Почнувајќи од октомври 2017 година НБРМ воведува промена во досегашното анкетно истражување „Анкета за инфлациските очекувања“. Новото анкетно истражување „Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП“ се разликува од досегашното главно во два аспекта – промени во примерокот кој сега е составен само од економски аналитичари и проширување на предметот на анкетата, а со цел поголема усогласеност со практиката на Европската централна банка (ЕЦБ). Исто така, се очекува новата структура на истражувањето да обезбеди резултати коишто понатаму би претставувале значајни квалитативни податоци во изработката на анализите и проекциите за состојбата во економијата, како и при формулирањето на одлуките за поставеноста на монетарната политика. Во поглед на предметот, главните квалитативни промени се однесуваат на: 1) проширување на анкетата преку вклучување прашања поврзани со очекувањата за економскиот раст; и 2) утврдување на веројатностите за остварување одредена стапка на инфлација, односно БДП. Овие промени, исто така, соодветствуваат со структурата на кварталниот прашалник за професионални прогнозери на ЕЦБ.