БИОГРАФИЈА

Маја Кадиевска-Војновиќ 

вицегувернерка на Народната банка на Република Македонија

Г-ѓа Маја Кадиевска-Војновиќ од јули 2011 година e вицегувернер на Народната банка на Република Македонија, одговорна за Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи и е извршен член на Советот на НБРМ. Таа е претседател на Комитетот за инвестирање на девизните резерви, претседател на Комитетот за управување со активата и пасивата на НБРМ и член на Комитетот за оперативна монетарна политика. 

Маја Кадиевска-Војновиќ има 16-годишно професионално искуство во областа на макроекономскиот менаџмент, монетарната и фискалната политика. Својата кариера ја започна во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. Учествуваше во процесот на воспоставување на проекциите на НБРМ и беше задолжена за проекциите на БДП, на инфлацијата и на билансот на плаќања. Активно учествуваше во креирањето на насоките за поставеноста на монетарната политика, во изработката на редовните извештаи на НБРМ и во дискусиите со ММФ и агенциите за кредитниот рејтинг. Нејзината кариера е богата со научно-истражувачки трудови од областа на фискалната и монетарната политика, макроекономските трендови поврзани со секторот „население“, инвестициската активност во РМ и анализи на надворешната позиција на економијата, надворешната солвентност и адекватноста на девизните резерви на РМ. Во својата професионална кариера, г-ѓа Маја Кадиевска-Војновиќ посетила триесетина стручни обуки од областа на макроекономијата и финансиите и учествувала, како панелист и учесник, на повеќе од 40 меѓународни научни и стручни конференции, организирани од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Системот на федерални резерви на САД, централните банки на Англија, Швајцарија, Германија и други земји од Европа, Азија и од регионот. Надвор од професионалната кариера во Народната банка на Република Македонија, г-ѓа Маја Кадиевска-Војновиќ во 2011 година беше претседател на Комисијата за решавање по жалби од областа на пазарот на хартии од вредност, а има предавано како гостин на повеќе факултети и настани на непрофитни институции во Скопје. Поседува диплома МБА од Универзитетот Шефилд.

Како надлежен вицегувернер на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи, во рамки на нејзиниот мандат успешно се завршија повеќе значајни проекти со коишто се придонесе за јакнење на институционалниот капацитет и поефикасно остварување на стратегиските цели на Народната банка. Во областа на монетарната политика, значаен белег е развојот на новата оперативна рамка насочена кон поголема флексибилност и спроведување на промените во инструментите на монетарната политика со цел да се одржи макроекономската стабилност во земјата, да се поддржи економскиот раст и деевроизацијата на земјата. Во врска со управувањето со девизните резерви, важен проект, под нејзин надзор, е вклучувањето на Народната банка во Програмата на Светската банка за советување и управување со девизните резерви (Reserve Advisory and Management Program – RAMP), со кој се овозможи спроведување на најдобрите практики и градење институционални капацитети во сите аспекти на управувањето со девизните резерви. Во врска со платните системи, значаен проект беше воспоставувањето на врската на домашниот МИПС со системот ТАРГЕТ 2, којшто е единствената заедничка платформа на Евросистемот, со цел Република Македонија да има корист од намалени давачки за прекугранични електронски платежни трансакции. Нејзиниот мандат беше одбележан со спроведување проекти насочени кон повисоко ниво на дигитализација на македонското општество. Таа беше претседател на Работната група за изработка на Стратегијата за намалување на готовинските плаќања во земјата. Во рамките на Банката, значаен е проектот за воспоставување електронско банкарство за вршење на платниот промет со странство за целите на државата и државните органи.