


Платежна картичка (Payment card) – Средство коешто се користи од страна на овластениот имател за вршење трансакции или повлекување готовина. Картичката му овозможува на имателот, во согласност со договорот што го има склучено со издавачот на картичката, една или повеќе функции: функција на повлекување/депонирање готовина, дебитна, одложена дебитна, кредитна и функција на електронски пари.


Платен промет (Payment operations) – Ги опфаќа сите плаќања во пари, без оглед на тоа кој ги врши, по која основа и на кој начин. Ако овие плаќања се вршат во рамките на една земја, тогаш тоа е внатрешен платен промет. Ако плаќањата се вршат меѓу физички и правни лица на различни земји, тогаш тоа е платен промет со странство.


Платен биланс (биланс на плаќања) (Balance of payments) – Статистички извештај којшто систематски ги сумира сите економски трансакции на една земја со странство во рамки на одреден временски период. Притоа, вклучени се трансакции на тековната сметка (поврзани со стоки, услуги, доход и тековни трансфери), како трансакции на капиталната и финансиската сметка (поврзани со различни финансиски текови) и девизните резерви.


ПОС-терминал (Point  of sale terminal) – Електронски уред расположлив на местото на продажба (продавница) којшто овозможува ефикасен, сигурен, брз и едноставен начин на електронско плаќање на стоки и услуги со помош на користење платежни картички.


Примарна емисија на пари (Reserve money) – Издавање пари што го врши централната банка (примарни пари).


Приспособлива каматна стапка (Adjustable interest rate) – Каматна стапка што се менува согласно со донесена интерна одлука на банката. Клиентот треба да биде информиран за условите и постапката за промена на приспособливата каматна стапка.


Провизија (Fee) – Надомест за посредување во одредена работа. Се изразува во проценти од вредноста на извршената работа (пр. банкарската провизија претставува цена за вршењето на одредени видови банкарски услуги).

 Кон почетокот ↑


Р

Реална каматна стапка (Real interest rate) – Каматна стапка којашто се разликува од номиналната бидејќи ја зема предвид и очекуваната инфлација, со цел поточно да го одрази вистинскиот трошок на позајмувањето.


Обновлив кредит (револвинг-кредит) (Revolving credit) – Краткорочен кредит којшто автоматски се продолжува штом делумно или целосно се искористи (под исти или изменети услови, зависно од договорот).


Репо-трансакции (Repo transactions) – инструмент на пазарот на пари со кој се позајмува одреден износ на пари, при што како обезбедување се даваат одредени хартии од вредност.


Референтна каматна стапка (Reference interest rate) – Каматна стапка согласно со која се одредуваат другите каматни стапки.


Рефинансирање (Re-financing) – Замена на постојните обврски со нови врз основа на долг, вообичаено се работи за нов кредит со поповолни каматни стапки, рок за отплата и други услови.

 Кон почетокот ↑


С

СКИБОР (Skopje Interbank Offered Rate) - Mеѓубанкарска каматна стапка по која една референтна банка е подготвена да продаде денарска ликвидност на друга референтна банка на пазарот на пари.

 Кон почетокот ↑


Т

Теренска супервизија (On-site supervision) – Народната банка врши непосредна теренска контрола во вид на целосни и делумни контроли на банките и штедилниците.


Трансакциска сметка (Transaction account) – Сметка во банка, којашто служи за евидентирање и извршување на сите трансакции (уплати и исплати) на клиентот (правно или физичко лице). Трансакциската сметка претставува единствен и неповторлив нумерички податок којшто служи за идентификација на учесникот во платниот промет, а преку кој тој врши плаќања.

 Кон почетокот ↑


Ф

Фиксна каматна стапка (Fixed interest rate) – Каматна стапка што е непроменлива за целото времетраење на договорот.


Филијала (Branch office) – Организациски дел на банка којшто нема својство на правно лице и којшто директно ги извршува сите или дел од активностите коишто ги врши банката.


Финансиски институции (Financial institutions) – Институционални единици коишто главно вршат финансиско посредување и/или помошни финансиски дејности. Финансиското посредување е дејност во којашто една институционална единица се стекнува со финансиски средства и во исто време презема обврски за своја сметка, преку вклучување во финансиски трансакции на пазарот. Помошните финансиски дејности се дејности сродни на финансиското посредување и преку нив тоа се поедноставува, но самите по себе не претставуваат финансиско посредување.

 Кон почетокот ↑


Х

Хиперинфлација (Hyperinflation) – Кога земјата се соочува со многу висока, забрзувачка и незапирлива стапка на инфлација или „инфлација надвор од контрола“, каде што притоа има драстичен пад на вредноста на домашната валута.


Хипотека (Mortgage) – Залог на имот како гаранција за паричниот заем.


Хипотекарен кредит (Mortgage loan) – вид на долгорочен банкарски кредит каде што како средство за обезбедување на побарувањата на банката се воспоставува заложно право врз некој недвижен имот што е во сопственост на должникот (хипотека).

 Кон почетокот ↑


Ц

Централна банка (Central bank) – Финансиска институција којашто има привилегија за емисија и дистрибуција на парите во една земја (или валутна унија), којашто вообичаено е одговорна за водењето на монетарната политика во соодветната земја. Повеќето централни банки се одговорни и за регулативата и супервизијата над банките во земјата.

 Кон почетокот ↑


Ш

Штедење (Savings) – Чување на парите за идна употреба или одложено трошење на еден дел од профитот (заработувачката) во корист на идната потрошувачка.


Штеден влог (Saving deposit) – Парични заштеди на граѓаните и правните лица што ги вложуваат во банките и штедилниците со одредена каматна стапка. Штедниот влог може да биде по видување или орочен (види: депозит по видување; орочен депозит).


Штедилница (Savings house) – Депозитна финансиска институција, којашто согласно со законските прописи нуди одредени финансиски услуги (главно прибира депозити и дава кредити), претежно работејќи со населението. 

Кон почетокот ↑



[1] До секој термин е наведен и соодветниот англиски термин во заграда.