Платните системи вклучуваат голем број директни и индиректни учесници, поради што се наметнува потребата за ефикасна интеракција на различни обезбедувачи на платежни услуги. Од друга страна, во остварувањето на ефикасноста на платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност инволвирани се различни јавни власти, вклучувајќи ги Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност и други релевантни институции. Соработката меѓу различните учесници и носители на политиките во доменот на платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност може да се постигне на различни начини, од размена на гледишта и информации до ad hoc или регуларни состаноци и заеднички делувања.

Во голем број на земји формирани се тела за соработка или совети за платни системи кои ги третираат прашањата за платните системи. Во многу случаи, овие тела станале и инструмент за поддршка на регионалната и интернационалната соработка во доменот на платните системи. Во таа насока, во октомври 2004 година е формиран Националниот Совет за Платни Системи на Република Македонија (сега: Националниот Совет за Платни Системи на Република Северна Македонија, во понатамошниот текст: НСП) со Спогодба за основање помеѓу гувернерот на Народната банка, Министерот за финансии и Претседателот на Здружението за банкарството и осигурувањето при Стопанската комора.

Согласно одредбите од Спогодбата, основната цел на НСП е да го поддржи постигнувањето на стабилен и ефикасен платен систем во Република Северна Македонија. Исто така, НСП служи како форум за соработка како во регионален, така и на поширок интернационален контекст во доменот на платните системи. Притоа, работата на НСП не навлегува во законските ингеренции и функции на Народната банка и Министерството за финансии. НСП го сочинуваат членовите кои се именувани од основачите на НСП. Со работата на НСП раководи претседател на НСП. Во случај на отсутност и спреченост на претседателот на НСП со работата на  НСП управува заменик- претседателот на НСП. Претседателот на НСП се именува и разрешува од страна на гувернерот на Народната банка. Заменик претседателот на НСП се именува и разрешува од страна на Министерот за финансии. Заради поефикасно остварување на целите и задачите, работата на НСП е организирана во работни групи, чиишто членови се експерти од конкретната област на платните системи којашто ја покрива работната група.

Прашањата коишто ги разгледува НСП се однесуваат на сите аспекти на платните системи во земјата,  од коишто произлегуваат следните задачи:

  • ја поттикнува соработката помеѓу учесниците и надлежните институции (регулатори) во доменот на платните системи;
  • покренува иницијатива до надлежните институции за донесување на прописи во врска со платните системи, а по потреба дава иницијативи за измени и дополнувања на постоечките законски и подзаконски прописи;
  • дефинира и предлага заеднички постапки во платниот промет со цел единствена примена на законски прописи од различни подрачја;
  • го следи развојот и врши промоција на заеднички инцијативи кои се насочени кон имплементација на нови услуги во платниот промет;
  • учествува во подготовка на Стратегискиот документ за развојот на платниот систем во Република Северна Македонија;
  • ја поттикнува и следи имплементацијата на реформите во платните системи во Република Северна Македонија;
  • ги утврдува проблемите кои настануваат во одвивањето на платниот промет во земјата и предлага решенија за нивно отстранување;
  • по потреба разгледува индивидуални проекти кои треба да бидат започнати и имплементирани и по истите може да даде мислење;
  • врши промоција на стандардизација на процедури и системи во склад со аспирациите на Република Северна Македонија во идните евро-атлански интеграции;
  • укажува на монополски појави во платниот промет и ги афирмира пазарните принципи на функционирање;
  • врши промоција на познавањето на прашањата поврзани со платните системи во земјата, и
  • врши промоција на регионалната и интернационалната соработка на сите активни институции во платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност.

Од широкиот опфат на задачите произлегува дека НСП претставува еден вид на инструмент на надгледувачката функција на Народната банка. Исто така, НСП претставува и форум кој гарантира стратешки пристап кон прашањата за развој на платните системи.

Стратегија за развој на платниот систем на Република Северна Македонија

Спогодба за основање на НСП

Деловник за работа на НСП

Членови во Националниот совет за платни системи на Република Северна Македонија   

Контакт листа на членови во работните групи на НСП 

Заклучоци и препораки на НСП