Ваша екселенцијо Жбогар, почитуван директоре Симовски, почитуван г. Ниманд-Андерсен, ценетo раководство на регулаторните институции, поранешен министре за финансии, Тевдовски, дами и господа,
Ми преставува особено задоволство што можам да ви се обратам на денешното одбележување на Денот на европската статистика.
Размислувајќи за концептот на денешниов настан, преку кој сакаме дополнително да ја афирмираме важноста на статистиката, како и нашата определба секогаш да изготвуваме квалитетни статистички податоци во согласност со најновите европски и воопшто меѓународни стандарди, се присетив дека уште пред еден век Херберт Џорџ Велс имал кажано: „Во секојдневниот живот на граѓаните, статистичкиот начин на мислење ќе биде подеднакво неопходен колку и знаењето да се чита и да се пишува.“ Навистина бил во право. Денес, кога информациите и знаењето треба да се основните градежни блокови на општеството, а кога ниту целосната информираност, ниту темелните знаења не се возможни без квалитетни податоци, нема сомнение дека статистиката е и секогаш ќе биде неопходна, како за поединецот, така и за општеството во целина. Оттаму, одговорноста којашто ја имаме сите ние кои сме дел од статистичкиот мозаик е голема – создаваме јавно добро, чии полезности ги чувствува секој поединец, секоја институција, носителите на политиките, а сето ова придонесува за здраво и просперитетно општество.
Изминатата декада беше одбележана со тектонски промени на глобалната економска и финансиска сцена. Овие промени не ги одминаа ниту централните банки. Со појавата на кризата се соочивме со преиспитување на дотогашните т.н. конвенционални политики и инструменти, се зголеми периметарот на нашите функции, а се зголемија и очекувањата од нас. Макропрудентната функција, решавањето проблематични банки, заштитата на потрошувачите, финансиската инклузија и писменост се само некои од подрачјата каде што сега се бара нoсечка улога на централната банка.
Самата криза и промените коишто ги предизвика таа во целокупниот профил на централните банки и инфраструктурата на одлучување наметна потреба од промени и во опфатот, грануларноста и во систематизираноста на статистичките податоците со кои располагаме. Посткризно се појавија поголем број нови статистички иницијативи (како на пример, Иницијативата на Г-20 за празнините во податоците), чијашто цел беше да го збогатат статистичкиот спектар. Фактот што корените на глобалната криза беа токму во финансискиот сектор, навестува дека голем дел од посткризните препораки и потреби за промени во статистичкиот систем ги допираат токму централните банки. Кризата покажа како прекумерното преземање ризици можe да доведе до колапс на финансискиот систем. Потценувањето на силината на врските на финансискиот систем со реалниот сектор и на прекуграничните изложености доведе и до несоодветно оценување на макрофинансиските врски во рамки на одделните економии, но и на глобалните последици од шоковите во поединечни земји. Целиот овој нов контекст, како и неконвенционалните реакции на централните банки на овој шок имаа големи влијанија и врз барањата за проширување и модифицирање на редовните статистички податоци, како најбитна „состојка“ за носење соодветни одлуки во однос на монетарната, но и во однос микро и макропрудентната политика.
Нема дилема дека и ние како централна банка во изминатите десетина години активно ги следевме овие глобални трендови и ја надградувавме нашата статистика со нови димензии. Започнавме со компилација на секторските финансиски сметки, како важна алатка за подобро следење на ранливостите во економијата, чијашто прва објава ќе следува во 2020 година. Свесни за ризиците коишто можат да се создадат во сегменти од финансискиот систем надвор од банките, ја надградивме статистиката на депозитните институции со статистика за сите останати финансиски институции (пензиски фондови, осигурителни друштва, инвестициски фондови, компании за лизинг, финансиски друштва). Во контекст на финансиските системи и пазари, голем акцент ставивме на статистиката на хартиите од вредност, со што се добива подобра аналитичка инфраструктура за навремено откривање на ризиците. Развиваме широка и разновидна база показатели за финансиската стабилност и вклучени сме во системот на известување на ММФ за сите основни показатели за финансиската стабилност, но и за дел од т.н. „препорачани“ показатели.
Оттука, како централна банка непрекинато ги следиме меѓународните иницијативи збогатувајќи ја статистичката рамка. Но, мора да бидеме свесни дека и збогатената статистичка рамка отвора многу нови предизвици. Сѐ поголемата грануларност на податоците и фреквентноста со која ги добиваме нив создава екосистем во кој има експоненцијален раст на обемот и расположливоста на податоци.
Хетерогеноста и комплексноста на податоците со кои располагаме во моментов бара холистички пристап при нивната трансформација во официјална статистика. Главните предизвици со кои тековно се соочуваме и ние, но и голем број други централни банки, се однесуваат на: технологијата со која се обработува збогатениот обем на податоците, управувањето со податоците (англ. data governance), нивната стандардизација за статистички цели, задржувањето на принципот на доверливост во услови на зголемен број индивидуални податоци, како и балансирањето помеѓу зголемената потреба од податоци и товарот којшто им го наметнува ова на економските агенти известувачи.
Во моментов, технологијата е еден од поголемите предизвици со кој се соочуваат речиси сите носители на статистиката. Податоците сами по себе не се доволни доколку нема соодветна инфруструктура којашто ќе ги трансформира во форма полезна за носење одлуки. Еден таков чекор пред нас е градењето современ склад на податоци. Потребата секојдневно да се прифати, да се интегрира, да се обработи и да се извести за голем број податоци до повеќе корисници бара поставување современ информатички систем заснован врз деловно информирање (бизнис-интелигенција).
