Аукции на благајнички записи

Основната функција на инструментот е управување со ликвидноста на банкарскиот систем преку продажба на краткорочни хартии од вредност од страна на НБРМ на примарниот пазар. Каматната стапка на благајничките записи е основна каматна стапка, којашто ја определува насоката на монетарната политика.

Аукциите на благајничките записи се одржуваат во редовни термини, а износот на продадени благајнички записи се утврдува во зависност од краткорочните ликвидносни проекции (на подолг рок, зависи од Проекцијата на монетарната политика). Право на учество на аукциите имаат сите банки.

Рокот на достасување на благајничките записи е 28 или 35 дена, во зависност од времетраењето на периодот на задолжителната резерва, што е во согласност со месечниот циклус на промени на автономните фактори (депозити на држава, готови пари во оптек). Во зависнот од потребите за управување со ликвидноста на банкарскиот систем, НБРМ може да примени други рокови на достасување на благајничките записи.

НБРМ применува два основни типа тендери кај аукцијата на благајнички записи:

a) Тендер со каматни стапки: во проспектот што се упатува до банките, НБРМ го објавува износот на благајнички записи што го нуди за продажба, а банките аукцираат со износи и каматни стапки;

б) Тендер со износи: во проспектот што се упатува до банките, НБРМ објавува фиксна каматна стапка по која ќе се реализира продажбата на благајничките записи, а банките аукцираат само со износи.

Со благајничките записи може да се тргува на секундарниот пазар и служат како обезбедување за кредитите од централната банка.