Истражувачката активност на НБРМ

Зошто правиме истражувања?

Истражувачката активност во НБРМ има долга традиција и историски гледано постојано се унапредува. Постојат две главни причини за нашите истражувања, кои впрочем се вообичаени за истражувачката активност на централните банки. Најнапред, истражувањата го помагаат процесот на донесување на одлуки во доменот на монетарната политика, политиката на девизен курс, финансиската стабилност и макро-прудентната политика, како и во другите домени од делокругот на работење. Второ, преку истражувања на одделни економски прашања, се поттикнува академска дебата и се прошируваат знаењата од различни области од значење за водењето на макроекономските политики.

Развојот на истражувачката дејност во областите коишто се од клучно значење за ефикасно остварување на целите на НБРМ, воедно, е наведен како една од стратегиските цели во рамки на Стратегијата на НБРМ.

Кои предуслови се потребни за квалитетни истражувања?

Еден од основните предуслови за истражувачка активност е развивање и одржување на бази на податоци. Во овој контекст, доаѓа до израз поврзаноста на статистичката и истражувачката активност на НБРМ. Покрај податоците кои се изработуваат во НБРМ, статистичките бази на податоци вклучуваат и податоци од надворешни (домашни и странски) извори. Долгите серии на податоци претставуваат солидна подлога за издржани заклучоци за движењата на анализираните варијабли.

Покрај статистичките серии, некои од истражувањата базираат и на спроведени анкети, како што се Анкетата за инфлациските очекувања и Анкетата за кредитната активност на банките, кои се спроведуваат веќе подолг временски период, како и Анкетата за согледувањата на банките за ризиците при нивното работење. Во зависност од потребите, понекогаш се спроведуваат и наменски анкетни истражувања.

Еден од основните предуслови за нашите истражувања е унапредување и примена на различни техники на истражување, почнувајќи од најосновните статистички техники на анализа, па се до современи економетриски техники, коишто бараат и примена на посебни софтверски пакети. Треба да се истакне дека НБРМ, историски гледано, предводи во изградбата на макроекономски модели во Македонија и воедно активно ги користи поставените модели како една од многуте алатки во процесот на донесување одлуки.      

Во оваа низа на предуслови не смее да се заборави човечкиот потенцијал, како клучен фактор за квалитетни истражувања. НБРМ постојано инвестира во одржување и развој на аналитичкиот и истражувачкиот капацитет на своите вработени, преку соодветни обуки, а  посебно внимание се посветува и на интеракцијата како со домашните, така и со странските институции кои се занимаваат со истражувања. Во последните години на редовна основа се организира годишна меѓународна истражувачка конференција и редовни квартални сесии на Клубот на истражувачи, како можност за размена на искуства со јавноста во областа на истражувањата.

Како се одлучува за истражувачките теми?

НБРМ редовно ги следи трендовите во централното банкарство. Следствено, дел од истражувачките теми се однесуваат на актуелни истражувачки прашања, а дел се насочени кон фундаментални прашања, како и поддршка на процесот на одлучување и водењето на политикитеСепак, при дефинирањето на истражувачките теми, примарно е да се во функција на водењето на политиките. Основните истражувачки области се дефинираат во рамки на Програмата за истражувачка активност која се изработува секоја година за следниот тригодишен период, со придонес од сите сектори и организациски единици, а која се усвојува од страна на Советот на НБРМ. Во рамки на истражувачките области, конкретните истражувачки прашања подетално се утврдуваат во годишната Програма за работа на НБРМ, којашто исто така се усвојува од Советот на НБРМ. Воедно, дел од истражувачките теми се наметнуваат во секојдневното работење според својата актуелност и следствено не мора да се дел од Програмата за истражувачка активност. Иницијативата за нови истражувања може да дојде од раководните структури или од истражувачите. Целокупната истражувачка активност е уредена со интерни акти, при што процесот на одобрување и објавување базира на примена на стандарди од меѓународната пракса. 

Каде се објавуваат истражувањата?

Истражувачката активност на НБРМ се согледува низ повеќе публикации:

  • Редовните извештаи на НБРМ содржат анализа на основните показатели од значење за водењето на политиките. Повремено, редовните извештаи вклучуваат и кратки анализи на одредени теми во рамки на Прилозите;
  • Истражувачките материјали содржат осврт на одредени истражувачки прашања и најчесто базираат на примена на современи истражувачки техники или анкетни истражувања. Вообичаено се авторски трудови и задолжително содржат изјава на авторите дека презентираните ставови се лични и не мора да соодветствуваат со ставовите на НБРМ;
  • Анализите содржат осврт на одредени истражувачки прашања или дискусија на одделни аспекти на политиките, при што ставовите можат да бидат на авторите (што е соодветно назначено) или на НБРМ;
  • Други материјали, вклучително и соопштенијата за јавноста за работењето на КОМП исто така вклучуваат наоди кои базираат на истражувања, макроекономските проекции, како и одлуките од доменот на монетарната или макро-прудентната политика се базирани на истражувања од соодветната област.  

Динамичното и комплексно окружување наметнува потреба од квалитетен аналитички и истражувачки потенцијал. Следствено, НБРМ и натаму ќе продолжи да ја поддржува и унапредува истражувачката активност.