Приспособувањето кон ваков технолошки понапреден систем наметнува потреба и за поставување процес за управување со податоците (англ. Data governance). Во моментов, кај нас постојат повеќе децентрализирани статистички бази, регистри, коишто се наменети за специфични цели на статистиките и на одделните банкарски активности. Симбиозата на сите овие извори отвора ново поглавје во рамки на централната банка, а тоа е поставување на систематизиран процес на управување со податоците. Овој процес треба да се фокусирa на потребата од препознавање на податоците како средство на централната банка со кое треба да се управува на стратегиско ниво. Поучени од искуствата на европските партнери, спроведувањето наметнува потреба од јасна стратегија, политика и насоки, но и потреба за стандардизација на дефинициите на податоците, стандарди за прибирање и управување со податоците.... Со еден збор, потребна е промена во организациската култура.
Проектот за создавање Интегриран систем за доставување податоци за статистички и супервизорски потреби во Народната банка е токму таков пример. Препознавајќи ја потребата за унифицирање и замена на парцијалните системи за известување од страна на банките за статистички и супервизорски цели, посветено работиме на поставување единствен повеќефункционален систем за известување. Потенцијалните придобивките за нас и за нашите партнери – банките и штедилниците, се големи – помал известувачки товар, а побогат сет грануларни податоци, кој може да се користи за повеќе цели, со што би се заменил традиционалниот начин на доставување „агрегати“. Само да се потсетиме дека една од поуките од кризата е дека агрегираните податоци не се секогаш доволни за да се откријат вање на ранливостите во системот.
Технолошките барања, како и потребата од координација и стандардизација не е процес кој останува единствено во рамки на централната банка. Во пресрет на исполнувањето на европските статистички стандарди, клучна е комуникацијата и координацијата меѓу носителите на статистички истражувања. Во нашиот случај, горди сме на одличната координација со нашите партнери, ДЗС и МФ, коишто денес се овде со нас. Значаен натамошен исчекор ќе биде ставањето во функција на т.н. систем на интегрирана координација на составување на владината статистика, со податоци во реално време, достапни за сите три институции. Во крајна линија, ова би значело поконзистентни фискални, финансиски и макроекономски статистички податоци.
И покрај силината на глобалната криза, процесите на иновации и дигитализација продолжија и во посткризниот период, а во голема мерка се изразени и во финансиската индустрија. Ваквата дигитализација и иновативност на финансиските услуги наметнува нови предизвици за нивно статистичко следење и мерење. Воедно, во статистичкиот свет сѐ поголем е бројот на иницијативи за активно користење на т.н. „масовни податоци“ (англ. big data), нова парадигма којашто ги менува профилите и на носителите на статистиките, статистичките процеси, но и целокупната економска и финансиска анализа. Статистичарите во глобални рамки сѐ повеќе експериментираат со големи структурирани и неструктурирани податоци, чијшто извор сме сите ние како индивидуи, а коишто се добиени компјутерски. Сѐ повеќе се истражува можноста овие податоци да се користат како иновативен извор за официјалната статистика. Предизвиците на овој план се разбира дека се големи, со оглед на потребата да се оценат точноста, одржливоста и методолошките основи на овие системи на податоци, како и потребата да се изнајдат човечки ресурси и соодветни технологии за управување со нив.
Последно, но не и најмалку важно, се вложувањата во подобрување на процесот на дисеминација и на споделување на статистичките податоци со јавноста. Тоа е повторлив циклус во кој постојано вложуваме напори за подобра комуникација, и тоа преку спроведувањето анкети за задоволството на известувачите и корисниците, преку редовното објавување на статистички соопштенија за јавност. Наскоро ќе биде пуштен во употреба и нов статистички веб-портал за надворешни корисници ‒ „НБСтат“. Овој веб-портал ќе претставува модерна статистичка алатка создадена за интерактивна комуникација со корисниците, којашто значително ќе ги прошири нивните можности за анализа на податоците на нашата централнобанкарска статистика.
Потврда на нашите залагања за унапредување на дисеминацијата на податоците е и пристапувањето на нашата држава кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на Меѓународниот монетарен фонд ‒ СДДС плус, со што на почетокот на оваа година станавме една од до моментов деветнаесет земји во светот чија статистика е усогласена со овој највисок статистички стандард.
Почитувани,
Голем дел од посткризните иницијативи во областа на статистиката се заокружени и глобално и кај нас, или, пак, активно се работи на нивното спроведување. Но очигледно е дека окружувањето е динамично и постојано наметнува потреба за промени во архитектурата на податоците на централните банки. Како што во една прилика истакна и Марио Драги: „Нема сомнение дека добро воспоставената статистика во европски рамки и натаму ќе ја обезбедува „големата слика“ за економските движења, но потребно е сите ние, постојано да нудиме и лупа со која редовно, добро и прецизно се гледаат деталите на „сликата“[1]“. Гледањето на деталите овозможува подобро разбирање на економските феномени и истовремено ја зголемува нашата флексибилност за да одговориме и на неочекуваните потреби на корисниците на статистички податоци.
Сигурна сум дека ние, главните носители на статистички истражувања секогаш ќе бидеме подготвени за да одговориме на новите предизвици. Изработката и дисеминацијата на статистички податоци во согласност со најновите европски стандарди се и верувам секогаш ќе бидат наша стратегиска определба. Во нашава современост, повеќе од јасна ни е пораката од таткото на статистиката, Карл Пирсон дека: „Статистиката е граматика на науката“. Согледано од денешна перспектива, би додала: „И граматика на јазикот на кој треба да говорат и меѓусебно да се разбираат носителите на политики и одлуки“.
Ви благодарам за Вашето внимание.